Холокаустот е историски факт кој не смее да се брише ниту оспорува | Северна Македонија | DW | 27.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Холокаустот е историски факт кој не смее да се брише ниту оспорува

Договорот за добрососедство не може да ја промени вистината за холокаустот на македонските Евреи. 75 години подоцна Бугарија изразува само жалење, но не и одговорност за судбината на 7144 македонски Евреи.

За трагичната судбина на македонските Евреи во учебниците по историја се одвојува малку простор. Но содржински, тој е јасно дефиниран. Бугарски воени и полициски сили на 11 март на најгруб можен начин ја започнаа депортацијата на македонските Евреи кои завршија во концентрациониот логор во Треблинка. Краткиот врамен текст е дел од лекцијата посветена на холокаустот во учебникот по Историја од трета година гимназиско образование и е единствено четиво за трагедијата на 7144 Евреи од Скопје, Битола и Штип. Кратко, но доволно да се разбере, но дали и целосно да се расветли?

„Во лекциите за светот и за Македонија холокаустот е многу малку застапен. Само фактографски и со бројки. Дури и делот за македонските Евреи и улогата на бугарските сили во нивната депортација кој е опишан во рамката, не е задолжителен дел од четивото при оценувањето. Но ние на часови имаме слобода да ја прошириме дискусијата и јас тоа го правам. Не само за историските факти, туку генерално и за неонацизмот, антисемитизмот, говорот на омраза и учениците читаат за тоа. Но проблемот е што податоците се минимални. Лично сметам дека е потребна промена во оваа материја но не фактичка туку квалитативна“, вели за Дојче веле професор по историја во една од скопските гимназии.

Улогата на бугарските окупаторски сили во холокаустот е непобитен факт за македонската, но не и за бугарската историја. Седум ипол децении подоцна  Бугарија изразува само жалење, но не и одговорност за судбината на 7144 македонски Евреи депортирани во Треблинка.

„Осудувајќи го тоа злосторство извршено под команда на Хитлер изразуваме жалење што бугарската локална управа не била во можност тоа да го спречи“, пишува во едногласно донесената декларација на бугарскиот парламент на 70 годишнината од депортацијата на Евреите во регионот.

Повеќе на темата:

-Вистината за македонските Евреи

-Лекциите од холокаустот важат и денес

-Молитва за жртвите од Холокаустот

Бугарија опстојува на своите гледишта и ставови и покрај објективните историски факти и сведоштва за она што се случувало за време на Втората Светска војна на окупираните територии кои биле под нејзина управа. Во вакви услови повеќе од јасно е дека Договорот за добрососедство кој неодамна го потпишаа и ратификуваа Македонија и Бугарија ќе го отвори и ова прашање како дел од пакетот кој заедничка експертска комисија на паритетна основа ќе треба да ги утврдува историските факти преку научно толкување. 

Потомците на македонските Евреи предупредуваат дека историјата е јасна околу ова прашање и нема никаков простор за какви било компромиси:

„ Не се ни осмелувам да помислам дека ќе се дозволи овој факт да биде пренебрегнат, замижен, ставен под тепих или не дај боже да се прави некаков компромис за нешто друго. Ова е прашање за кое што нема потреба да има каков било компромис. Аргументирано треба да се настапи во целиот случај. Дали тоа бугарската страна ќе го прифати или не тука веќе е политика и ние нема да се мешаме“, предупредува Горан Садикарио директор на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

Она што е позитивно според Садикарио се промените во бугарското општество каде не само тамошната Еврејска заедница туку и цивилното општество се погласно укажуваат дека Бугарија треба да ја прифати одговорноста за случувањата во Втората Светска војна и да ја преземе вината за тоа што го направила Владата на тогашна Бугарија:

„Никој не зборува дека денешна Бугарија е онаа која што направила зло, ја окупирала Македонија и ги депортирала Евреите од Македонија. Туку зборуваме за Владата на Цар Борис од 1941 до 1944 година.  Она што секогаш ќе го потенцираме е улогата на тогашната бугарска Влада. Затоа што Евреите од Македонија сигурно сами не се качиле на воз и не отишле во Треблинка. Македонија како окупирана територија претходно била дел од Кралството Југославија и не го донела Законот за заштита на нацијата туку тоа го направиле во Бугарија во декември 1940. Во 1941 година Бугарија станува дел од Оската и на 18 април ја окупира Македонија и веднаш се имплементираат антиеврејските закони така што тие факти се непобитни“, предупредува Садикарио. 

Дали обврската за заедничко толкување на историјата која произлегува од Договорот за добрососедство може да предизвика и одредени корекции во историските учебници надлежните не коментираат. Но она што потенцираат е дека холокаустот никој не може и не смее да го избрише:

„Историските факти не се бришат, а целта на сеќавањето за холокаустот е токму тоа, човештвото да не ја повтори грешката, да се научиме на соживот, толеранција и почитување на човековите права. Холокаустот е историски факт кој никој не може и не смее да го избрише, а учениците треба да учат за него за да ги примат пораките и да учат од грешките од минатото“, велат за Дојче веле од министерството за образование. 

Во сеќавањето и чевствувањето на холокаустот активно е вклучена и македонската дипломатија. Амбасадорот Јован Теговски како национален координатор по ова прашање смета дека е важно вистината да добие заеднички именител:

Mazedonien Jovan Tegovski IHRA nationaler Koordinator Mazedoniens in der Internationale Allianz für Holocaust-Gedenken (IHRA) (DW/K. Delimitov)

Јован Теговски

„Јас мислам дека треба да оставиме времето да го каже своето. Договорот за добрососедство  штотуку беше Ратификуван од страна на парламентите и сега претстои процесот на формирање на тие историски комисии кои што ќе треба да ја утврдат агендата на нивната работа. Претпоставувам дека една од темите на расправа ќе биде и вистината околу ова прашање. Таа секогаш има две страни меѓутоа да се обидеме на оваа вистина да и дадеме заеднички именител и да биде заедничка за двете држави, се` во функција на добрососедските односи“, вели Теговски. 

Чекор напред во целиот процес според Теговски се и меѓународните семинари и советувања од типот на оној пред две години во Скопје, кога за прв пат историчари од Македонија и Бугарија отворено дискутираа за холокаустот и депортацијата на македонските Евреи: 

„Тоа е голем чекор напред и во агендата оваа година ќе имаме втор возвратен семинар во Софија каде што се отвораат многу теми. Темата околу депортациите беше големо табу и за самите професори, но не наидовме на страшен отпор да го прифатат нашето видување. Од првиот семинар произлезе и Зборник кој фрла едно добро светло за она што се случувало во 1943 година“, вели Теговски.  

Сепак она што е клучно за Македонија, покрај сеќавањето и негувањето е едукацијата, посебно на младите. За таа цел во соработка со Министерството за образование се реализираат и подготвуваат разни програми:

„Конкретно треба да работиме посветено на образованието каде младите генерации не само што ќе бидат едуцирани за тоа што е холокаустот и какви се неговите последици по еврејската популација, туку едновремено мислиме дека тоа е можност и шанса младите да се едуцираат и во однос на појавите на многу други девијантни појави во општеството, како антисемитизмот, говорот на омраза, негирање на холокаустот, дискриминацијата, кои за жал се присутни. Нашата определба е да ги користиме овие настани да ги испраќаме пораките, да ги вклучуваме младите, да ја подигаме свеста кај нив но и вкупно во општеството дека сите заедно треба да се бориме во превенцијата против таквите појави со цел да градиме едно толерантно и демократско општество“, објаснува Теговски.

Од Еврејската заедница одат и чекор понапред преку иницијатива за измени во кривичниот закон: 

„Поднесовме иницијатива за законски измени во кривичниот закон каде ќе бидат казниви со закон негирањето на холокаустот и ширењето на антисемитизмот и употребата на симболите на националсоцијализмот. Се надеваме дека министерството за правда ќе ја прифати иницијативата и ќе ја имплементира. Дали во целост или делумно, во зависност дали нашиот предлог се коси со уставот на Македонија. Но сметам дека тоа би требало да го направи за во иднина да се превенираат девијантни појави“, вели Садикарио.

Холокаустот на македонските Евреи и голготата до логорите на смртта ја преживеале околу педесетина од кои денес се живи само четворица сведоци кои не живеат во Македонија. Тие и нивните наследници активно и несебично се вклучија во реконструкција на Македонската Еврејска заедница која денес има значајна улога во македонското општество. Во март 2011 година во Скопје беше официјално отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Тој претставува еден од четирите најголеми холокауст меморијални центри и музеи, од ваков вид во светот, после Вашингтон, Берлин и Ерусалим. На 11 март по повод 75 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, Музејот на Холокаустот ќе ја отоври и постојаната поставка која ќе опфати богатата две илјадна историја на Евреите на овие простори. 

 

DW.COM

Реклама