Трамп ги скастри трошоците за да ја финансира армијата | Свет | DW | 16.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп ги скастри трошоците за да ја финансира армијата

Американскиот претседател Доналд Трамп предложи нов буџет во износ од 1,15 трилиони долари со кој се прави целосен ремонт на владиното трошење и кратења на програми за да се финансираат армијата и ѕидот кон Мексико.

Новата администрација во САД планира драстично кратење на помошта за странство, за Агенцијата за заштита на животната околина, како и за медицинските истражувања, помошта за воените ветерани и развој на општините.

„Буџет кој ја стави Америка на прво место мора да ја стави безбедноста на нашиот народ за прв приоритет- затоа што без безбедност, нема ни просперитет“, порача Трамп во пораката која го придружуваше предлогот за буџетот.

Зголемувањето од 54 милијарди долари за армијата е најголемо од времето на Роналд Реган во 1980-те години, и со него се ветува зголемување на борбената готовност, борба против Исламската држава и изградба на нови бродови, борбени авиони и друго оружје. Зголемувањето на буџетот на Пентагон од 10 проценти се финансира со кратење на странската помош и на домашните агенции кои досега беа заштитени од претседателот Барак Обама.

Буџетот е директно насочен кон најчестите цели на тврдокордните конзервативци, елиминирајќи ги Националниот фонд за уметност, легалната помош за сиромашните, поддршката за греење за оние со мали приходи, како и АмериКорпс- националниот сервис за помош на луѓе во заедниците.

Конгресмените ќе го имаат последниот збор за предлогот на Трамп, и се очекува многу од предвидените кратења да бидат одбиени, или заменети со други.

Безбедносните служби како ФБИ ќе бидат поштедени од кратењата, а за ѕидот кон Мексико предвидени се 1,4 милијарди долари во тековната фискална година, и дополнителни 2,6 милијарди за следната.

Најголеми кратења ќе има во сојузните служби за земјоделство, труд и надворешни работи. За разлика од нив, повеќе пари ќе добијат министерството за одбрана, за домашна безбедност и за ветераните. Илјадници луѓе се очекува да останат без работа во повеќе владини институции.

Предлозите на Трамп се очекува да наидат на жесток отпор во Конгресот, и тоа не само од опозициските демократи кои веќе соопштија дека ќе се спротивстават на кратења во нивните „омилени“ програми како обновливата енергија, климатските промени и домувањето. Повеќе републиканските конгресмени веќе најавија дека ќе се спротивстават на различни предлози во буџетот, меѓу другото и на кратењето на помошта за странство. Но некои од нив не се задоволни ниту од зголемувањето на воениот буџет, кое го сметаат за премало.

DW.COM

Реклама