Уште еден Божиќ без божиќни панаѓури | Информации и анализи за Германија | DW | 27.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Уште еден Божиќ без божиќни панаѓури

Божиќните панаѓури се вистинска атракција за туристи во Германија. Но, поради коронавирусот, ниту годинава во многу германски градови нема да има божиќни панаѓури. Трговците се очајни.

На главниот плоштад во Минхен одѕвонуваат традиционални песни, а туристите со мобилни телефони го снимаат тропањето на камбаните од импозантната зграда на градското собрание. Меѓу нив е и дваесет и девет годишниот Матеус Куто, Бразилец кој е на постдипломски студии во Гетинген. „Пет часа со воз се возев до југот на земјава специјално за да го видам божиќниот панаѓур овде во Минхен,“ вели тој.

Но, традиционалниот божиќен панаѓур е откажан во последен момент. На плоштадот се веќе поставени традиционалните дрвени куќарки, но повторно останаа затворени. На некои од нив има и гранчиња од елка и украсни лампиони. Во нормални времиња до Божиќ панаѓурот би го посетиле три милиони луѓе во потрага по божиќни подароци или да пијат варено вино со пријателите.

„Можеби можеше да се огради некој простор кој би можел да се контролира. Таму би можеле да пуштаат само вакцинирани и прележани,“ вели Куто. Но годинава нема да има ништо од ова. Ниту во Минхен, ниту во многу други градови меѓу кои и Нирнберг, каде доаѓаат туристи дури од Токио за да го посетат.

Голем удар за трговците

Баварија, покрај Саксонија, во моментов е една од германските покраини кои се најмногу погодени од четвртиот бран корона. На некои места се воведени ограничувања за движење а сите божиќни панаѓури се откажани. „Затоа што сметавме дека тоа ќе придонесе кон безброј контакти кои тешко може да се контролираат“, рече баварскиот премиер Маркус Зедер. Со оглед на тоа дека ноќните клубови и барови се затворени, тој смета дека на божиќните панаѓури би се собирале уште повеќе луѓе. „Жал ни е за трговците,“ додава Зедер.

Повеќе: Германијо, каде со коронава?

Кристијан Шетл на божиќниот панаѓур требаше повторно да продава мали божиќни украси, како ангели, ѕвезди и мали елкички. Тој го има најголемиот штанд со божиќни украси. Сега веќе го расклопи. „Кога дојде одлуката за откажување сите на плоштадов ја дочекавме со страв,“ вели Шетл за ДВ.

„Стамени мажи кои со тешки камиони ја обиколуваат Баварија беа со солзи во очите. Бидејќи веќе не знаат како ќе ги прехранат семејствата,“ додава тој. Шетл потекнува од трговско семејство. „Баба ми секогаш велеше – секогаш мора да имаш пари настрана! Но, сега работите стануваат навистина критични,“ вели Шетл. Божиќните украси тешко се продаваат преку интернет. „Поинакви се емоциите кога човек ќе дојде на штандот каде се е украсено со светилки, а наоколу се чувствува мирисот на греано вино.“

Минатата година Шетл се обиде да ги продава украсите преку интернет но направи едвај илјада евра профит. Сега се бори за егзистенција. „Затоа што веќе претпоставуваме дека ниту следната година нема да има Октоберфест. Можеби повторно ќе се појави некаква мутација на короната. И кога повторно ќе имаме приходи? Навистина се плашиме?.“

Гледај видео 01:27

Бројките на заразени растат, откажан божиќниот панаѓур во Минхен

Гужва на божиќниот панаѓур во Ахен

Во моментов ширум Германија се откажуваат многу божиќни панаѓури. А онаму каде што се отворени важи правилото 2Г – пристап имаат само вакцинирани или оздравени, а негативен тест повеќе не се признава.

На пример во Ахен со 280.000 население, кој е близу границата со Холандија и Белгија, веднаш се гледаат слабостите на овој концепт. Панаѓурот со 115 куќарки се протега низ поголемиот дел од стариот град во кој може да се влезе од сите страни. Кога се беше нормално, овој панаѓур имаше и по 1,5 милион посетители. Предвидени се само повремени проверки,  а полицајците и редарите ретко ги обиколуваат. Мириса на вино, цимет и печени бадеми. Луѓето се стискаат во тесните улички покрај штандовите до кои може секој да пријде, без никаква проверка.

Повеќе:Каде се грешките во германската корона-политика?

Во угостителските објекти на панаѓурот е поинаку. Оној кој сака да влезе внатре мора да покаже потврда дека е вакциниран или дека оздравел од ковид. За возврат добива бела алка со која може да влезе во сите угостителски објекти во склоп на панаѓурот. Но таа алка си ја става секој сам па така таа може да му се даде и на некој друг,“ појаснува еден редар.

Задолжително носење маски

„Морам ли повторно да ставам маска?“, го прашува една жена сопругот откако веќе го изедоа сендвичот со кобасица. Знаците кои предупредуваат дека носењето маски е задолжително и дека важи правилото 2Г се речиси незабележителни. Може ли тоа подобро да се спроведе? „Поголемиот дел од излагачите овде стравуваат дека нема да успееме да работиме до 23 декември,“ вели Ролф Герардс кој има голем угостителски штанд. Бројот на новозаразени и понатаму расте вели тој тажно. Ова не би ја загрозило неговата егзистенција бидејќи во Ахен има и своја месарница која му е главен извор на приходи. Во моментов на панаѓурот смее да угости најмногу 176 лица. Претходно три пати повеќе луѓе смееше да стојат на неговиот штанд. Сега пред влезот има долга редица. Изгледа дека луѓето сакаат да уживаат додека се може.

На главниот плоштад во Минхен пак повторно се слушаат ѕвоната од камбаните од градското собрание. Нема гужва бидејќи нема ниту панаѓур. Еден долг ред оди околу градското собрание и зад аголот. Таму се наоѓа центарот за вакцинација.

 

Поврзана содржина