Формирање на јавното мислење на ирански начин | Свет | DW | 20.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Формирање на јавното мислење на ирански начин

Медиумите во Иран се државни или строго се контролираат. Пред претседателските избори, меѓутоа, барем се отвори малку простор за игра. Социјалните мрежи притоа играат главна улога.

Расположението на социјалните мрежи пред претседателските избори во Иран беше загреано. Вчера, Иранците избираа нов претседател. И како и секогаш непосредно пред изборите, земјата кусо доживува пролет на слобода на изразување на мислењето. Особени критички се изјаснуваа корисниците на социјалните мрежи, кои ги користат овие мрежи за формулирање на свои барања кон претседателските кандидати. Од друга страна, политичарите, истотака, ги користат социјалните медиуми, и тоа со цел да ги мобилизираат избирачите. Религиозниот лидер Ајатолахот Хаменеи на почетокот на мај уште еднаш ги повика сите Иранци да гласаат. Со тоа нагласи дека високата излезеност на 19 мај ќе го потврди и зацврсти политичкиот систем во Иран.

Желба за политичко образование

За активистите на социјалните мрежи предизборниот период нудеше евтина можност вниманието на јавноста да го насочат кон важни прашања и долгорочни цели. „Ние гледаме голема потреба за политичко образование. Тоа е важен тренд, кој може да се забележи токму на социјалните мрежи“, изјави во разговорот за ДВ Реза Хагигатнеџад. Новинарот и активист за човекови права ги анализира активностите на иранските интернет корисници на социјалните мрежи. Според официјалните податоци, повеќе од половина од вкупната популација на Иран, кои ја сочинуваат 80 милиони луѓе, е онлајн.

„Голем дел од нив сака само да се забавува и тие не се навистина заинтересирани сериозно да се занимаваат со политички теми. Меѓутоа, она што ни дава надеж е растечкиот број на еден дел од корисниците, кој сака да учествува во кампањите кои долгорочно гледано сакаат нешто да постигнат. Тука често се работи за општествени проблеми, како што е насилството над жените и децата.“

Одеднаш феминисти

Таквите кампањи на социјалните мрежи добиваат не само поддршка на интернет, туку стануваа и теми на предизборните кампањи на претседателските кандидати.

„Така одеднаш ги доживувавме претседателските кандидати како големи познавачи на женските и граѓанските права. Тие изразуваа критика како да ѝ припаѓаат на опозицијата“, вели Викторија Тахмасеби-Биргани. Истражувачката за родова еднаквост на Универзитетот во Торонто додава дека сите претседателски кандидати во моментов му припаѓаат на етаблираниот политички систем, кој не ги поддржува и врши притисок врз активистите за правата на жените. „Но благодарејќи на социјалните мрежи, тие веќе не можат да ја игнорираат потребата за повеќе слобода и правда“, задоволно вели Тахмасеби-Биргани во разговорот за ДВ.

Всушност пристапот на популарните интернет страници како што се Фејсбук и Твитер во Иран е заклучен. Иранците сепак ја заобиколуваат цензурата користејќи ВПН пристап. Иран е млада земја. Просечната старост е 30 години. Речиси 80 насто од луѓето се писмени. Во принцип, во Иран образованието е од голема важност. Од друга страна, политичко образование не постои ни во училиштата, ни на универзитетите. Медиумите ѝ припаѓаат на државата или се строго контролирани.

„Државната радио и телевизиска станица ИРИБ во целост е под контрола на конзервативните кругови во Иран. Со самото тоа известувањето е еднострано и во согласност со конзервативната политика“, вели Садех Зибакалам.

„Поради тоа и ИРИБ меѓу младите Иранци не е популарен. Оној кој сака да им пријде на овие млади луѓе мора да зборува на нивен јазик, а тие се љубопитни и фасцинирани од социјалните мрежи и размената на искуства и знаење со надворешниот свет“, додава политикологот од универзитетот од Техеран за ДВ.

Интернет активизмот се смета за сајбер-криминал

Под владата на Рохани, особено по успешниот договор во врска со иранската атомска програма, земјата се отвари малку по малку. Ова отворање, кое подразбира и зголемена размена со другите држави, го засилува цивилното општество и активизмот на интернет.

„Од тоа сепак само профитираат неколку области, кои не се насочени против клучните вредности на Исламската Република Иран“, накусо објаснува новинарот Хагигатнеџад. „Кога на пример би станувало збор за еднаквост и владеење на правото, во врска со отфрлањето на смртната казна, активностите на социјалните мрежи многу брзо би можеле да бидат класифицирани како сајбер-криминал“. Што ќе биде класифицирано како сајбер-злосторство, одредува „Центарот за следење и борба против организиран сајбер-криминал“. Овој центар припаѓа кон моќната конзервативна Револуционерна гарда и е одговорен за контрола на интернет активностите.

На пример, овој Центар се погрижи и за апсење на новинарот Хенгамех Шахиди на 9 мај. Кратко пред тоа, Шахиди објави отворено јавно писмо на социјалните мрежи во кое предупреди на целниот притисок врз важни интернет активисти пред претседателските избори. Од крајот на март Шахиди штрајкува со глад.

„Државата е свесна за моќта на медиумите. Од религиозните лидери до претседателските кандидати, сите се активни на интернет“, вели Хагхигхатнеџад. „Тие ја искористуваат оваа можност целно за свои сопствени политички цели, но слободен пристап на интернет за сите граѓани и натаму одбиваат. Меѓутоа, во меѓувреме сепак го загубија монополот над информациите.“

 

Реклама