1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Увозот на струјата сепак ќе падне на товар на граѓаните

Костадин Делимитов
7 ноември 2020

Како фалбите за извоз, завршија со потреба за итен увоз на струја? Експертите критикуваат за несериозност, надлежните смируваат дека состојбата е под контрола.

https://p.dw.com/p/3kyuz
Symbolbild Stromzähler & Strompreis | Klimadebatte
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Новата грејна сезона стартува со старите енергетски болки. Неповолните метеоролошки услови создадоа проблеми во производството на електрична енергија, па така државата е приморана на интервентен увоз на струја. До 15 ноември преку државниот ЕЛЕМ Трејд ќе се набавуваат потребните количини неопходни за мирна есен, односно покривање на проблемите со недостигот од вода во хидроцентралите, но и делумно блокираните производствени капацитети на термоелектраните поради технички зафати.

Состојбата на терен е драматична, пред се од аспект на водостоите на вештачките акумулации кои одамна се на еколошки минимум. Во услови на криза, интервентниот увоз отвора и повеќе други дилеми, пред се околу цената на набавената струја, но и пристапот до доволни количини. Од АД Електрани на Северна Македонија не очекуваат посериозни проблеми:

„АД ЕСМ започна постапка за набавка и според изготвениот план предвидено е до 15.11.2020г. да бидат набавени 20.450 MWh електрична енергија. Во овој период не очекуваме проблеми со набавката под околностите и причините кои ги наведовте. Во моментов, имаме доволно електрична енергија за покривање на сите потреби на конзумот“, велат за Дојче веле од АД ЕСМ.

Повеќе:

Цената на струјата останува иста!

Либерализацијата на пазарот не значи и поскапа струја за граѓаните

Бизнисот со струја од сонце привилегија за крупниот капитал

Планираната набавка на електрична енергија е речиси половина од акумулираниот капацитет кој во моментов го поседува ХЕЦ Маврово. Овој најголем хидропотенцијал на АД ЕСМ има акумулирана енергија од речиси 46.000 MWh, но таа не работи бидејќи се изведува зафат на шахтите. Дополнителен проблем е што не функционира системот на РЕК Осломеј, а и во РЕК Битола во тек е капитален ремонт:

„Зафатот во ХЕЦ Маврово кој не бил изведен подолго време, има за цел да се намалат загубите на вода кои во моментов изнесуваат 350 литри во секунда. Зафатот е предвиден да заврши на 20. ноември, но дали потоа хидроцентралата ќе започне или не со производство ќе се процени врз основа на ситуацијата и потребите. На почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, каде е обезбедена техничка подготвеност на термоелектраната. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за  разладната кула. Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт, кој е предвиден да заврши на 1.12.2020. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите“, укажуваат од државната енергетска компанија.

Сепак на товар на граѓаните

Надлежните уверуваат дека целиот процес е во насока на заштита на интересот на граѓаните за одржување на цената на домаќинствата на стабилно ниво, како и можна поголема добивка на буџетот. Дел од експертите сепак предупредуваат дека во актуелните услови прашање е дали цената на струјата би била поволна или поевтина од произведената во домашните капацитети. Критикуваат дека граѓаните ќе бидат приморани да го плаќаат цехот за несериозноста и непромислените потези и трошоци кои на крајот од денот, сепак се плаќаат со пари од државниот буџет:

„Се фалевме пред две години дека сме извезувале електрична енергија во период кога моравме да штедиме, а сега ќе бидеме приморани да купуваме поради ненормално испорачување на вода. Шпиље или Дебарско Езеро станаа река, го испуштивме Тиквеш, се поради непланирано работење и во невреме, непланирано ја потрошивме водата и сега сме соочени со проблем“, предупредува универзитетскиот професор Константин Димитров.

Отсуство на инвестиции во енергетски сектор

Дополнителен проблем според упатените е што во последниве години освен во обновливи извори на енергија, отсуствува посериозна инвестиција во енергетскиот сектор.

„Обновливите извори на енергија не го решаваат проблемот, туку само го ублажуваат. Кога имаме сонце имаме некакво производство, но ноќно време немаме ништо, а тогаш имаме големи потреби. Не се направени соодветните ремонти, има недостиг од јаглен, имаше испади во РЕК Битола, проблеми со производството, што генерално е проблем бидејќи производството во термоцентралите е намалено. Нема сериозен пристап. Со 4 километри поврзување ТЕЦ Неготино можеше да работи на гас, но тоа не е направено. Се`уште не се решава ниту прашањето со Чебрен и Галиште. Го закочија тендерот кој го правеше уште минатата Влада за влез на партнер, иако јас секогаш велам дека можеме да го направиме со сопствени средства. Годишно по 100 милиони евра да издвојувавме за пет години ќе го направевме“, реагира Димитров. 

 

Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
РЕК Битола - повеќе испадиФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Сепак и во вакви услови, дел од капацитетите работат со добра динамика. Од ЕСМ велат дека РЕК Битола кумулативно од почетокот на годината заклучно со 04.11.2020 година, произвел 80% од планираното производство со биланс и целосно ги задоволил потребите на АД ЕСМ за испорака на договореното количество струја кон универзалниот снабдувач. Во истовреме и ЕСМ испорачал кон унизерзалниот снабдувач за 1%-2% повеќе од обврската, заклучно со истиот период.

Национален гасовод

Проблемите со производството на електрична енергија од домашните капацитети се во период кога државата забрзано го реализира проектот Национален гасовод. За целосно заокружување на овој капитален проект ќе бидат потребни уште околу 200 милиони евра. Ова го потврди и премиерот Зоран Заев, на увидот на почетокот на изградбата на интерконекторот со Косово кај Семениште, каде што поминува магистралната линија Скопје – Тетово – Гостивар:

„Останатиот дел од магистралниот гасовод е 70 милиони евра, а интерконекторот со Грција ќе биде 54 милиони. Со се останато уште 200 милиони евра ќе бидат потребни за завршување на националниот гасовод“, изјави Зоран Заев.

Според проценките магистралната линија до Гостивар треба да заврши до втората половина на наредната година. Дотогаш треба да стартува и реализацијата на Интерконекторот од Неготино до Гевгелија за кој има подготвено студија за животна средина, инфраструктурен и основен проект, а во тек се и јавни расправи во општините. Во текот на 2021 ќе се проектираат и делниците Кичево - Охрид и Охрид – Битола. Со заокружување на гасоводниот систем и изградбата на Интерконекторот Северна Македонија ќе стане транзитна држава за природен гас за Косово, Србија и Црна Гора што е и еден од клучните приоритети во енергетската стратегија.