Уставен суд не може да го поништи изборот на Талат Џафери | Македонија | DW | 10.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Уставен суд не може да го поништи изборот на Талат Џафери

Изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е поединечен акт и не подлежи на оценка од Уставниот суд, велат правни експерти, откако Светскиот македонски конгрес поднесе иницијатива за поништување на таа одлука.

Иницијатива за поништување на изборот на Талат Џафери за собраниски спикер, за поништување на членови од Законот за локална самоуправа во врска со мандатот на градоначалниците и ред други иницијативи - се трупаат пред Уставниот суд. Дел се однесуваат на  одлуки поврзани со актуелните политички состојби, но според правни експерти, тие воопшто не подлежат на оценка на Уставниот суд.  

„Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на изборот на претседател на Собранието не подлежи на уставно-судска одлука бидејќи станува збор за поединечен акт и таа без никакви правни дилеми ќе биде отфрлена“. Ова е ставот на повеќе уставни експерти со кои разговараше ДВ, откако вчера претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, од името на организацијата побарал Уставниот суд да го поништи изборот на Талат Џафери за претседател на парламентот. Петров ја поднесе иницијативата до Судот токму на денот кога одлуката за избор на Талат Џафери и официјално беше објавена во „Службен весник“.

„Одлуката е објавена во 'Службен весник', но како што е објавена, така може да биде и повлечена“, изјави Петров.

„Поднесов иницијатива до Уставниот суд и сметам дека сѐ додека тој не се произнесе за поништување на одлуката за избор на претседател на Собранието, Талат Џафери нема никаков легитимитет лажно да се претставува како претседател на Собранието. Неговиот, јас не велам 'избор', туку прокламација на неопределен број пратеници, е извршена во спротивност со Уставот, Законот за Собранието и Деловникот на Собранието. Прекршени се процедурата за избор на претседател, четири одредби од Уставот, седум одредби од Законот за Собранието и 30 одредби од Деловникот за работа на Собранието. Таа прокламација е извршена со пет кривични дела, за што јавниот обвинител треба да ги преземе своите овластувања против сторителите на тие кривични дела“, рече Петров.

Судот не расправа за поеднечни акти

Уставни експерти се едногласни во ставот дека таа иницијатива ќе биде отфрлена.

„И според досегашната практика на Уставниот суд и според деловникот, поединечни акти не претставуваат пропис и се отфрлаат од формални причини. Уставниот суд не навлегува во мериторно одлучување за поединечни акти. Изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е поединечен акт за избор на конкретно лице и не е подобен за уставно-судска оценка. За разлика од поединечните акти, прописите се однесуваат на неограничен број субјекти поврзани со одредена регулатива. На пример, ако се однесуваат на сите наставници, на сите пензионери, на сите вработени во администрацијата итн.., тие прописи подлежат на уставно-судска одлука“, велат експертите.

Тие посочуваат дека и изборот на Влада исто така е поединечен акт на избор на конкретни лица во владиниот состав. Во практиката на Уставниот суд имало иницијативи за оспорување на избор на влада, но биле отфрлени поради истите причини.

„Уставните судии би ја злоупотребиле својата службена положба кога би постапиле спротивно“, велат нашите соговорници. 

Ваквите иницијативи како беспредметни се оценети и во новото парламентарно мнозинство, кое ги продолжува активностите за деблокирање на демократските процеси и за мирен трансфер на власта. Откако одлуката за избор на Талат Џафери беше објавена во “Службен весник“, тој како претседател на Собранието по втор пат со писмо го извести Иванов дека е формирано парламентарно мнозинство. Со тоа почна да тече и уставниот рок од 10 дена (до 19 мај), во кој Иванов треба да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. По истекот на тие 10 дена, следува рок од 20 дена, кога мандатарот треба да извести претседателот на Собранието за програмата и составот на Владата.

И локалната власт чука на погрешна врата

Колку што е правно извесно дека иницијативата на Светскиот македонски конгрес нема да го поништи изборот на собраниски спикер, според правни експерти, исто толку е јасно и дека не може да бидат прифатени ни иницијативите од оваа организација и од Министерството за локална самоуправа, за деблокада на локалната самоуправа. Тие побараа Уставниот суд да ги  поништи член 35 став 1 и член 49 од Законот за локалната самоуправа и член 16 став 1 од Изборниот законик, со што мандатите на градоначалниците и советниците не би завршиле со законски утврдениот рок, односно на 14 мај. 

„Уставниот суд нема надлежност и не смее да одлучува за продолжување на мандатот на градоначалниците“, предупреди академик Владо Камбовски.

„Оние уставни судии кои ќе гласаат за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа, кои пропишуваат дека мандатот на градоначалниците трае четири години, прават кривично дело 'злоупотреба на службената положба и овластувањата'. Во Кривичниот законик на РМ за ова дело е предвидена казна затвор“, посочи Камбовски.

Освен за иницијативата за деблокада на локалната власт, Уставниот суд на денешната редовна седница треба да се произнесе и за деблокада на исплатата на земјоделските субвенции. Иницијативата е поднесена од земјоделското здружение „Агротиквешија“ а се однесува на член 8-а, став 1, 2 и 3  од Изборниот законик  и член 11 став 1, 2 и 3  од Законот за спречување на корупцијата, кои ја забрануваат исплатата на субвенции до формирањето на Влада. Со оглед дека институционалните процеси во Македонија беа блокирани повеќе месеци, земјоделците веќе седум месеци ги чекаат парите од субвенциите. Државата им должи околу 95 милиони евра за 2016, но и за 2015 и 2014 година. Во меѓувреме земјоделците претрпеа и огромни штети од снегот и од пролетниот мраз.

 

DW.COM

Реклама