Фатиме Фетаи за Јанева: Секој што се огрешил мора да одговара | Северна Македонија | DW | 22.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Фатиме Фетаи за Јанева: Секој што се огрешил мора да одговара

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи вели дека прогонот на Катица Јанева не смее да биде оправдување за да се заборави криминалот кој беше направен во државата во изминатите години, но и да не се оцрнува СЈО.

„Никој не е недопирлив“, вели обвинителката Фатиме Фетаи по проширувањето на истрагата за случајот „Рекет“ и на нејзината шефица Катица Јанева. Фетаи е првата обвинителка на СЈО која јавно го коментираше случајот откако вчера истрагата беше проширена и на Јанева, а таа ноќеска заврши во притвор.

„Ова што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара и дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во државата и дека никој не е недопирлив“, рече Фетаи утрово пред судот каде имаше закажано рочиште.

Таа смета дека евентуалната одговорност на Јанева не смее да ја оцрни и целата институција, но и да се заборави на борбата против криминалот.

„Евентуалната индивидуална кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор и оправдување за да се заборави целокупниот криминал кој се направи изминативе години и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа- застапување на предмети во судница“, рече Фетаи.

Фетаи деновиве јавно проговори и за судирот кој го имала со Јанева во просториите на СЈО, откако шефицата на обвинителството наводно наредила безбедносни контроли на сите вработени во институцијата.

Името на Јанева долго се вртеше во врска со случајот „Рекет“, во кој уште од 15 јули годинава осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милевски.
Обвинителството ги сомничи тројцата дека од бизнисменот Јордан Камчев изнудиле 1,5 милиони евра во замена за олеснување на постапката против него во случајот „Империја“. Според Јавното обвинителство, освен што им овозможила на Јовановски и Милевски да се стекнат со споменатата сума, Јанева и самата примила подарок од Јовановски во износ од 298 илјади денари.

 

DW.COM

Реклама