Хрватите сѐ понезадоволни од ЕУ | Информации и анализи за Балкан | DW | 31.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Хрватите сѐ понезадоволни од ЕУ

Пет години по влегувањето на Хрватска во ЕУ, довербата на хрватските граѓани во Унијата е сѐ помала. Експертите сметаат дека Хрватите не почувствувале подобрување во својата земја па масовно се иселуваат.

Најновото истражување за расположението кај населението во Европска унија кон оваа организација, според т.н. Еуробарометар, не резултираше со позитивни сознанија кога станува збор за најмладата земја членка. Дотолку повеќе, како што е објавено пред неколку дена, во поголемиот дел од членките наклоноста кон ЕУ во просек расте, додека во Хрватска забележително опаѓа. На пример, дури 60 отсто од граѓаните во сите 28 членки на ЕУ сметаат дека тоа членство е пожелен и од нивен агол значаен факт. Но, во Хрватска денес така размислуваат само 36 насто од граѓаните, што претставува пад за цели 7 проценти во однос на податоците обработени во исто време минатата година. Освен тоа, индикативен статистички показател е и оној кој открива оти 49 отсто од хрватските испитаници имаат неутрален однос кон тоа прашање. Тоа значи дека приближно половина од граѓаните се индиферентни кон членството на својата земја во ЕУ, или го доживуваат како состојба која е подеднакво и добра и лоша. Сепак, наредната несомнено поразувачка белешка на Еуробарометарот покажува оти дури 46 насто од анкетираните граѓани во Хрватска веруваат дека работите во ЕУ се одвиваат во лоша насока. Сето тоа е причина да се постави прашањето од каде е таквиот негативен став на хрватската јавност или, попрецизно кажано,  да се побара мислење од одделни научници.

Разочараноста и недовербата се логични

Падот на довербата кон ЕУ не е ни најмалку изненадувачка вест“, констатира Берто Шалај од Факултетот за политички науки во Загреб. Тој укажува дека чувството на припадност и взаемност со некоја широка заедница се создава најпрво низ економски и социјални канали: „ЕУ не функционира така во пракса, не ни обезбедува на пример квалитетно здравство и образование или социјална служба, напротив. Здравството веќе со години се влошува, додека за образованието само зборуваме, а пензионерите страдаат од сѐ полош животен стандард. Ако не добиете солидарност од некој кој е посилен, не може за возврат да се очекува ни припадност кон него. Но, тоа е само еден дел од проблемот.“

Der kroatische Politologe Berto Salaj (Igor Lasic)

Берто Шалај

Другиот проблематичен аспект, според загрепскиот политиколог, се однесува на заедничкото одлучување за важни политички прашања и за сопствената судбина во рамки на ЕУ. Хрватските граѓани ни во својата земја не се навикнати на задоволително ниво на демократија, но ЕУ тоа уште дополнително го намали.

„Очигледно дека Брисел ги тргна механизмите за донесување одлуки подалеку од луѓето, и тоа не само во Хрватска“, продолжува Шалај, „бидејќи Европскиот парламент за ништо не се прашува, и затоа тие разочараност и недоверба се логични. Тоа е добар одговор на сите кои се чудат зошто во Хрватска расте популарноста на една т.н. евроскептична партија која бара излез од ЕУ, без разлика на нејзината компетенција.“

Народот „гласа“ со миграции

„Хрватска, па и добар дел од ЕУ, во моментов се наоѓаат меѓу технократија и популизам. Меѓу експертски и дистанцирани појави како, на пример, Макрон, а кои наредуваат намалување на работните права и кратење на потрошувачката, тврдејќи дека алтернатива не постои, и- од друга страна- струја како онаа која победи на изборите во Италија“, вели Берто Шалај за ДВ. А на прашањето каде е тука позицијата на хрватската наука, тој одговара оти имало повеќе истражувања за ефектите на ЕУ пред влезот на Хрватска во Унијата. Ова е само навидум парадоксално, бидејќи би требало да се знае дека во Хрватска тогаш имаше повеќе и пари за наука.

„Не сакам да бегам ни од нашата сопствена одговорност во академската заедница“, додава Шалај, „но објективно во системот на финансирање на науката го загубивме оној среден дел кој се занимава со сериозни проекти на кои не треба да се потрошат години и години. Од домашните извори и ЕУ-фондовите се финансираат главно мали работи, или оние големи, комплексни, долготрајни.“

Нашиот втор соговорник социологот на економија Тони Пруг, меѓутоа, смета дека причината за инертноста на хрватските научници во однос на темите од ЕУ-контекстот се крие во уште еден специфичен политички факт, поточно премолчениот консензус кај е важен дел од јавно-интелктуалната сцена.

Toni Prug (Privat)

Тони Пруг

„Либералната интелигенција не се впушта во критики на ЕУ поради страв од раст на национализмот и, како второ, затоа што сепак верува во вредноста на сѐ поотворениот пазар кој го промовира Брисел. Но, оваа сламка на спас е сѐ погорка, а проблемите кои ги донесува сѐ потешко можат да се сокријат. За почеток, народот гласа со миграции, а историски е втемелено дека на миграции луѓето не се одлучуваат без тешки неволји“, вели Пруг. Тој, притоа, смета дека и стандардните статистички показатели се развиени за да може, речиси маркетингшки, да ги прикријат маните на капиталистичките економии. Сѐ е многу јасно, на пример, кога ќе се каже оти хрватските граѓани трошат околу 29 насто од домашниот буџет за храна.

Лош модел на интеграција

„Бидејќи знаеме дека просекот на таа стапка во ЕУ е само 12 насто, а цените на храната во Хрватска се на 91 отсто од просекот на ЕУ. Со оглед дека примањата во Хрватска се ниски, логично е дека со тој трошок  остануваме без речиси една третина од платата, додека просечниот жител на ЕУ едвај надминува една десетина. Но како да ги сфатиме статистиките за трошоците за домување кои се најголем товар на секое наше семејство кое го нема решено тоа преку наследство“, се прашува овој независен аналитичар. „Денес во Хрватска, Загребачка банка, да речеме, огласува станбени кредити со камата од 3,72 насто. Нејзиниот сопственик, италијанската банка Уни Кредит нуди ист вид на кредити со камата од 1 до 2 насто“.

Тони Пруг укажува на лошиот модел на интеграции, кој ја продлабочува нееднаквоста: „Како брачните двојки да земаат кредити, кога и по влегувањето на ЕУ, уште поизразено сме меѓу земјите со најголема невработеност? Треба ли да се говори за заминувањето на кадри образувани со јавни финансии? Како што впрочем деновиве предупредува онкологот Весна Рамљак- Велика Британија и Ирска имаат мали квоти за специјализација, бидејќи знаат дека специјалисти ќе им дојдат од исток. Па зошто тогаш би трошеле на образованието на свои кадри“. Неспорно е дека притисокот во Евробарометрот не случајно токму годинава е уште поблиску до точка на пукање, барем во Хрватска, која имаше објективна несреќа да ѝ пристапи на ЕУ во најтежок момент.

 

DW.COM

Реклама