Случај Холидеј Ин: Наместо суспензија - надлежните се вртат во круг | Северна Македонија | DW | 07.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Случај Холидеј Ин: Наместо суспензија - надлежните се вртат во круг

Се разгледува можноста за делумна суспензија на планот, само на делот каде се планира изградба на згради во центарот на градот. Општина Центар бара нови елаборати и мислења.

Се одложува разрешницата на случајот околу изградбата на три згради кај Холидеј Ин. Општина Центар место суспензија на Деталниот урбанистички план, се одлучи да бара нови елаборати и мислење од Министерството за транспорт и врски,  и покрај предупредувањето од Антикорупциската комисија дека би можеле да следат нови пријави за случајот, кој веќе е испратен во Обвинителството.

По предлог на советниците од СДСМ е донесен заклучок за постапување по член 23 од Законот за урбанистичко планирање. Со заклучокот се задолжува Комисијата за урбанизам да изготват стручни елаборати за деловите од детални урбанистички планови за кои е неопходна примена на „суспензија на урбанистички план, на негов дел или планска одредба" согласно членот 23 од Законот за урбанистичко планирање“. Притоа, се задолжува градоначалникот на Општина Центар, да ги достави изготвените стручни елаборати од Комисијата за урбанизам со барање за давање мислење за суспензија до министерот за транспорт и врски во рок од 20 дена.

„Нема искрени намери за суштинска промена на начинот на урбанизација на Центарот на Скопје. Селективен пристап и определување суспензија на делови од план, а без дефинирани критериуми (како што се параметрите од ГУП користени при мораториумот), ќе остават простор за субјективизам при одлучувањето“, вели за ДВ поранешната претседателка на Советот, Јана Белчева - Андреевска.

Суспензија само на делови од планот

Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека заклучокот е донесен со цел да се изврши суспензија само на делови од плановите, односно да не се носи суспензија на цел план „Голем ринг“, туку само на  градската четврт која го опфаќа просторот кај Холидеј Ин.

Богдановиќ за сдк.мк вели дека на овој начин не се одолговлекува работата, туку се бара вистински начин како плановите да се променат без да има последици по општината. Запрашан дали додека сета оваа постапка заврши, со оглед на тоа дека ќе се прават нови елаборати, инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА веќе ќе добијат правосилна дозвола за градба и ќе биде доцна да се спречат градбите кај Холидеј Ин кои се спротивни на Генералниот урбанистички план, Богдановиќ вели дека „има уште многу време додека дозволата за градба им стане правосилна“.

-повеќе на темата: Ивановска за ДВ: Го охрабрувам градоначалникот на Центар да го суспендира планот за „Холидеј Ин“

Но, според Јана Белчева-Андреевска, заклучокот кој е донесен, под образложение дека првиот е неспроведлив и неприменлив, не бил образложен од стручните служби на општината. Градоначалникот не ги повикал, со став дека тој ќе одговара и ќе го брани предлогот. Но, на трите прашања коишто таа ги поставила: дали стручните служби и комисијата веќе изработиле елаборати по првиот заклучок, дали тие елаборати се однесуваат на цели планови (алудирајќи дека член 23 и претходниот заклучок се применливи) и дали стручната комисија која ги подготвува елаборатите побарала ваква измена, не добила одговор.

Nord-Mazedonien Jana Belceva Andreevska, Lokalpolitikerin aus Skopje

Градоначалникот на Центар и мнозинството јасно ставија до знаење дека нема искрените намери за суштинска промена на начинот на урбанизација на Центарот на Скопје, вели Јана Белчева - Андреевска

„Прашањата за да изградам став по предлогот, градоначалникот рече дека писмено ќе ги одговори. Познато ми е дека елаборатите се подготвени во рокот кој беше побаран, но сега е јасно дека тактизирањето тие да не се пуштат до Министерството за транспорт и врски е од други побуди. Со ова градоначалникот и мнозинството јасно ставија до знаење дека нема искрени намери за суштинска промена на начинот на урбанизација на Центарот на Скопје“, вели Белчева-Андреевска.

Одлуката на општина Центар доаѓа откако претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска за ДВ изјави дека го охрабрува градоначалникот на Центар да даде барање за суспензија на планот за градба кај Холидеј Ин, бидејќи  јавниот интерес мора да биде на прво место. Таа порача дека ако не даде предлог за суспензија на планот за градба, тогаш и за Богдановиќ ќе се покрене постапка пред Обвинителството. 

Антикорупционерите неодамна поднесоа иницијативи за кривично гонење на ексградоначалниците на Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски поради злоупотреба на службената положба и прекршување на Законот за урбанизам. Според спорниот план, кај Холидеј Ин треба да никнат три згради - проект кој предизвика низа реакции во јавноста изминатиот период. 

-повеќе на темата: Комплексот кај „Холидеј ин“ ја бранува јавноста – се бара стопирање на проектот

Претседателката на Антикорупциската комисија најавува дека под лупа на ДКСК ќе се најдат и други планови кои на многу сличен начин биле донесени, без да бидат усогласени со Генералниот план од 2002 година и со тој од 2012 година. По теркот на иницијативата за Холиден Ин, којашто е доставена до Обвинителстовото, се подготвува предмет и за градбите коишто се најавуваат на местото на поранешната фабрика Треска во Скопје.

Зголемен број пријави за градење

Таа укажува дека изминатиов период е многу зголемен бројот на пријави по основ на градежништво. Според Ивановска, има бројни законски слабости кои многу вешто се користат од заинтересираните инвеститори да градат, но и од надлежните органи за да не постапуваат, а тоа овозможува и локалните власти да станат клиенти на градежниците и да не се грижат за јавниот интерес. „Активностите на локалната самоуправа во однос на уредувањето на просторот не се секогаш во насока на јавниот интерес. Дел од општините немаат овластени инспектори, дел имаат, но без соодветно образование. Влијанието и моќта на градоначалникот и Советот, поврзаноста со партиските структури и бизнис групи ги става инспекторите во состојба на клиентелизам и занемарување на јавниот интерес при извршувањето на своите надлежности, но и состојби на воспоставување на клиентелистички односи со инвеститорите“, рече Ивановска на прес-конференција.