СЈО замина во историјата- дали со него ќе заминат и предметите? | Северна Македонија | DW | 30.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

СЈО замина во историјата- дали со него ќе заминат и предметите?

Јавниот обвинител Љубомир Јовески уверува дека согласно новиот закон, надлежните обвинители ќе продолжат да постапуваат по предметите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство.

Со денешното стапување во сила на новиот Закон за Јавно обвинителство, Специјалното јавно обвинителство и дефинитивно замина во историјата. Формирано со цел да ги расчисти сомнежите за бројни злоупотреби и криминал од страна на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, СЈО заврши во дебела сенка на скандалот со случајот „Рекет“ во кој меѓу обвинетите, и осудените, беше и неговата некогашна шефица Катица Јанева. Јанева, во меѓувреме, е неправосилно осудена на 7 години затвор поради нејзината улога во случајот. 
Од СЈО во наследство на старо-новото обвинителство сега остануваат бројни недовршени истраги и случаи кои не добија правна разврска.
Меѓу нив и капиталниот случај „Таргет/Тврдина", кој засегаше во суштината на злоупотребите во МВР и се однесуваше на незаконското прислушување од УБК и уништувањето на опремата со која беше вршено. И три години од почетокот на процесот, судењето се уште е во тек и се изведуваат докази предложени од обвинителството. Слична судбина имаат и предметите „Титаник 1“ „Тендери“, „Талир“ и многу други. Дополнително, и кризата со пандемијата на коронавирусот ги успори и ги фрли во заборав овие случаи.

Nord-Mazedonien | frühere Chefin der Sonderstaatsanwaltschaft Nord-Mazedoniens (SJO) Katica Janeva (DW/P. Stojanovski)

Апсењето на Катица Јанева го забрза крајот на СЈО.


Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за ДВ тврди дека ниту еден случај нема да биде оставен да пропадне, ниту пак со новиот закон за обвинителството некој ќе се амнестира.
„Новото законско решение не значи скриена амнестија на определени сторители на кривични дела“, вели Јовески и дополнува дека по предметите наследени од СЈО „се постапува континуирано од страна на надлежните обвинители“.
Згаснувањето на СЈО денеска го коментираа и двете најекспонирани обвинителки, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска. Фетаи порача дека крајот на СЈО не значи и крај на „борбата за правда во земјата“, оценувајќи дека новиот Закон за ЈО „им дава можности на обвинителите за заедничка борба против криминалот и корупцијата“.
Ристоска, пак, преку својот Фејсбук профил критикуваше што „никој не најде храброст да каже дека се укинува институцијата“.
„СЈО за мене беше симбол на борба за идеали, за борба за правда, за интегритет, за подобра иднина, за борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост“, напиша Ристоска.

DW.COM

Реклама