Унгарците во Војводина се со Орбан | Свет | DW | 24.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Унгарците во Војводина се со Орбан

На изборите за Европскиот парламент се гласа и во Србија: десетици илјади луѓе, оние кои, покрај српското, имаат и државјанство на некоја земја-членка на ЕУ. Најбројни се Унгарците кои во најголем дел ќе гласаат за Орбан

Со занаетчии, овоштари, со пчелари, од Хоргош до најјужното унгарско село во Банат Скореновци, по месни заедници и унгарски домови на културата- унгарските политичари стигнаа секаде во изминатите два месеци. На сонародниците од Војводина им носат порака: Унгарци од сите краеви- обединете се! Овојпат, во гласање за изборите за Европскиот парламент.
Унгарија им овозможи на своите државјани да гласаат на изборите согласно препораките на ЕУ. Според официјалните податоци, околу 68 илјади луѓе во Србија имаат двојно државјанство, претежно во Војводина.
Амарила Баќањи Боснаи од Нови Сад веќе уредно го испрати својот ковертиран глас. „Многу позитивно гледам на можноста да гласам. Сметам дека на многумина им е важно да можат да учествуваат во донесувањето на такви одлуки и на изборите за Европскиот парламент. Се надевам дека така и ќе продолжи“, вели таа за ДВ.
Дека унгарската владејачка партија Фидес сериозно смета на гласовите на војводинските Унгарци стана јасно од писмото кое премиерот Виктор Орбан го испрати на илјадници адреси во земјата повикувајќи ги да излезат на избори.
„Драги сонародници, ние Унгарците, каде и да живееме во светот, правиме една заедница. Јазик, националност, култура, религија- со години наназад не поврзуваат“, се наведува во писмото на Орбан.
„Со гласањето овозможуваме да се сочуваат и заштитат и европската безбедност, слободата, верското и културното наследство“, додава унгарскиот премиер.
Значењето на националниот идентитет, културата, традицијата, семејството го истакнуваа и претставниците на Фидес и Сојузот на војводинските Унгарци (СВМ) патувајќи низ Војводина. СВМ е најголема политичка партија на Унгарците во Војводина и стратешки партнер на Фидес. Од нивните редови доаѓа претседателот на Собранието на Војводина, Иштван Пастор, кој воедно е и најпознатиот унгарски политичар во Србија.
„Основните пораки се помалку или повеќе превод на она што го порачува Фидес, адаптирано за војводинските Унгарци, почнувајќи од тезата за фијаско на мултикултурализмот, и дека треба да се зајакнат националноста и националната држава и дека овие избори се пресудни за тоа“, вели професорот на Универзитетот во Нови Сад, Алпар Лошонц.

Serbien Kulturhauptstadt 2021 (Novi Sad 2021)

Војводина е традиционално мултикултурна, иако партијата на Орбан тврди дека „мултикултурализмот е мртов!“

Финансиската помош ги мами гласачите

Но, повеќе од приказната за унгарското единство, гласовите на Фидес во Војводина би можела да ги обезбеди финансиската поддршка која локалните Унгарци ја добиваат од матичната држава преку фондацијата „Просперитати“. Во период од четири години вложени се 200 милиони евра кои, како што се тврди, преку конкурси се распоредени на 10 илјади претприемачи и семејства. Потсетувањето на тие резултати беше неодминлив дел од секое обраќање во кампањата.
Викторија Закински-Тома добила финансиска поддршка за старт-ап во областа на маркетингот и медиумите. „Јас никогаш не би имала 6.000 евра да купам опрема за снимање, така што тоа за почеток беше одлично“, вели таа за ДВ.
„Една моја пријателка која се занимава со свињарство купи инкубатор за осеменување. Тоа е скапо и таа го искористи старт-апот за тоа. Сега има повеќе од 50 свињи и произведува“.
Факт е дека низ програмата на фондацијата на Фидес се одржува силно присуство во Војводина, вели професорот Алпар Лошонц, но прашање е дали тоа обезбедува и гласови на изборите?
„Има и такви луѓе кои и покрај помошта не гласаат за Фидес. Но сигурно постојат такви кои чувствуваат обврска да гласаат затоа што добиле пари“, вели Викторија Закински-Тома.

Viktoria Zakinski-Toma, Ungarin aus Serbien (DW/S. Kljajic)

Викторија Закински-Тома е задоволна од поддршка за нејзиниот старт-ап

Гласовите одат кај Орбан

Во Европскиот парламент, Унгарија има 21 мандат. На последните избори во 2014 година, Фидес освои 12, Јобик-3, додека социјалистите и другите ги поделија останатите 6 мандати. Меѓу претставниците на Фидес се најде и првиот војводинец. Андор Дели е првиот државјанин на Србија кој стана пратеник во ЕП. И сега е повторно кандидат на Фидес, на 11 место, што веројатно ќе му обезбеди нов мандат.
Во Војводина се очекува голема излезност меѓу локалните Унгарци, а проценките се дека најголем дел од гласовите ќе одат на контото на партијата на Орбан.
„Многу веројатно, оние кои ќе гласаат, воглавно ќе гласаат за Фидес. Традицијата е таква. Фидес има таква надмоќ што останатите не можат да се надеваат на многу. Дополнително, унгарската позиција речиси и да не го споменува унгарското малцинство во Војводина, па Фидес има можност да развива офанзивна кампања“, вели Лошонц.
Сепак, тој не верува дека гласовите од Војводина би можеле да му донесат повеќе мандати на Орбан. „Не мислам дека предноста на Орбан зависи од нив. Тоа е дел од целината, бидејќи неговата предност во Унгарија е толкава што ова не може да биде пресудно. Оваа поддршка ја потврдува неговата моќ и сила, и можеби тоа симболично му го зголемува маневарскиот простор“, вели професорот Лошонц.

 

DW.COM

Реклама