Трајанов: Да се спречи изборна конфузија, но и манипулација со пописни резултати | Северна Македонија | DW | 22.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Трајанов: Да се спречи изборна конфузија, но и манипулација со пописни резултати

Нацрт-измените во Изборниот законик и преклопувањето на пописот со кампањата за локални избори носат многу опасности, предупредува лидерот на Демократскиот сојуз

На неполни три месеци пред локалните избори кои треба да се одржат на 17.10.2021, несериозно и неодговорно е да се предлагаат коренити промени на правилата за избор на советници, без јавна расправа, без вклучување на експертите, невладиниот сектор и медиумите, вели за ДВ лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов.

„Доколку се прифатат измените на Изборниот законик за отворени листи со цензус од 3% од запишаните гласачи како услов за котирање на горниот дел од листата, и примена на Донтовиот модел за утврдување на редоследот на советничката листа, тоа претставува предуслов за тотална изборна конфузија и нерегуларни избори. Натаму, се гласа за партија или коалиција, но и за еден од кандидатите за советници што е во ред, но гласачкото ливче е важечко и ако се гласа за повеќе кандидати. Како е можно тоа да се предложи? На кој советник ќе му припадне гласот?“, прашува Трајанов.

Декоративен плурализам

Во земјата продолжува долго критикуваната практика - пред секои избори да се предлагаат измени во Изборниот законик - иако експертите укажуваат дека тоа не треба да се прави барем шест месеци пред избори, а најдобро е да се реализира на почетокот на мандатот на собранискиот состав, со цел да се остави простор и можност и другите институции навреме да ги спроведат одредбите од измените. Но, временскиот цајтнот и дилемите околу посочените нејаснотии со предложените измени, не се единствените проблеми.

Pavle Trajanov

Павле Трајанов: лош проект, со прикриена намера да ги исфрлат помалите партии

„Во драфт верзијата не е јасно како ќе се дели времето во медиумите доколку повеќе партии заедно настапуваат, како ќе се афирмираат кандидатите за советниците од различни партии а настапуваат во коалиција. Потоа, доколку некој од советниците се повлече, кој ќе влезе на негово место и од која партија? Накусо, лош проект, со прикриена намера да ги исфрлат помалите партии. Мој став е да не се влегува во оваа авантура, туку изборите да се организираат по постојниот закон, а промените да се одложат за 2025 година“, укажува Трајанов.

Тој потенцира дека решенијата треба да бидат многу појасни, применливи и сите партии и независни листи да имат еднакви стартни позиции.

-повеќе:

Кога ќе се одржат изборите - на 17 или на 31 октомври?

Кој влезе во трката за градоначалници во СДСМ: Шилегов за Скопје, Георгиевски за Охрид

Жешкото лето вовед во пожешка изборна есен

Комунални избори во сите бои

Во изминатиот период се одржаа дискусии за Изборниот законик, а став на повеќе експерти беше дека наместо постојани измени (кои досега ги имало 36), подобро е да се донесе нов Изборен законик, но навреме, со стручна дебата, јавна расправа и најважно - со консензус на партиите. Според аналитичари, мора да се внимава дали предложените законски измени водат кон бипартиски „плурализам“ односно дуопол во етничките атари, бидејќи ако со измените се „збришат“ помалите партии (како што тие сега стравуваат), ќе биде збришан и голем дел од плуралистичкиот колорит. Поради такви околности помалите партии повторно ќе бидат принудени нивниот опстанок да го одржуваат во коалиција со поголемите, што повторно води кон декоративен, а не вистински плурализам.

Опасност од инструментализација на пописот

Но, дилемите сега не се насочени само кон измени во Изборниот законик, туку и кон датумот на одржувањето на локалните избори. Откако премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев изјави дека ќе бара согласност од останатите партии за локалните избори да се одржат на 31-ти октомври, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа предупреди дека така би се прекршил Уставот.

„Датумот на избори не е тема за која ние ќе зборуваме на зелен пазар. Тоа е тема што ја дефинира Уставот и треба да прекинеме со праксата да го кршиме Уставот. Како што е во него дефинирано, така ние треба да се однесуваме и тоа да го применуваме. Ако Уставот вели дека мандатот на градоначалниците и советите е четири години, тогаш после четири години ние треба да го имаме првиот круг за избор на градоначалници и советници. Ова не треба да биде тема за дневна политика. Го повикувам претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги распише изборите согласно Уставот“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Можноста за поместување на датумот на локалните избори со цел да нема преклопување на пописот со изборната кампањата, отвора и други дилеми.

„Кампањата за попис, самиот попис и предвремено објавување на резултати (манипулативни) од пописот, можно е да бидат злоупотребени за локалните избори, да ги усложнат меѓуетичките односи и да го срушат изборниот процес, посебно ако се инсистира иселениците да бидат фактор на внатрешните состојби, како што заговарат албанските партии“, предупредува Трајанов.

За истото неофицијално говорат и други полититичари, па во политичките кулоари сѐ повеќе доминира ставот дека е подобро пописот да се одложи за одредено време, наместо да се поместува датумот за локалните избори.