Целите на новата германска влада – во нив е и Западен Балкан | Информации и анализи за Германија | DW | 25.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Целите на новата германска влада – во нив е и Западен Балкан

СПД, Зелените и ФДП постигнаа коалициски договор. Што вели документот од 178 страници за надворешната и безбедносната политика, за миграција и развој? Експлицитно се споменува и Балкан и С. Македонија.

„Храброст за поголем напредок: коалиција за слобода, правда и одржливост“ – вака е насловен документот за постигнатиот  коалициски договор  на социјалдемократите, зелените и ФДП по речиси два месеци преговори. Договорот на 178 страници е поделен во десет поглавја. На почетокот се ставени образование и дигитализација, а по нив следи заштитата на климата. Првата реченица во овој дел гласи: „Нашата економија со нашите компании, вработените и потрошувачите ги поставува темелите на нашиот просперитет.“ Формулација со која се опишува она за кое коалициските партнери успеаја да се усогласат – заштитата на климата и зачувување на просперитетот не смеат меѓусебно да се исклучуваат.

Значително повеќе ветерници и соларни кровови

Во договорот се проценува дека Германија ќе има зголемена побарувачка на струја - 750 тераватчасови. Но, целта на досегашната влада останува – до 2030 година да се намали емисијата на ЦО2 за 55%. Значително треба да се забрза изградбата на ветерни и соларни електрани: наместо досегашните 65%, до 2030 година 80% од струјата треба да биде произведена од обновливи извори на енергија. Многу амбициозна цел.

Соларни кровови за комерцијални објекти ќе станат обврска, а за приватните згради задолжително правило. Со тоа треба за три пати да се зголеми производството на соларна енергија. Во моментов во Германија има 31.000 ветерници. Нивниот број треба да се зголеми за седум пати, а нивната изградба би требало да има предност пред целите за заштита на природата.

Зелените треба да го постигнат речиси невозможното

Со енергетската транзиција ќе се занимава новото министерство кое ги обединува ресорите економија, заштита на клима и делови од досегашното Министерство за животна средина и ќе биде водено од Зелените.

Според коалицискиот договор, последната термоелектрана на јаглен „во најидеален случај“ треба да биде затворена во 2030 година. Неодредената формулација „во најидеален случај“ покажува дека Зелените не успеале да ги „победат“ социјалдемократите и либералите кои преферираат подолг рок за користењето на јаглен. Шефот на ФДП Кристијан Линднер го опиша ова како „најамбициозната програма за заштита на климата“ од сите индустриски нации. Границите ги одредува само физиката, вели Линднер и додава: „Она што е политички и економски остварливо е опишано во овој договор.“

Albertshof, Deutschland | Windräder

Енергетската транзиција, една од клучните цели на идната германска влада

Надворешната политика на последните страници, но тука е и Балкан

По поглавјето посветено на климатската заштита, следат различни внатрешно политички теми. Дури во седмото поглавје се зборува за „ Одговорноста на Германија за Европа и светот.“  На 28 страни е опфатена оваа тема која е поделена во три подтеми – „Европа“, „Интеграција, миграција и бегалци“, како и „Надворешни работи, безбедност, одбрана, развој, човекови права.“

Идната влада најавува укинување на работните дозоли за стручна работна сила од балканските земји, како и отворање можности за вработување и неакадемски образовани луѓе од тие земји под услов да имаат конкретна понуда за работа.

Паѓа во очи што подрачјето на  Западен Балкан  се споменува во првиот дел од поглавјето, каде се зборува за европски партнери. Тука се вели: „Го поддржуваме процесот на приклучување кон ЕУ на шесте земји од Западен Балкан и за тоа потребните реформи за исполнување на Копенхашките критеруми. Во рамки на тоа и јакнењето на цивилното општество, и ги поддржуваме натамошните чекори на приближување. Како следен чекор мораат да бидат отворени првите поглавја за преговорите за пристап кон ЕУ на Албанија и  Северна Македонија,  донесена одлука за визна либерализација со Косово и продолжени преговорите со Црна Гора и Србија. Го поддржуваме дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија под водство на ЕУ и настојувањата за траен мир во БиХ врз основа на зачувување на територијалниот интегритет и надвладување на етничките поделби. Паралелно со пристапните преговори, ЕУ мора да ја подобри способноста за прием на нови членки.“

Спротивно на некои гласини од последниве недели, и во иднина ќе постои  Министерство за економска соработка и развој (БМЗ). Со тоа ќе се нагласи улогата на Германија и нужноста од хуманитарен ангажман на земјата. Овој ресор ќе го преземат социјалдемократите, кај кои ќе припаднат и министерствата за одбрана и внатрешни работи. Министерството за надворешни работи го преземаат Зелените. ФДП не е директно вклучена во надворешната политика или на интернационално ниво.

Потребна е стратегија за Кина

Во коалицискиот договор се споменуваат и актуелни надворешно политички теми. Поддршката за демократското движење во Украина е потврдена. Без споменување на Русија во реченицата, експлицитно се бара „итно прекинување на обидите за дестабилизација на Украина, насилството во Источна Украина и нелегалната анексија на Крим.“

Во коалицискиот договор во голем дел се зборува и за Кина и се споменуваат конкуренцијата и системското ривалство. За во ова ривалство на системите да може „да се остварат нашите вредности и интереси“ потребна е опсежна стратегија за Кина во рамки на заедничката политика на ЕУ кон Кина, пишува во договорот.

Јакнење на меѓународната соработка

„Безбедноста на Израел за нас е од државно значење“ пишува во коалицискиот договор на идната германска влада, исто како што стоеше и кај досегашната. Се поттикнува соработка меѓу израелската и германската младина.

Во однос на Турција се укажува на „внатрешнополитичкиот развој кој предизвикува загриженост и надворешно политички тензии“, поради што идната германска влада нема да се залага за отворање на нови разговори за пристапување на Турција во Европската Унија.

Новата влада исто така сака зајакнување на Обединетите нации како важна институција за меѓународниот поредок – во договорот во повеќе наврати се нагласува важноста на мултилатерализмот и соработката меѓу државите. За тоа Германија ќе се залага и за време на претстојното претседателствување со групата Г7.

Поголемо заедништво во Европа

Коалицијата на СПД, Зелените и ФДП се залага за „заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика во Европа“. Европската унија би морала поспособно да делува на меѓународно ниво и да настапува посложно. Се споменува и посилна соработка на националните војски, заеднички командни структури и заедничка цивилно – воена команда.

Во документот се појавува и една одбранбено-политичка тема која е актуелна од крајот на август. Истражната комисија на Бундестагот би требало да се позанимава и со мисијата за евакуација од Авганистан, а една истражна комисија ќе ја разгледа целата 20- годишна мисија на германските војници во таа земја. Тоа би требало да помогне околу обликување на идните ангажмани на германската војска во странство.

Гледај видео 02:55

Во Германија недостигаат 80.000 возачи

Да се укине забраната за работа

Во однос на миграциската и интеграциската политика, новата коалиција сака да ја обликува Германија во „модерна доселеничка земја“. Миграцијата треба да се дизајнира „проактивно и реално“, а „нерегуларната миграција“ би требало да се намали. Доделувањето на визи би требало да се забрза и да се дигитализира. „Ќе ја укинеме забраната за работа на оние кои веќе живеат во Германија,“ се вели во договорот.

Еден пасус при крајот на коалицискиот договор е чувствителен и се однесува на европската политика. Таму се вели дека Зелените може да именуваат комесарка или комесар во Европската комисија ако претседателката на комисијата не е од Германија. Според еден одговор на идниот канцелар Олаф Шолц на прашањето во врска со тоа, одредени набљудувачи заклучуваат дека новата влада не би поддржала втор мандат на актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

 

Поврзана содржина