Турција го игра „Големиот брат“ и во БиХ | Свет | DW | 18.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Турција го игра „Големиот брат“ и во БиХ

Двајца професори на турскиот универзитет во Сараево се отпуштени откако одбиле да се појават на доделувањето на почесниот докторат на Реџеп Таип Ердоган. Експерти предупредуваат од растечко влијание на Ердоган во земјата

Со пригоден концерт под името „Јуначки песни“ во Сараево на 14 јули беше одбележена втората годишнина од спречувањето на пучот против владата на Реџеп Таип Ердоган во Турција. Поддршка на „братскиот“ турски народ со своето присуство му искажаа претседателот на владата Денис Звиздиќ, кандидатот на Партијата за демократска акција (СДА) за бошњачки член на Претседателството Сефик Џаферовиќ. како и поглаварот на ИВЗ, Хусеин Кавазовиќ.
Додека едни славеа, други се пакуваа. Џаред Бел и Мојмир Саболовиќ до неодамна беа професори на Интернационалниот универзитет во Сараево (ИУС). Неколку дена откако не се појавија на церемонијата на доделување на почесниот докторат на Ердоган на крајот на мај годинава, Бел, Саболович и уште двајца странски професори биле известени дека договорите нема да им бидат продолжени.
„Во светло на случувањата во Турција и собирот во Сараево, на социјалните мрежи споделив текст на БИРН за тоа дека на некои новинари не им е дозволен пристап на настанот. Исто така споделив и текст за проблемите, апсењата, со кои се соочуваат академските работници и новинарите во Турција. Очигледно тоа го 'потпали' и мојот отказ“, вели Бел за ДВ.
Неговиот чешки колега, Мојмир Саболович сѐ уште не разбира зошто е отпуштен, иако наслушнал дека го сметале за „анти-исламист“.
Управата на ИУС тврди дека на странските професори не им се продолжени договорите „поради економски фактори и истек на работните дозволи“. Оттаму уште нагласуваат дека „политичките ставови не играат, ниту играле, било каква улога во процесот на одлучување за бројот на академскиот кадар“.

Или со режимот, или против него

Во деновите откако ги споделил текстовите на социјалните мрежи, професорот Бел добил серија закани и против него се водела вистинска хајка. Студентите низ постови, кои Бел ги сочувал, го обвинувале дека шири „бласфемија против Ергодан“, повикувајќи ја управата на Универзитетот него и таквите како него веднаш да ги отстранат од факултето.

Turkish games in Bosnia Türkische Spiele in Bosnien (DW/Z. Ljubas)

Професор Џаред Бел


„Она што се случува на ИУС во целост ја одразува состојбата во Турција- оние кои не се согласуваат со режимот се одбележани, отпуштени, отстранети... На ИУС има уште еден, речиси Орвеловски елемент, со оглед на тоа што постојат студенти, дури и академски кадар, кои ги 'шпионираат' останатите и испраќаат извештаи до Управниот одбор во Истанбул, па дури и директно до владата во Анкара. Еден од студентите кој жестоко пишуваше против мене дури и ми рече дека морал тоа да го стори, бидејќи врз него бил вршен притисок“, вели професорот Бел.
Бел и Саболович објаснуваат дека ИУС бил основан како турски универзитет со про-западен стил, но научните стандарди почнале да опаѓаат од 2016 година, од кога се сменети дури четири ректори, и дека е забележително се посилно политичко влијание.

Раст на турското влијание во БиХ

„ИУС работи под маската на меѓународен универзитет со различни факултети и студентски асоцијации, но тој тоа, всушност, не е. ИУС е политички проект, своевидна испостава на нео-отоманската пропаганда на АКП во БиХ“, тврди Бел, додавајќи дека Турција се однесува како „Големиот брат“ во БиХ.
Според Среќко Латал, регионален уредник на БИРН и политички аналитичар, евидентно е дека Ердоган со својата политика во последните две години активно се меша во некои внатрешни работи како во БиХ, така и во останатите балкански земји.
„Во замена за својата политичка, финансиска и друга поддршка во БиХ, пред сѐ кон Бошњаците, Турција бара од нив да следат одредени барања особено во однос на укинувањето на организации за кои смета дека се поврзани со Фетула Ѓулен, без оглед дали за тоа постојат конкретни докази и дали тие организации навистина се поврзани со него“, вели Латал за ДВ.

Turkish games in Bosnia Türkische Spiele in Bosnien (DW/Z. Ljubas)

Професорот Мојмир Саболович

Опасна ситуација
„Ваквата ситуација сигурно не е добра за БиХ, ниту за било кој друг бидејќи БиХ и остатокот од Балканот секој ден сѐ повеќе стануваат арена во која се случуваат судири на големите регионални и глобални сили. Видовме низ историјата, од 1914 дом 1991 година, дека тоа не е добро ни за БиХ, ниту за остатокот на Балканот и Европа“, заклучува Латал.
Постојната регионална и глобална состојба, вели тој, само долеваат масло на огнот на веќе „постојната нестабилност, тензии и политички судири во БиХ“. ЕУ, смета Латал, сѐ уште има можност да го стабилизира целиот Балкан „низ приказната за европското проширување, бидејќи таа приказна не е толку битна за реформите или економскиот развој, колку што е битна за приказната за националните идеи за големи држави на Балканот“.
„Доколку од контекстот на тие стари балкански духови ја извлечеме приказната за европското проширување, тогаш сите тие националистички тенденции ќе одат во правец на унилатерални иницијативи за промена на границите кои порано или подоцна ќе завршат со судири“, предупредува Латал.

DW.COM

Реклама