Терористичките напади во Германија со асистенција од Саудиска Арабија | Свет | DW | 06.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Терористичките напади во Германија со асистенција од Саудиска Арабија

Атентаторите од Вирцбург и од Ансбах контактирале со лица во Саудиска Арабија. Владата од Ријад понуди помош во истрагата.

Саудиска Арабија, според медиумски извештаи, понудила сеопфатна соработка со Германија во истрагата по неодамнешните напади во баварските градови Вирцбург и Ансбах. Висок по ранг претставник на владата во Ријад за магазинот „Шпигел“ изјавил дека Германците треба да добијат поддршка во потрагата по евентуалните помагачи во нападите, за што веќе е остварен контакт со германските служби. „Заеднички ќе направиме се‘ за да ја разјасниме заднината на нападите“, цитиран е владиниот претставник во извештајот.

Чет-трагите водат кон Саудиска Арабија

Според информациите на „Шпигел“, атентаторот од Ансбах пред активирањето на рачно направената бомба, исто како и младиот бегалец во регионалниот воз кај Вирцбург пред нападот со секира и нож врз патниците, добивале инструкции од веројатни членови на Исламска држава во Саудиска Арабија. „Шпигел“ притоа се повикува на реконструкцијата на чет-протоколите доставени до германската Сојузна служба за борба против теророт.

Според нив, двајцата напаѓачи преку повеќе телефонски броеви биле во тесен контакт со терористичката милиција Исламска држава во Саудиска Арабија. Согласно на реконструираните чет-траги, германските служби претпоставуваат дека двајцата атентатори не само што биле инспирирани од непознатите лица, туку дури и инструирани во извршувањето на делата.

Bekenner-Video Riaz Khan Ahmadzai Attentäter Regionalzug Würzburg

Атентаторот од Вирцбург

Далечинска команда

Тие наводно добиле конкретни упатства за нападите. Од 17-годишниот бегалец кој тврдеше дека доаѓа од Авганистан и кој изврши напад во воз во Вирцбург, наводно било побарано да влета со возило во маса луѓе. Тој го одбил барањето со образложение дека нема возачка дозвола.

Истрагата се сомнева дека смртта на атентаторот од Ансбах, по потекло од Сирија, била несреќен случај. Кратко пред планираниот напад, неговиот чет-контакт побарал тој да ја сними детонацијата и да ја испрати до Исламска држава. Но, очигледно експлозивот во ранецот експлодирал пред Сириецот да стигне во зградата каде се одржувал фестивал во Ансбах. Од други четови призлегува дека атентаторот од Ансбах можеби планирал и други напади.

Ријад покажува невообичаена кооперативност

Тоа што Саудиска Арабија толку брзо се јави во врска со новите моменти во истрагата, е невообичаено. Кралската куќа обично молчи на обвинувањата од западните држави за недоволно ангажирање во борбата против теророт.

За истрагата чет-протоколите поврзани со двата напади во јули во Баварија се ново откритие. Станува се‘ појасно дека во двата случаи инструкциите доаѓале или од луѓе во врска со ИД или нејзини симпатизери. Тоа ги надминува досега познатите методи на терористичката милиција, која досега интернетот го користеше главно за пропаганда.

Реклама