Ценкање околу Турски поток | Економија | DW | 09.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ценкање околу Турски поток

Претседателите на Русија и на Турција во Санкт Петерсбург ги расчистуваат проблемите во односите на двете земји и повторно го оживуваат проектот за гасовод. Но, има и еден проблематичен момент, смета Андреј Гурков.

Повторното заживување на проектот за гасовод Турски поток веројатно ќе биде најконкретниот резултат на денешната средба меѓу Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган. Претседателите на Русија и на Турција, освен тоа, ќе се декларираат и во прилог на изградбата на првата турска атомска централа Акују, која значително доцни.

Инаку, краткорочно договорената средба главно треба да го манифестира крајот на ледениот период во односите на двете земји. Нивните авторитарни владетели своевремено договорија брзо билатерално зближување, но лани во ноември дојде до крах поради конфликтот на интереси во Сирија и соборувањето на руски воен авион од страна на турското воено воздухопловство. Сега двајцата државници ќе сакаат на своите народи и на целиот свет, особено на ЕУ, да им покажат оти спорот е надминат. За Москва и за Анкара е важно на Брисел, Париз, Берлин и, се разбира, на Вашингтон да им испратат сигнал: Ние и те како можеме да бидеме пријатели и без вас или дури и против вас.

Игра на домашен терен за наводниот победник Путин

Особено е симболично дека размената на мислења и прокламирањето пријателство нема да се случи на неутрален терен, на пример на маргини на самит на Г20. Гордиот ориентален владетел Ердоган, кој неодамна веќе се извини за соборувањето на авионот и за смртта на рускиот пилот, специјално доаѓа во Русија, згора на тоа уште и во родниот град на Путин. Ова го засилува впечатокот дека од тој конфликт рускиот претседател излегол како победник – како политички, така и економски. Тој го сакаше гасоводот Турски поток - ќе го добие.

Само, прашање е во каква форма и по која цена? И тука Ердоган може да се покаже како потаен победник. Доколку денеска падне решение за гасовод со еден, а не со два цевковода, Анкара би била во предност, или поточно тоа повеќе би било на штета на Москва и првенствено на Газпром.

Промашена замена за Јужниот поток

Накратко за предисторијата: Кремљ од пред неколку години прави се` за да му стави крај на транзитот на руски гас низ Украина кон запад, во ЕУ, но има и крак кон југ. Тој оди преку Молдавија, Романија и Бугарија, а го снабдува и западниот, европски дел на Турција. Првобитно требаше транзитот преку Украина да биде заменет со гасоводот Јужен поток, со 4 цевководи и вкупен капацитет од 63 милијарди кубни метри гас годишно. Тој гасовод требаше да биде поставен од руското пристаниште Анапа, по дното на Црно море до Бугарија и оттаму кон Австрија. Но, дојде до конфликт со Брисел оти проектот ги крши правилата на ЕУ.

Gurkov Andrey Kommentarbild App

Андреј Гурков

Путин по една средба со Ердоган во Анкара во декември 2014. година одненадеж објави пренасочување на црноморскиот гасовод во правец на западна Турција. Од таму три од четирите цевководи требаше да водат кон Грција, значи до границите на главниот купувач на рускиот гас – ЕУ. Така се роди проектот Турски поток. Но, наскоро дојде до застој. Турција одеднаш веќе немаше интерес за транспорт на големи количества руски гас и само сакаше еден цевковод за задоволување на сопствените потреби. Потоа уследи и соборувањето на рускиот бомбардер и повеќе од половина година владееше впечаток дека проектот е мртов.

Анкара инсистира на најнеекономичната варијанта

Но, не е, сега повторно ќе биде оживеан. Проблематичен момент е за колку цевководи сега станува збор? Одамна веќе не се зборува за четири. А само една цевка со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри би била најскапата, со тоа и најнеповолната варијанта за Газпром. Рускиот државен концерн ќе мора да земе кредит од повеќе милијарди долари за да постави, споредено со можностите, релативно мал гасовод низ длабокото Црно море и да ја изгради целата инфраструктура на турскиот брег. И сето тоа само со цел да се замени еден надземен гасовод кој добро функционира.

Втор цевковод не би го направил Турскиот поток економичен, но барем би носел поголеми приходи, оти Газпром би можел преку планираниот гасовод Посејдон да ги снабдува Грција и Италија. Мехмет Шимшек, заменик-премиер на Турција, при неодамнешната посета на Москва изрично зборуваше за еден цевковод. Тоа не звучи како голема готовност на Анкара за компромис.

Газпром мора да им се подреди на политичките цели

Значи, апсолутно е можно наводниот победник Путин, целосно фиксиран врз геополитичката цел по секоја цена да ѝ го одземе на Украина транзитот на гас, да му наложи на Газпром товар, кој во време на празни каси ќе може да го носи само со крајни напори. Државниот концерн речиси истовремено треба да го постави и Северниот поток 2 преку Балтичкото море со годишен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас.Наводниот губитник Ердоган, напротив, на руски трошок би добил нов подморски гасовод, кој не е подложен на транзитни ризици, а со тоа и трајно поевтин гас, оти би отпаднале сегашните трошоци за транзит низ повеќе земји. Освен тоа Анкара би си обезбедила и најголема благодарност од Азербејџан. Тој близок регионален сојузник веќе го поставува низ Турција гасоводот ТАНАП и воопшто не му се од интерес конкурентски руски проекти за снабдување со гас на јужните држави на ЕУ.

Реклама