1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Топло-ладно во македонско-косовските односи

17 февруари 2010

Пред две години Косово прогласи независност. Македонија е меѓу земјите кои го признаа Косово. Какви се односите меѓу Скопје и Приштина?

https://p.dw.com/p/M3ef
ПриштинаФотографија: Filip Slavkovic

Македонскиот амбасадор во Приштина пред една недела официјално ја започна својата мисија, 18 месеци по признавањето на независно Косово. Владата на премиерот Никола Груевски и тогашниот председател Бранко Црвенковски подолго време тактизираа околу признавањето на новиот сосед. Тоа беше чин што значеше дефинитивно отцепување од српскиот децениски патернализам кон македонската надворешна политика и приоритети. „Во соседите сега треба да гледаме добар сосед и шанси за соработка, а не како во минатото безбедносен ризик“, вели Алфред Муслиу, аналитичар од македонскиот невладин секотор.

На одлуката за признавање на Косово како самостојна држава, Србија реагираше со протерување на македонскиот амбасадор од Белград. Една година по тој чин, минатата есен, нов амбасадор во Србија стана поранешниот претседател на парламентот и познатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски.

Подеми и падови во македoнско-косовските односи

„Интерес на Македонија е да развива добри односи, па и економски, со Косово“, вели експертот за безбедносни прашања Благоја Марковски.

UN-Vermittler Martti Ahtisaari stellt Plan für Zukunft des Kosovo vor
Марти АхтисариФотографија: picture-alliance/ dpa

Но, односите со Косово имаа свои падови и подеми. Властите во Приштина не го признаваа меѓудржавниот договор за границата потпишан меѓу Владите во Белград и Скопје. Постапката мораше да се повтори откако демаркацијата влезе во планот на финскиот дипломат Марти Ахтисари, а основа беше веќе признаената линија на разграничување меѓу Србија и Македонија.

Одлуката за диполаматски односи беше донесена по долги и жолчни дебата во парламентите на Македонија и Косово кои го ратификуваа договорот за разграничување, што предвидуваше и размена на мали територијални парцели кај граничните села. Шефот на дипломатијата Антонио Милошоски претходно го бранеше договорот на експертскиот тим, кој ја утврди косовско-македонската граница, со зборовите „Во европски рамки, после ова завршување на одбележувањето на граничната линија, Македонија ќе биде единствената земја, во регионот од Словенија до Грција, која што ќе ги има и дефинирано своите граници.“

„По одлуката на Хашкиот суд за правда, од кого Србија побара советодавно мислење за законитоста на независоноста на Косово ќе се зголеми бројот на земјите што ке ја признаат независноста на Косово“, тврди универзитетскиот професор Јетон Шасивари.

Сега Македонија има добри политички односи со својот северен сосед. Но требаше да посредува албанскиот претседател Бамир Топи, па да се нормализираат комуникациите меѓу претседателите Ѓорѓе Иванов и Фатмир Сејдиу. Тие беа нагло заладени откако македонскиот претседател не го повика косовскиот на сопствената инаугурација, а не прифати ниту Сејдиу да допатува во Македонија во офицајлна посета со таков протокол, се’ додека не бидат воспоставени дипломатските односи.

Интерес за поголема економска соработка

Straßenszene mit Händler in Pristina, Kosovo
ПриштинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Македонија и Косово имаат развиена економска размена која се движи околу 250 милони евра со суфуцит на македонска страна, но пред се’ поради извозот на нафтените деривати од скопската рафинерија „Окта“. „Косово и Србија имаат далеку поголема размена, иако односите им се блокирани. Ние не успеавме да инвестираме во развојот на Косово, особено во енергетскиот систем каде властите во Приштина планираат огромни инвестиции, а Македонија се’ уште е енергетски зависна“, вели Брано Азески, претседател на стопанската комора на Македонија. Тој пред четири месеци предводеше една поголема група македонски бизнисмени кои беа заинтересирани за поголема економска соработка и размена со соседот. Голем товар претставува и патната инфраструктура, затоа што владите на двете земји немаат пари или се’ уште тактизираат со модернизацијата на патниот правец Скопје-Приштина.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска