Хојт Ји: Во Македонија да се формира влада без одлагање | Северна Македонија | DW | 08.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Хојт Ји: Во Македонија да се формира влада без одлагање

Се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на мнозинството членови на парламентот што побрзо да формираат влада, порача заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Брајан Хојт Ји, во Загреб.

Политичките лидери во Македонија, вклучително и претседателот, да направат сѐ што е неопходно наскоро да се формира влада без натамошно одлагање, на начин кој е во согласност со Уставот на земјата. Ова, како што пренесува хрватската новинска агенција Хина, го изјавил Брајан Хојт Ји, заменик-помошник на американскиот државен секретар, за време на неговата посета на Загреб.
„Мнозинството во македонскиот парламент изразија волја да формираат влада. Се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на мнозинството членови на парламентот што побрзо да формираат влада. На државата и треба влада која мора да ги продолжи реформите“, изјавил Ји.

Високиот американски функционер потенцирал дека политичките партии мора да ги остават настрана своите тесни политички и лични интереси, благосостојбата на граѓаните да ја стават на прво место, и да не се држат круто до својата агенда и во одбивањето компромиси.
„На Македонија ѝ претстои многу работа, но прво мора да формира Влада, а ЕУ и САД соработуваат блиску за тоа да се случи. Сведоци сме на промени. Има страни кои сакаат да останат на власт и оние кои сакаат да дојдат на власт, во некои случаи и првпат. Природно и нормално е политичката напнатост да биде многу висока, реториката е многу силна, можеби не е прифатлива, но ние веруваме дека луѓето во Македонија сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ. За да се случи тоа, мора да дојде до политички консензус, компромис кој ќе овозможи формирање стабилна влада“, истакнал тој.

Модел за заштита

Пораката на Ји доаѓа во време кога политичката напнатост во Македонија е висока и придружена од националистичка реторика која ја зголемува тензијата во меѓуетничките реалции. Дополнително, довербата ја нарушуваат инциденти, како оној вчераутро, кога четири маскирани лица фрлиле молотови коктели во Музејот на албанската азбука во Битола, ги искршиле и прозорците и оставиле пораки со говор на омраза. Директорот на Музејот оцени дека инцидентот е поврзан со актуелната политичка ситуација. Чинот го осудија сите партии, како и шефот на државата, а албанското Министерство за надворешни работи апелираше македонските власти брзо да ги пронајдат и казнат сторителите на вандалскиот чин. Тирана ги повика сите страни да останат смирени и да ја запрат реториката против Албанците, која има за цел само да го оттргне вниманието од вистинските проблеми на земјата, да им наштетува на меѓуетничките односи во земјата и на нејзиниот евроатлантски пат.

Како што пренесуваат хрватските медиуми, токму за растечките тензии, дискриминација и говор на омраза, кои ја зголемуваат радикализацијата во регионот но и пошироко, во Загреб говорел и високиот американски функционер.

„Македонија и Босна и Херцеговина не се етнички хомогени држави и во насока на исполнување на стандардите на НАТО и ЕУ, мора да пронајдат модел на почитување и заштита на правата на малцинствата. Мора да пронајдат начин како да ги интегрираат луѓето кои се разликуваат по етницитетот и верата, за тие да се чувствуваат безбедни. Ако државите не се успешни во тоа, општествата ќе бидат поделени, нестабилни и нема да им бидат од интерес ниту на сопствените луѓе, а камоли на странските инвеститори. Тоа е клучно ако сакаат да бидат економски успешни“, порачал Хојт Ји.
Осврнувајќи се на обвинувањата од Русија дека САД и ЕУ се обидуваат на југоистокот на Европа да создадат „голема Албанија“, тој навел дека се работи за пропаганда која ја шират „злобни извори“ кои работат против она што сакаат да го постигнат Унијата и САД, затоа што сакаат слаба Европа која е енергетски зависна од Русија и настојуваат да ги попречат евроинтеграциите.

Заморот да се замени со реформи

Високиот функционер на Стејт департментот важи за човек кој веќе две децении длабоко ги скенира и познава проблемите во регионов. Тој беше во Скопје лани на 3-ти март, а претходно ја посети Македонија и во април 2015 година, во почетокот на правната и политичката криза, за која сведочеа опозициските „бомби“. Тогаш порача дека треба бидат процесуирани случаите каде има сомневања за функционерите на власт, земјата да се врати на реформскиот курс, на демократските процеси и јакнењето на слободите и човековите права. За состојбите со човековите права и потребата да се подигне свеста за нив, Ји говорел и во Загреб.

„Mислиме дека тоа е корисен инструмент, корисен начин да се посветиме на некои прашања. Mислиме дека е важно за сојузниците, за НАТО и за партнерите да го водиме тој дијалог. Свесни сме дека на дел од Балканот постои прашањето на малцинствата, како тие да се интегрираат, како да се вклучат во општеството, владата, институциите. Тоа е важен предизвик“, посочил американскиот функционер.

Во однос на „oзлогласениот замор од проширување во ЕУ“, се осврнал и на заморот во земјите аспиранти, со порака дека дека двете страни мораат „напорно да работат“.

„ЕУ мора да им помогне да ги спроведат неопходните промени, а аспирантите мора да го забрзаат темпото на реформи и да ги уверат ЕУ и НАТО во корисноста од нови членки“, рекол Ји, додавајќи дека е важно да се задржи тој реформски замав, но и да се зајакнат институциите кои не се директно врзани со економијата а имаат голем придонес за демократијата. Притоа ја потенцирал важноста на цивилниот сектор, слободата на медиумите, професионалното новинарство и плурализмот на медиумските извори.

„Mислам дека во овој регион постои дефицит на тој вид новинарство“, констатирал Ји, оценувајќи дека „колку што јакне опозицијата, толку и владите се посилни“.

За американската политика кон овој дел од Европа, без оглед на промените во администрацијата, Хојт Ји тврди дека таа е доследна и се темели на американските интереси.
„Не гледам никакви обиди за тоа да се промени. Остануваме приврзани на НАТО и на европската безбедност“, потенцирал Хојт Ји во Загреб.