Флексибилните Соросовци и нивните непријатели | Македонија | DW | 12.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Флексибилните Соросовци и нивните непријатели

Џорџ Сорос имаше за цел општествени промени на Балканот. Мрежата која ја изгради е под засилен притисок, пишува Андреас Ернст во „Ноје цирхер цајтунг“.

Владимир Милчин е „Соросовец“ пар екселанс. Роден во 1947 година, тој е еден од основачите на Соросовата фондација Отворено општество на Балкан. На чело на македонскиот огранок беше 25 години. Паралелно беше и професор по драматургија на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. „Денес сум омилена мета на напади на анти-Соросовата кампања“, вели Милчин. Неодамна го барал тим сниматели од телевизијата „Раша тудеј“, кој прави документарец за „привилегираните Соросовци.“ Националистите со години го обвинуваат дека бил шпион на југословенската тајна служба. 

Милчин беше Соросов човек од самиот почеток: во 1991 година Џорџ Сорос со југословенскиот премиер Анте Марковиќ договори основање на институт. Но, една недела подоцна, изби војна. Наместо еден, требаше да бидат отворени пет ограноци, во секоја од новонастанатите држави. Милијардерот Сорос своите луѓе ги регрутираше меѓу учесниците на студентските демонстрации од 1968 година. Уште во 1989 година Соња Лихт од Србија, Жарко Пуховски од Хрватска, Владими Милчин од Македонија и други „шеесетиосмаши“ основаа Здружение за југословенска демократска иницијатива, УЈДИ. Земјата соочена со бројни кризи сакаа да ја претворат во демократска федерација и да спречат нејзин распад. 

Однос полн со доверба

Тоа не им успеа, но голем број активисти од УЈДИ премина во Соросовата фондација, во која беа активни во текот на 90-те години. За нивната работа се типични блиските, лични односи, неформални договори врз база на меѓусебна доверба. „Сорос во 1992 година ме праша дали би застанал на чело на македонскиот институт“, раскажува Милчин. „Одговорив дека тогаш како режисер можам да правам претстави со стотици глумци. Тој се насмеа и јас ја добив работата.“ Притоа, решавачки биле препораките од Соросовата мрежа.

Заедничко за основачите на Фондацијата Отворено општество биле отфрлувањето на национализмот и залагањата за човекови права и толеранција. Тие создале мрежа која ги надживеа војните и која изгради „острови на слобода и протести“, како што рече загрепскиот социолог Паул Стубс. Во Србија и во Хрватска Соросовите луѓе беа изложени на напади од националистичките режими и нарекувани предавници или петтоколонаши. 

Македонија успеа да се одржи настрана од војната. „Сорос се залагаше за нашата земја. Таа требаше да биде пример за функционална, мултиетничка демократија на Балкан“. Уште пред ММФ, на земјата Сорос ѝ даваше на располагање милионски кредити, за да овозможи увоз на лекови  и гориво, откако Грција воведе санкции за својот сосед во 1994 година. „Добивме пари за да создадеме слободни медиуми. И работевме на изработка на образовни програми за Ромите“, истакнува Милчин, додавајќи - Сорос помогна во време кога Македонија речиси немаше пријатели.

Гаранција на слободата

Од Соросовите програми тогаш почнало основањето на бројни невладини организации, со цел јакнење на цивилното општество. Денес се активни уште триесетина. Никогаш не беше тајна дека нивните членови се против авторитарниот систем на Груевски, кој десет години ја контролираше земјата. Милчин смета дека овие организации претставуваат последни оази на слободата: „Тие се оние кои ја повикуваат власта на одговорност“.

Но, дали се овие невладини организации се и дел од општествените промени? Дали се тие дел од граѓанското движење, како што тврдат? Милчин вели дека многумина способни активисти ја напуштија земјата во последните петнаесет години. „Тие се во Канада, Австрија, Германија“. Со нив исчезнале и компетенциите стекнати во „Соросовиот систем“: менаџерски, јазични, преговарачки. На крајот на краиштата, Централноевропскиот универзитет од Сорос во Будимпешта за многумина бил отскочна штица за кариера во меѓународни организации, тинк тенк институти ( така наречени мозочни трустови) или академии. Други влегоа во политиката во своите земји. И македонскиот претседател Иванов, денес заколнат противник на Сорос, поминал низ тој систем.

Vladimir Milcin (Makfax)

Владимир Милчин

Но, деловна перспектива не отворал само ангажманот во Соросовите институции. Кариера денес е можно да се направи и со борба против Сорос. Цветин Чилиманов, 40-годишен македонски новинар и преведувач, е на чело на движењето „Стоп за операциите на Сорос“, и со владина поддршка се бори против „левичарската окупација“. Чилиманов потекнува од антикомунистичко скопско семејство и за себе вели дека е конзервативен, но не и националист.

Пред во 2012 година да почне да работи за државната новинска агенција како дописник од Вашингтон, беше советник на претседателот Иванов. Во САД стапи во контакт со конзервативната фондација Херитејџ, десничарско-конзервативни членови на Конгресот и други Соросови противници. „Како што постои мрежа на Соросовци, така денес постои и интернационала на негови непријатели“, вели Чилиманв.

Таа се противи на поддршка на левата агенда на Соросовците со пари од данокот. Државната агенција УСАИД е омилена мета на напади на анти-Сорос лобито.

Меѓу противниците на системот на Сорос спаѓаат и сојузниците од Вишеградската група. „Кога германската или холандската амбасада во Скопје тврди дека ја застапува позицијата на ЕУ, тоа е лага. Не постои ЕУ-став, кога се во прашање јавноста, границите или хомосексуаллците“. Чилиманов се смета за воин во борбата на култури. Благодарение на меѓународната мрежа и јазичните познавања, тој може да ја води на двете страни на Атлантикот, во зависност каде е потребно.“

„Во земјите на Балкан, каде се вгнездија авторитарни режими, критики против Сорос засилено доаѓаат и од левицата. Притоа се игнорира причината за злото: незаузданиот капитализам во сојуз со експлоататорскиот систем на автократите. Се оспорува и аспирацијата на невладините организации да го претставуваат граѓанството. Во суштина, проблемите и решенијата се дефинирани од меѓународните кредитори, а нивното реализирање го вршат локалните вработени. Во најлош случај, 'културата на невладини организации' дури го парализира создавањето на движења на цивилното општество.

Со оваа критика не се согласува Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет во Скопје, поддржан од Сорос. 'Живеем во држава во која со нозе се газат човековите права'. Комитетот е единствениот кој на жртвите им пружа правна помош и поддршка преку јавни кампањи. 'Тоа што со месеци кај нас имаме финансиска инспекција, покажува колку сме ефикасни. Моќниците се плашат од нас',“ вели Пировска во текстот во „Ноје цирхер цајтунг“. 

Реклама