1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либерализацијата на пазарот не значи и поскапа струја

Костадин Делимитов
5 септември 2018

Целосната либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија ќе донесе квалитет, но дали и поскапа струја? Надлежните смируваат, граѓаните не треба да стравуваат.

https://p.dw.com/p/34JRV
Symbolbild Idee Strom Glühbirne
Фотографија: colourbox/K. T. Segundo

Финалната фаза од процесот на целосна либерализација на пазарот на електрична енергија во Република Македонија носи промени, но и дилеми. Долго најавуваниот и неколкупати одложуван процес дефинитивно стартува во 2019, па дури и без евентуален избор на т.н. универзален снабдувач. Тендерот за избор на фирма која треба да обезбеди универзална услуга со определен квалитет и по разумни, лесно и јасно споредливи, транспарентни и недискриминирани услови е пред распишување. Надлежните се оптимисти и очекуваат целиот процес да донесе промени, но главно квалитативни:

„Генерално, на регулираниот пазар не треба да има страв дека ќе има поскапување на струјата, а не очекувам тоа да се случи и на слободниот пазар, освен се разбира доколку не се случи нешто драматично со увезената цена на струјата. Но клучно е дека домаќинствата можат да останат на регулираниот пазар и таа информација е многу битна да ја знаат граѓаните. Освен домаќинствата, на регулираниот пазар можат да останат и малите потрошувачи, но тие ќе можат да одат и на слободен пазар ако оценат дека имаат подобра понуда. Очекувам дека цената ќе остане непроменета за домаќинствата и ќе биде поповолна на регулираниот пазар, имајќи ги во предвид овие цени кои се на слободниот пазар“, објаснува за Дојче веле Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

stromkosten sparen
Фотографија: fotolia/Sergej Toporkov

Евтината струја не се укинува

Регулираниот пазар за домаќинствата значи дека тие ќе добиваат струја по цени и услови диктирани од Регулаторната комисија за енергетика, која ќе ја врши универзален снабдувач. До неговиот избор целиот процес ќе го спроведува ЕВН. Универзалниот снабдувач ќе биде должен да го опслужува секој корисник што нема да излезе на слободниот пазар и да му обезбеди квалитет. Клучна новина е што корисниците од т.н. ранливи категории ќе бидат заштитени од исклучување во зимските периоди поради неплатени сметки. Регулаторна гарантира дека ќе остане и евтината тарифа за домаќинствата:

„На регулираниот пазар ќе важат истите услови како што се и досега во однос на евтината тарифа за домаќинствата. Евтината струја не се укинува“, објаснува Бислимовски.

Граѓаните знаат за промените, но сепак се во дилема, дали процесот ќе донесе и непријатни изненадувања:

„Знам дека по Нова година ќе има либерализација. Но што точно тоа ќе значи не сум доволно информиран, иако слушам дека цените не би требало да се променат. Мислам дека ќе биде добро ова да им се објасни убаво на граѓаните за да знаат што да прават. Не е лошо да се направи некоја кампања преку која ќе се запознаат граѓаните, бидејќи знаете, стравот е присутен. Сепак станува збор за струја која влече сериозен дел од буџетот на секое семејство. Посебно за оние кои како мене кои се греат на струја“, коментира Маријан, жител на скопската населба Козле....

Symbolbild - Überland Stromleitung
Фотографија: Fotolia/H. Wolf

Нема гаранција околу промена на цената на електричната енергија

Дилемите кај граѓаните според експертите се оправдани ако се има предвид фактот дека никој не може да ја гарантира цената на електричната енергија во следниот период, без разлика дали станува збор за либерализиран или регулиран пазар:

„Нема и не може да има гаранција дека цената на електричната енергија нема да се промени. Власта, а и ние, крајните потрошувачи, можеме единствено да се надеваме, да не речам да се молиме, да не се промени цената. На пазарот, електричната енергија има своја цена, а трговците, меѓу нив и крајниот снабдувач, ја купуваат, плаќаат транспорт и дистрибуција, го пресметуваат својот трошок, ризик и профит и формираат цена за граѓаните.

Повеќе: 

Како до реална цена на струјата?

Одложената либерализација - нова монополизација на пазарот на струја

Арно ама, промената на пазарните услови нема да ги погоди нив, убеден сум дека ќе се заштитат со купопродажните договори кон потрошувачите. Тие трговци, кои располагаат со сопствени производни капацитети, се во поповолна состојба, во споредба со трговците кои немаат сопствени производни капацитети. Ќе треба да помине време, да се стабилизира пазарот на електрична енергија, барем две години минимум, да се формираат доверливи, стабилни понудувачи-испорачатели на енергија, па граѓаните да се решат кому да се приклучат“, смета универзитетскиот професор Константин Димитров.

Како заштитен механизам против ценовни шокови, од владата одлучија во првата година, 80% од струјата која ќе ја дистрибуира универзалниот снабдувач да биде произведена од државната ЕЛЕМ. Овој процент во втората година би изнесувал 75%. Што друго ќе содржи како обврска во тендерската документација ќе се знае деновиве кога владата треба да го одобри текстот кој го изработува посебна комисија врз основа на доставените критериуми од Регулаторната комисија за енергетика. 

Symbolbild Strompreise Drehstromzähler
Фотографија: picture-alliance/dpa

Заштита на потрошувачите

Од Владата велат дека Универзалниот снабдувач ќе биде должен да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи кои се наоѓаат на подрачјето на кое има обврска да обезбеди универзална услуга и кои избрале да бидат снабдувани од него, во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување. Тој ќе има обврска да набави електрична енергија по пазарни услови со избор на најповолна понуда, во согласност со правилата за набавка на електрична енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика. Особено ќе треба да  обезбеди снабдување и заштита на потрошувачите во оддалечените подрачја, заштита на ранливите потрошувачи во согласност со мерките содржани во Програмата за заштита на ранливи потрошувачи, како и да ги примени цените формирани во согласност со тарифниот систем од новиот Закон за енергетика исклучиво кога ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи. Дополнително, ќе треба и да ги информира потрошувачите за нивните права и условите под кои можат да бидат снабдувани од универзален снабдувач, 

Избраниот, односно назначениот универзален снабдувач ќе биде истовремено и снабдувач во краен случај. Тоа значи дека тој ќе биде должен да врши снабдување на потрошувачите кои останале без снабдувач со кој склучиле договор поради на пример поведена стечајна постапка, ликвидација, суспендирање или трајно одземање на лиценцата. Исто така и доколку потрошувачите не склучиле нов договор за снабдување со електрична енергија по престанувањето или истекувањето на постојниот договор за снабдување. 

Универзалниот снабдувач ќе биде должен да обезбеди универзална услуга за период не подолг од 5 години. Во моментов, во Македонија лиценци за снабдување на електрична енергија имаат 20 фирми. Според податоците на надлежните, од нив активни се осум.

Претходната влада во 2014. година го продолжи рокот за либерализација на струјата за домаќинствата до јули 2020. Ваквиот потег тогаш се правдаше со анализи кои покажале дека излезот на слободниот пазар ќе предизвикало 20% зголемување на сметките за домаќинствата. Како еден од мотивите, беше посочуван и процесот за гасификација чија реализација требаше забрзано да се реализира и да овозможи алтернатива за корисниците. Овој процес не само што не е заокружен, туку периодов и запре поради реакциите на граѓанските организации кои се против ископот на гасоводната траса на Водно, која патем е утврдена уште во периодот на претходната влада.