Харадинај ослободен со кауција во Франција | Свет | DW | 12.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Харадинај ослободен со кауција во Франција

Судот во францускиот град Колмар го пушти од притвор поранешниот косовски премиер и командант на УЧК, Рамуш Харадинај, но му го одзема пасошот и тој ќе мора да остане во земјата.

Харадинај беше уапсен на почетокот на јануари по потерница на српските власти кои го обвинуваат за воени злосторства. Тој се жалеше на притворот во источниот француски град Колмар и судот му дозволи да се брани на слобода до завршување на судската постапка.

Србија сака да му суди на поранешниот лидер на Ослободителната војска на Косово за наводни злосторства против цивили за време на војната од 1998-1999 година во поранешна Југославија.

„Овие обвинувања на Србија се целосно политички“, изјави Харадинај пред судот. „Ова што вие го правите е злоупотреба на правото“.

Харадинај се смета за херој во Косово поради неговото учество во војната против режимот на Слободан Милошевиќ.

„Харадинај е Косово“, пишуваше на транспарентите на стотици воени ветерани кои протестираа пред француската амбасада во Приштина. 

Адвокатката на косовскиот политичар, Рејчел Линдон изјави дека неговото пуштање на слобода со кауција е прва фаза од новата правна битка, во која Харадинај на двапати веќе беше ослободуван по обвиненијата за воени злосторства пред Хашкиот трибунал.

Правниците на 48-годишниот Харадинај сега ќе се обидат да го поништат меѓународниот налог за негово апсење, издаден од Интерпол на барање на Србија.

Барањето на Белград за екстрадиција на Харадинај ќе биде дополнително разгледувано на следните рочишта во судот во Колмар. На Харадинај во меѓувреме му е одземен пасошот.

Рамуш Харадинај стана премиер на Косово во 2004 година, но мораше да се повлече од функцијата по само три месеци за да се соочи со 37 обвиненија за воени злосторства пред Трибуналот во Хаг. Беше ослободен во 2008, а потоа и во 2012 на делумно повтореното судење.Поголемиот дел од сведоците против Харадинај, пред и за време на судењето, починаа или беа убиени.

DW.COM

Реклама