Хрватски новинари добиваат закани со убиство | Свет | DW | 28.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хрватски новинари добиваат закани со убиство

„Репортери без граници“ ја критикува Хрватска: состојбата со слободата на печатот е многу влошена. Многу новинари во земјата се соочуваат со закани. Двајца од нив за ДВ раскажуваат како живеат со тоа.

Приказната требало да биде убава - ТВ-репортажа за успешна интеграција на бегалец од Нигерија, кој во Загреб има ресторан со африкански специјалитети. Тој добил азил во Хрватска и тука пронашол своја нова татковина. Но, работата излегла сосема поинаку од планираното. Неколку часа по објавувањето на репортажата на хрватската телевизија ХРТ, авторката Маја Север добила закани со убиство, анонимно, преку Фејсбук.

„Ја отворив пораката, кусо размислував каков ли е тоа човек кој се заканува на друг човек дека ќе го убие. Но, не размислував предолго, туку веднаш направив скриншот и поднесов пријава во полиција“, вели познатата хрватска телевизиска новинарка. Авторот на пораката, кој се покажа дека е Хрват кој живее во Белгија, ѝ се заканува на Маја Север дека ќе ја убие затоа што рекламирала „мултикултурна политика“.

Screenshot Twitter Morddrohung gegen Maja Sever (Twitter/SeverMaja)

Закани на Твитер кон Маја Север

Освен тоа, таа во пораката е навредувана. И тоа не е првпат. Сепак, вели дека не се плаши. „Секоја закана ќе ја објавам јавно. Јавноста треба да види на каков притисок сме изложени ние новинарите секојдневно и тоа само затоа што си ја вршиме работата. Ги охрабрувам своите колеги да го сторат истото. Сите треба да преземеме нешто, тоа е наша обврска!“

Сѐ побрутални напади

Во Хрватска отсекогаш имало закани кон новинари. Меѓутоа сега, со социјалните мрежи, тие станаа повидливи. И, очигледно - побројни и побрутални. Според наводи на Хрватското здружение на новинари (ХНД) во 2017 година се регистрирани 12 тешки закани (со убиство) и телесни напади врз хрватски новинари.

Една од жртвите е и Наташа Божиќ. Во својата ТВ-ретроспектива за телевизијата Н1 таа во едно интервју на почетокот на декември праша дали хрватската претседателка би требало да му ги одземе на осудениот воен злосторник Слободан Праљак неговите воени ордени. Оправдано прашање, кое меѓутоа не му одговараше секому:

Screenshot Twitter Morddrohung gegen Natasa Bozic (Twitter/Najtasa)

Закани на Твитер кон Наташа Божиќ

„Бев вџашена, се чувствував огорчено поради целата омраза на социјалните мрежи во рок од само еден до два часа по интервјуто. На почетокот сакав да ги игнорирам навредите“, вели Наташа Божиќ. „Меѓутоа, многу брзо сфатив дека не се работи само за вообичаени шовинистички забелешки, туку и за отворени закани. Еден сосема непознат маж ми имаше напишано дека треба да ми биде скината главата.“

Лесна задача за полицијата

Лицето кое се заканувало ја објавило заканата со убиство на својата Фејсбук-страница. Под своето вистинско име. На полицијата не ѝ било тешко. Тој е брзо фатен, призна сѐ и сега чека на судски процес. Во најлош случај му се заканува казна затвор во траење до пет години.

Многумина се чуствуваат сигурно затоа што на интерет остануваат анонимни. Очигледно со право, се жали претседателот на Хрватското здружение на новинари, Саша Лековиќ: „Полицијата по правило ги фаќа само оние кои не го кријат својот идентитет. Затоа само еден мал дел од пријавените случаи завршува пред суд. А процесите завршуваат често со условни казни. Тоа не е доволно, зашто пораката е јасна - дозволено е да се напаѓаат новинари, вербално, но и физички.“

Лековиќ вели дека е незадоволен од реакциите на хрватската правна држава. Извршителите би требало да се гонат поодлучно.

Kroatien Staatlicher TV Sender in Zagreb (Imago/Pixsell)

Јавниот сервис во Хрватска функционира како „Јутјуб-канал на власта“, се потсмеваат медиумските критичари

Големо влошување на слободата на печатот

Состојбата на хрватските новинари и медиуми е значително влошена генерално. Тоа произлегува и од најновата ранг листа на „Репортери без граници“ за слобода на печатот за 2017 година. Од сите држави членки на ЕУ, најголемо влошување има во Хрватска - полоша позиција на ранг листата за цели 11 места во споредба со лани. Сега Хрватска се наоѓа на 74. место и е полоша од соседните земји, како што е Србија, која не е членка на ЕУ.

Повеќе на темата:

Опасниот живот на новинарите

Меѓународен ден на слободата на печатот: апсени, мачени, убивани

„Репортери без граници“ ја критикува, меѓу другото, реториката на политичарите која е непријателска кон медиумите, како и политичкото влијание на национално конзервативната влада врз јавнот сервис. Такво политичко влијание и не е нов феномен - поранешната централно-левичарска влада исто така се обиде да си обезбеди подобро известување преку персонални рокади во ХРТ. Медиумските критичари се потсмеваат дека јавниот сервис во Хрватска во меѓувреме функционира како „Јутјуб-канал на власта“.

DW.COM

Реклама