Сѐ ќе биде поинаку! | Свет | DW | 14.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сѐ ќе биде поинаку!

Во Берлин одамна немало толкав немир. Парламентарните избори ќе се одржат за една година, а партиите се разбуричкани наголемо, пред сѐ поради бегалците.

Ретко кога досега општествената клима била толку наелектризирана како летото 2015-та. Социјалниот немир се прошири многу меѓу граѓаните. Политиката кон бегалците на канцеларката и внатрешната безбедност предизвикуваат загриженост кај населението, сите станаа поемоцинални од вообичаено. И партиите се возбудени, тие одамна се зафатени од предизборна треска. Зашто едно е (речиси)сигурно: во идниот парламент, според сѐ, ќе седат пратеници од шест партии. Такво нешто досега немало. Можна е црно-зелена коалиција, а и деснопопулистичката АфД е тука.

ЦДУ-ЦСУ: Заедно речиси неодоливи

Сестринските партии на Унијата во моментов доживуваат една фронтална контроверза во врска со бегалската политика. На „ќе успееме“-реченицата на канцеларката, ЦСУ од Баварија сега ѝ спротивставува „ќе го промениме тоа“-реченица. Фундаментален судир околу принципи. Сѐ уште не е јасно дали Ангела Меркел воопшто ќе се кандидира за четврт мандат. Потребна ѝ е поддршка од помалата ЦСУ, која пак бара горна граница за бегалци (200.000). Меркел тоа го отфрла. Но, секој втор Германец во меѓувреме е против нова кандидатура на Меркел. Демоскопите прогнозираат дека Унијата (ЦДУ/ЦСУ) ќе освои меѓу 32 и 35 проценти гласови. Тоа е историски ниско ниво, но е доволно за да се продолжи да се владее со некој партнер. Одлучувачкото прашање е: кој ќе биде кандидат за канцелар, ако тоа не биде Меркел? Волфганг Шојбле, кој има авторитет и углед е престар (74) и има здравствени проблеми. Зад него на повидок нема никој кој би можел да тргне по стапките на Меркел.

СПД: Колку мала може да биде една народна партија?

Во уште поголема нужда се социјалдемократите. Тие сѐ повеќе ја губат традиционалната етикета „народна партија“. Само уште 20 до 30 проценти избирачи гласаат за партијата на Вили Брант, Хелмут Шмит и Герхард Шредер, а понекогаш ни толку. Како помал коалиционен партнер таа ретко ставаше политички акценти, а и кога го правеше тоа, тие не паѓаа в очи колку што требаше (минимална плата, пензија на 63 години, проширување на квотата за жени). Проблеми создава и персоналот на врвот. Франк-Валтер Штајнмајер, министер за надворешни работи и далеку најомилен социјалдемократ (44%) не стои на располагање за кандидат за канцелар. Тој еднаш веќе ја загуби трката со Меркел (2009). За лидерот на партијата Зигмар Габриел само 17% од Германците сметаат дека би требало да биде кандидат на СПД за канцелар. Но, веројатно тој ќе биде кандидатот. Во секој случај, веќе кокетира со улогата на предизвикувач. Пред само неколку недели рече: „И во 2004 година никој не веруваше дека Ангела Меркел ќе биде канцеларка“. Перспективите на социјалдемократите не се сјајни. Ако повторно се создаде црно-црвена коалиција, партијата како јуниор-партнер и натаму ќе губи контури, а за улога на сениор нема да има доволно гласови. Црвено-црвено-зелена (СПД, Левица, Зелени) коалиција е спорна. А, да се биде во опозиција, како што рече своевремено социјалдемократот Франц Минтефреинг, е „ср..е“.

АфД: Валкана борба во раководството, победи на изборите

Сосема поинаква е ситуацијата кај АфД. Таа од пред една година ги мобилизира пред сѐ оние кои досега апстинирале од гласање. Две третини од нејзините избирачи на покраинските избори во Мекленбург Предна Померанија во 2011-та останале дома и не го дале својот глас за никого. Сега АфД го турка одзивот на изборите нагоре. Темата бегалци веќе една година ја прави новата партија навистина голема. За тоа придонесуваат и предлозите како оној на шефицата на партијата Фрауке Петри - бегалците да се транспортираат со бродови до острови кои не се дел од Европа, а кои би требало да бидат под мандат на ОН. Значи, некој вид Света Елена (Наполеон) за многумина. АфД е на пат во 2017 година да стане трета по сила партија во земјата. Демоскопите во моментов ѝ даваат околу 15% гласови. Симпатизери на АфД се пред сѐ самостојни претприемачи од истокот на Германија. Демоскопот Манфред Гилнер (Форса) нив ги опишува како „радикализиран среден слој“. Особено паѓа в очи што перманентните интерни партиски борби за превласт воопшто не ги интересираат „клиентите“. Базата бара пред сѐ тотален протест против политиката во Берлин.

Зелени: приклештени од успехот

Нивен најголем страв во моментов: само да не дојде на дневен ред темата со кого да се коалицира на сојузно ниво. Левото крило на партијата фаворизира црвено-црвено-зелена коалиција, делови од партијата - делумно сѐ уште тајно - симпатизираат можност за една политичка премиера во Берлин - црно-зелена коалиција. Таквата варијанта е популарна откако Винфрид Кречман во 2015 година стана прв „зелен“ шеф на покраинската влада во Баден Виртемберг - покраина која важи за родно место на ЦДУ. Кречман, популарен колку што беше и Јошка Фишер во неговите најдобри времиња, на Зелените им донесе пробив во конзервативните избирачки слоеви. Овој успех сега пред изборите на сојузно ниво би можел да стане товар за партијата, затоа што делува како некакво предрешение за идна коалиција во Берлин (црно-зелена). Проблемот притоа е што ЦСУ и базата на Зелените се во судир по речиси сите политички прашања. Истражувањата на јавното мислење велат дека Зелените имаат доверба на 12% избирачи.

Deutschland Symbolbild Die Linke Tasche mit Logo

Левица: потенцијали кои се топат

Левицата и 26 години по германското обединување е партија од истокот. Во источните покраини гласовите на избирачите ги собира и АфД, што значи конкурира во истиот сектор. На последните покраински избори на истокот десетици илјади избирачи на Левицата ги променија боите и се префрлија во кампот на АфД. И идеолошки погледнато Левицата е во конкурентска борба со новите десничари: двете партии се разбираат себеси како претставници на интересите на граѓаните кои имаат мала заработувачка. Затоа, Левицата како членка на евентуална левичарска коалиција има намера да воведе повисоки даноци за богатите. Според анкетите, Левицата има доверба од 9% од избирачите.

ФДП: Смирен старт од нула

Либералите се чини по тоталниот пад во 2013 година на сојузно ниво и во речиси сите покраински парламенти, сега се опоравуваат. По смртта на меѓународно познатите поранеши претседатели на партијата Ханс-Дитрих Геншер и Гидо Вестервеле (двајцата и поранешни министри за надворешни работи) и политичкото збогување на голем број либерали од врвот на партијата, ФДП мора повторно да се понајде себеси. Притоа, сите надежи почиваат на 36-годишниот Кристијан Линднер, кој е партиски шеф од 2013 година. Се чини дека обезбедувањето на цензусот од 5 % на изборите во 2017-та е сигурно.

Реклама