Хале и теоријата на „волк самотник“ | Свет | DW | 11.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Хале и теоријата на „волк самотник“

Вооружениот напаѓач од Хале денеска го призна делото и потврди дека имал десноекстремни, антисемитистички мотиви. Тој дејствувал сам. Но „волците самотници“ не се изолирани.

Штефан Б., 27-годишниот осомничен убиец од Хале, со својата камера закачена на кацига документираше дека е единствениот напапаѓач. Околу 35 минути вршел пренос во живо преку платформата за видео-игри „Твич“, која му припаѓа на концернот Амазон. Дојче Веле имаше прилика да види копија од, во меѓувреме избришаното, видео. Штефан Б, јасно и без двоумење, признава дека по секоја цена сака да убие. Евреи, странци, жени. Веднаш на почетокот од видеото тој го негира холокаустот. Зборува мешано и на англиски и на германски. Неговиот говор е полн со омраза, антисемитистизам и расизам. Кога зборува германски, користи пцовки и навреди коишто се вообичаени за германските неонацисти.

Повеќе: Смртна опасност за Евреите во Германија

Во трка за убиство

Дише тешко, трча, го проколнува оружјето кое сам си го склопил дека не му функционира добро и на англиски ѝ се извинува на својата претпоставена публика што не можел да убие повеќе луѓе. Откако не му успева да влезе во полната синагога во Хале, тој бара други можни жртви во близина. Прво на улица, а потоа во сендвичарница во која се продаваат турски специјалитети. Сосема ладнокрвно бара жртви. Тој е во трка за убиство. Повторно се враќа на местото на злосторството за да се увери дека жената и мажот што ги застрелал се мртви.

Штефан Б. Дделува делумно конфузно, но начинот на кој настапува потсетува на двајца други деснорадикални убијци: на Андерс Брејвик, кој на 22 јули 2011 во Норвешка уби 77 лица, претежно млади кои беа во еден социјадемократски камп, како и на атентаторот од Крајстчрч, кој на 15 март во Нов Зеланд нападна две џамии и уби 51 лице. Исто како и Штефан Б. и тие двајца оставија писмени документи онлајн, слични по содржина и се повикуваат на исти деснoекстремистички идеи.

Halle Saale Trauer nach Angriff auf Synagoge (AFP/R. Hartmann)

Пред синагогата во Хале, која беше нападната од Штефан Б., има свеќи и цвеќиња

Осамениот сторител?

Дали Штефан Б. навистина делувал сам, со кого, кога и колку интензивно бил во контакт, дали некој знаел за неговите планови – сето ова треба да го покаже истрагата. Но, и кај насилните напади на десноекстремистичката терористичка група „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ) на германските власти им беше тешко да го осветлат обемот на екстремистичката терористичка мрежа. Меѓу 2000 и 2007 година НСУ уби десет лица и имаше 43 обиди за убиства. Процесот против нив започна во мај 2013 година, а пресудата против Беате Чепе, една од раководителите на групата, беше донесена во јуни 2018 година и гласеше – доживотен затвор.

И Брејвик и атентаторот од Крајстчрч во медиумите се окарактеризирани како „волци самотници“. Како терористи поединци кои не се под ничија команда, ниту пак се поддржани од некаква група. Научни студии посочуваат дека и терористите поединци се вмрежени и сакаат да споделуваат. Никој не дејствува спонтано, а поголемиот дел своите дела ги планират подолго време.

Меѓународниот центар за терористички студии на државниот универзитет во Пенсилванија во 2013 година анализирал профили на 119 терористи поединци, од кои речиси сите биле мажи. Речиси во две третини од анализираните случаи, членови на семејството, пријатели или познаници биле свесни за вмешаноста на сторителите во одредена екстремистичка идеологија.

Во 64% од случаите семејствата или пријателите „биле исто така свесни за намерата на поединецот да учествува во терористичка активност, бидејќи сторителот тоа усно им го соопштил“.

Најголемиот дел од анализираните 119 сторители „редовно учествувал во препознатлив и набљудувачки опсег на активности со поголема група од интерес, социјално движење или терористичка организација“. 53% од нив, пак, важат за социјално изолирани, додека 35% редовно имале виртуелен контакт со истомисленици.

Deutschland Karlsruhe | Attentäter von Anschlag auf Synagoge in Halle (Reuters/R. Orlowski)

Напаѓачот (овде опколен од припаднци на специјалните сили) го призна делото

Десничарската мрежа

Интернетот е полн со екстремистички онлајн заедници, во кои поединци може да сретнат истомисленици. Виртуелните мрежи се реални и опасни. Тука екстремисти и заговарачи на разни теории на заговор се бодрат, се разменуваат фантазии за насилство и поддржувачите на наводните сторители аплаудираат. Особено се омилени форуми како „8чен“ во кои корисниците ставаат слики и коментари. Речиси и да нема модерација од понудувачите на услугата. И преку порталот „Твич“ на кој Штефан Б. постирал за неговото дело, се среќаваат многу гејмери кои сакаат да ја живеат својата пасија за насилни игри. И тука поединци може да најдат лажна легитимирачка рамка за убиство и терор. Социјалните мрежи дозволуваат на потенцијални сторители да се поврзуваат надвор од националните рамки. Напаѓачи како Андерс Брејвик и оној од Крајстчрч биле дел од глобално поврзана заедница. Колку тоа може да се каже и за Штефан Б. мора да покаже истрагата.

Повеќе: Како да се спречи пренос на тероризам во живо на интернет?

Општеството

И во Германија потенцијални терористи не делуваат во општествен вакуум. Според податоците на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, бројот на десноекстремни и дела против странци се зголемил, од 774 во 2017 на 821 минатата година. Бројот на дела со антисемитистичка позадина е зголемен за истиот период за дури 70 проценти - од 28 во 2017 на 48 во 2018.

Во источната покраина Саксонија, од која потекнува Штефан Б., особено често се забележува десноориентиран криминал. Во 2017 имало 101 дело со десничарска позадина, минатата година биле 91.

Партијата АфД, во која многумина нацијата ја дефинираат преку крв и територија, сега веќе е застапена во Бундестагот и сите 16 покраински парламенти. На последните избори во Саксонија во 2016 година АфД со 24,3 проценти стана втора најсилна партија по ЦДУ на Меркел која има 32,5%. Во таква општествена клима оперирал Штефан Б.

DW.COM

Реклама