1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Грција и Турција: координативен состанок со ограничена надеж

Каки Бали | Бурку Каракаш
25 јануари 2021

Атина и Анкара денеска повторно седнуваат на координативни преговори околу разликите во однос на истражувањето гас во Егејско Море. Политичарите и експертите со скромни очекувања од разговорите.

https://p.dw.com/p/3oNHe
Griechenland, Thessaloniki: Konflikt zwischen Griechenland und der Türkei
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Moisiadis

По една година тензии меѓу Грција и Турција, двете НАТО членки денеска (25.01.2021) во Истанбул повторно се враќааат на заедничка маса, на координативен состанок во однос на нивните долгогодишни разлики за Егејот. По речиси петгодишна пауза ова ќе биде 61 рунда разговори. Се очекува средбата да ги подобри односите меѓу двете земји што во моментов добро би им дошло и на двете влади, и во Атина и во Анкара. И ЕУ, НАТО и САД го поздравија обновувањето на преговорите.

При тоа овие кооординации се неофицијални и еден вид подготовка за вистински преговори. Но истовремено се можност за Анкара и Атина да останат во контакт дури и во отсуство на напредок во насока на конструктивен дијалог.

Првите 60 средби не доведоа до решение, така што и очекувањата во однос на 61. се скромни. „Ќе разговараме за теми кои беа на дневен ред и на претходните координации,“ изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со германскиот колега Хајко Мас.

Во декември шефовите на држави или влади на ЕУ се согласија да воведат санкции за Анкара поради активностите за добивање на гас на крајбрежјето од Грција и Кипар. Чавушоглу тогаш појасни дека Турција не се плаши од санкции, но има цел да ја задржи „позитивната атмосфера“ со ЕУ и поради тоа не сака да се предизвикуваат натамошни тензии со земји членки на Унијата. Како резултат на ова, дебатата за построги санкции беше поместена за март. Со оглед на тоа што економската криза во Турција оттогаш се продлабочи, таквите мерки би можеле дополнително да и наштетат на турската економија.

Деескалација на тензиите

За грчката страна најважна е деескалацијата на тензии со соседната земја во Егејското Море, особено во источниот Медитеран. За првпат координативниот состанок е тема на дебата и во грчката јавност.

Иако новинарите никогаш вистински не добиваат информации за што разговараат двете делегации – некогаш нема ниту записник од средбите – јавноста со големо нетрпение очекува да види дали Грција може да ја убеди Турција да се преговара само за демаркација на морската граница во Егејското Море и источниот Медитеран.

Само уште еден координативен состанок?

Ако е тоа случај, тогаш двете земји ќе подготват заеднички документ и ќе го достават до Меѓународниот суд во Хаг. Ако не, тогаш ќе има и 62 рунда на координација, па 63... и така натаму.

Повеќе на темата:

ЕУ: Што носат санкциите против Турција?

Судирот помеѓу Грција и Турција не е нерешлив

Грција и Турција: Воен конфликт не може да се исклучи

Според Шерхат Ѓувенч, професот по меѓународни односи на Универзитетот Кадир Хас во Истанбул, и кај двете страни недостасува политичка волја да си ги решат меѓусебните спорови. „Но, со оглед на тоа дека нерешените проблеми имаат кумулативни последици врз внатрешната политика и економијата, овој пат може да имаме промена на политичките ставови,“ вели тој. И покрај предизвиците останува оптимист. 

Претпазлив оптимизам

И грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис настапи самоуверено пред координативните разговори. „Постојано го охрабрувам турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се сретнеме за да разговараме околу главните разлики во нашите позиции, имено за демаркација на нашата морска граница. Оваа приказна трае децении наназад, но ние можеме да ја решиме. Ако не можеме билатерално, тогаш ќе ја решава Меѓународниот суд во Хаг. Всушност заради вакви работи и постојат меѓународни судови,“ изјави Мицотакис во разговор за весникот Монокл.

Japan Maas spricht bei G20-Treffen mit Cavusoglu
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со германскиот колега Хајко МасФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Сите грчки влади од 1974 година наваму сметаат дека признавање на грчкиот и кипарскиот крајбрежен појас и дел од морето кои Грција и Кипар ги сметаат за „ексклузивни економски зони“, се единствените проблеми кои мора да се решат со помош на меѓународната заедница. Кога Турција сакала на дневен ред да стави и други теми, како демилитаризација на островите во источниот Егеј или теоријата за „сиви зони“, тоа никогаш не било прифатливо за грчката страна.

Обвинувања од турска страна

Турската новинска агенција Анадолу смета дека Турција сака да ги разјасни прашањата за демаркација во водите, делот од копното, разоружувањето на егејските острови, опсегот на националниот воздушен простор и ингеренциите за време на операции за потрага и спасување. Нивната делегација ја предводи заменик министерот Седат Енал, Грција пак го испрати искусниот дипломат Павлос Апостолидис, кој веќе има водено разговори од 2010 до 2016. Турската страна ја обвинува Грција дека не учествува во процесот за дијалог, туку наместо тоа провоцира. Министерот Чавушоглу изјави дека ако Грција опстојува на тоа да не соработуваат, Атина ќе сноси одговорност за можни тензии меѓу двата соседа

Не се работи само за Атина и Анкара

Грчката страна исто така ќе вложи многу труд да не излезе како виновник ако разговорите повторно бидат прекинати. Истовремено грчката војска ќе остане во состојба на подготвеност доколку Турција повторно ги започне активностите за добивање гас во близина на Крит, Родос или Кастелоризо. Тензиите во регионот Грција веќе ја чинеа нерви и пари и доведоа до нови огромни набавки за наоружување, особено што се однесува до авиони и воени бродови, кои земјата по децениската економска криза всушност не може да си ги дозволи. Атина нема доверба во големиот сосед на истокот, па покрај разговорите се обидува да ги зајакне и капацитетите за заплашување. 

Чигдем Нас, вонреден професор за меѓународни релации и генерален секретар на Фондацијата за економски развој на Турција, смета дека разговорите не се важни само за билатералните релации на Турција со Грција, туку играат и клучна улога за релациите меѓу Турција и ЕУ. 

 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки