Турски референдум: Бројки што треба да ја разбудат Германија | Свет | DW | 17.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турски референдум: Бројки што треба да ја разбудат Германија

Мнозинството Турци во Германија го даде својот глас за нова моќ на Ердоган во Турција. Тоа Германија мора да ја придвижи на искрено соочување со нејзиното самоподразбирање како доселеничка земја, коментира Инес Пол.

Не, до овој резултат не се дојде во согласност со законот. Кој затвора опозиционери, забранува митинзи и собири и замолчува новинари, не може да си земе за право да бите демократски легитимиран.

И со оглед на тоа дека Реџеп Таип Ердоган се однесуваше токму така во Турција, а сепак - според официјалните податоци - извојува само тесна победа, изјаснувањето за идната моќ и овластувања на претседателот не беше процес на слободно изразување на мислењето, туку на крајот беше насилно преземање на една демократска држава.

Слободни информации во Германија

Во Германија, наспроти тоа, ситуацијата е поинаква. Околу 1,5 милиони турски државјани со право на глас, кои живеат тука, можеа слободно да се информираат. Имаше митинзи за референдумската кампања на сите важни партии, слободата на мислењето не беше ограничена, мажите и жените не мораа да стравуваат дека ќе завршат во затвор ако критички се изјаснат против идниот автократ.

Па сепак, повеќе од 63 проценти од оние кои го дадоа својот глас во Германија, ги поддржаа Ердогановите уставни реформи. Во апсолутни бројки тоа се околу 450 илјади луѓе.

Овие бројки треба да ја протресат и разбудат Германија. Не помагаат оправданијата дека на гласање излегле само 50 проценти и оти во други земји, како на пример Австрија, поддршката за таборот на Ердоган била уште поголема.

За да можат да се извлечат вистинските консеквенции, Германија мора да биде искрена кон себе. Политичките и општествените сили мора да си признаат дека во последните децении, при сите успеси на интеграцијата, многу нешта мора да се одвивале погрешно кога толку многу луѓе кои живеат во Германија, поддржуваат еден човек кој, меѓу другото, има намера повторно да ја воведе смртната казна.

Конечно одлука околу пристапот во ЕУ

Тоа не е сосема безопасно во оваа изборна година во Германија. Зашто популистичките дебати околу двојното државјанство и едноставните фантазии за протерување водат во ништо и на крајот ѝ се од полза само на Алтернатива за Германија. Германија нема да може да се потпре ниту на посебно конструктивни изјави од Брисел. Мафтањето со крилја утрото потоа и заканата дека сега конечно треба да бидат прекинати пристапните преговори со Турција се колку беспомошни, толку и смешни. Напротив: токму ова долгогодишно повлечи-потегни на многу Турци им создава впечаток дека не се сфатени сериозно и го придвижи Ердоган кон тоа, со еден јасен анти-ЕУ курс да демонстрира стара моќ и сила. 

Европа во овој случај мора конечно да заземе јасен курс. Ако Турција не е посакувана како полноправна членка, тоа мора искрено да се одлучи и  да се бараат други решенија за соработка. Зашто економски на Турција, Европа ѝ е многу поитно потребна отколку обратно. Тоа го знае и Ердоган. Тој израсна во голем политичар, токму затоа што економски беше успешен. И неговата ѕвезда брзо ќе паѓа, ако економското назадување и натаму напредува толку бргу како сега. Инфлацијата во моментов е преку 11 проценти, стапката на невработеност е 13 насто, што е највисоко ниво во последниве седум години.

Ines Pohl

Инес Пол, автор на коментарот

Германија проблемот со сопствените приврзеници на Ердоган ќе може да го реши само самата, така што конечно ќе прифати дека е доселеничка земја - и оваа состојба свесно ќе ја уредува. Без погрешно отпечатена водечка култура или мулти-култи дрдорење, туку јасно застапување на демократскиот устав. Кој живее во Германија, треба да прифати дека детските бракови се забранети и убиствата од чест се злосторства. Дека хомосексуалците имаат еднакви права, исто како и жените, дека и така и така уставот е над сѐ и за овој факт не може да се преговара.

Германските Турци мора да помогнат

На популистите им е потребна несигурност, за да бидат успешни. Тие мора да поттикнуваат стравови за да можат потоа да се претставуваат како единствени спасители. Во овој натпревар не смее да се влегува, зашто на крајот, во секој случај во нашето постојано надразнето општество, секогаш ќе победуваат најгласните. Затоа сега на потег се оние три милиони граѓани со турско потекло, кои веќе немаат турски пасош или кои сосема јасно се спротивставуваат на антидемократскиот курс на Ердоган.

Тие се потребни како градители на мостови внатре во турските заедници, но и како амбасадори во германското мнозинско општество. Зашто нему сега му е потребна објективна анализа, за тоа како е можно толку многу германски Турци да можат да бидат толку заведени, но исто така и за тоа што во изминатите децении се одвиваше добро и може да служи како пример.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама