1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Türkei Erdogan und Kyriakos in Istanbul
Фотографија: Murat Cetin/Turkish Presidential Press Service/AFP

Турција и Грција: Ледено доба среде лето

ЖА | (Зиддојче цајтунг)
4 јуни 2022

Меѓу двете земји членки на НАТО, Турција и Грција, повторно се распламте стариот спор во Егејско Море, анализа во весникот „Зиддојчецајтунг“.

https://www.dw.com/mk/%D1%82%D1%83%D1%80%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B8-%D0%B3%D1%80%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BB%D0%B5%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%BE-%D0%B4%D0%BE%D0%B1%D0%B0-%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B5-%D0%BB%D0%B5%D1%82%D0%BE/a-61998753

„Надежите дека летово во источниот дел од Средоземјето оваа година нема да биде толку обременето од конфликти како во изминатите години, минатата недела се распрснаа откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави: „Од овој момент, за мене лицето Мицотакис веќе не постои“, пишува во анализата на германскиот весник „Зиддојче цајтунг“.

„Зборовите на Ердоган се однесуваат на премиерот на соседната држава и партнер во НАТО – Грција, Киријакос Мицотакис, кого планираше да го сретне за да разговараат околу спорните теми меѓу двете земји, а првенствено – за точното протекување на поморската граница во  Егејско Море  и обостраните аспирации врз богатите нафтени резерви кои се наоѓаат под морското дно.

Тема која сега станува уште поакутна, со оглед на големите напори на Европа да стане понезависна од рускиот гас, а Грција сака да ја зацврсти својата позиција на енергетска крстосница во снабдувањето со енергија на цела Југоисточна Европа.

Со некој кој не постои не може ни да се прави средба и да се дискутира, затоа Ердоган ги откажа сите договорени и можни за во иднина разговори со грчкиот премиер. Како образложение за потегот, турскиот претседател наведува наводно прекршување од страна на Мицотакис на спогодбата - во билатералниот конфликт да не се вовлекуваат трети држави: при посетата во Вашингтон тој неодамна зборувал „против  Турција“  и од Американците побарал да не ѝ испорачуваат воени авиони. Точно е дека Мицотакис имаше обраќање во американскиот Конгрес и во таа прилика зборуваше за постојано повредување на грчкиот воздушен простор од страна на турски воени авиони, и на крајот побара од САД да не излегуваат во пресрет на желбата на Турција за набавка на борбени авиони Ф-16. 

Откако Ердоган објави дека Мицотакис за него веќе не постои, грчкиот премиер на владина седница во Атина ја повтори својата отвореност за секаков пристап базиран врз меѓународно право и добрососедски односи. Но, Атина истовремено се подготвува за  жешко лето на конфликти.  Во Министерството за одбрана се смета на можни турски закани „од хибриден карактер", со цел за „внатрешна дестабилизација“ на  Грција:  од една страна на егејските острови близу турскиот брег, од друга страна на меѓусебната копнена граница вдолж реката Еврос. Таму грчката влада планира доградба од 80 километри на веќе постојната 35 километри долга гранична ограда, за да ја спречи Турција да ги користи  мигрантите како средство за притисок, што Ердоган веќе го направи во пролетта 2020 година. 

Од грчки аспект, Ердоган се изманеврирал во принудна ситуација, цврсто опстојувајќи на својот блокирачки став против прием на Шведска и Финска во НАТО. Можно сценарио, од атински агол на гледање, би бил турскиот претседател да се откаже од своето вето под меѓународен притисок, а тогаш ќе има потреба од друга цел за пред своите избирачи да го задржи имиџот на национално горд тврдолинијаш. Традиционалниот непријател Грција е најблиску веќе според географската положба. 

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу неделава ги засили вербалните закани, во телевизиско интервју најави почеток на „суверенитетска дебата“ за грчките острови во источниот Егеј, пропишана со договорите од Лозана (1923) и Париз (1947). Од грчки аспект, Турција не може да толкува такви барања од споменатите договори, а Атина самата се чувствува загрозена поради турското воено присуство во регионот, повикувајќи се на правото на самоодбрана. Минатата недела Грција му предаде писмо на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со барање Турција да прекине да го доведува во прашање суверенитетот на земјата врз основа на „неосоновани и историски погрешни тврдења“, како и барање Анкара да „прекине да ѝ се заканува со војна на Грција.“

Irans Revolutionsgarden setzen zwei griechische Öltanker fest
Иранската Револуционерна гарда заплени два грчки танкериФотографија: Dursun 'am/AP/dpa/picture alliance

Покрај со Турција, Грција во моментов има растечки проблеми и со Иран: Револуционерната гарда на Иран заплени два грчки танкери во Персискиот Залив, како одмазда за претходната заплена од страна на грчката морнарица на танкер кој пловел под руско знаме, а товарен со иранска нафта, пред островот Евија, поради прекршување на американските санкции. Техеран по тој повод ја обвинува Атина дека дејствува по „заповед на трета страна“, додека пак Грција иранската постапка ја окарактеризира како „чин на пиратерија“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Конечно шини на Коридорот 8?

Пругата наречена „желба“ ќе влезе во графата - изградба

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница