Судот не дозволува контрола на СЈО кај телекомуникациски оператор | Македонија | DW | 02.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Судот не дозволува контрола на СЈО кај телекомуникациски оператор

Специјалното јавно обвинителство попладнево соопшти дека Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 по вторпат го одбил нивното барање за пристап до компјутерските системи на еден телекомуникациски оператор

Увидот на СЈО во компјутерскиот систем на еден од двата телекомуникациски оператори повторно е блокиран од страна на Основниот суд Скопје 1 со кој раководи Владимир Панчевски. СЈО попладнево соопшти дека кривичен совет кој го предводел Панчевски уште еднаш, по вторпат, го одбил нивното барање да извршат увид во податоците на телекомуникацискиот оператор.

Од СЈО не кажуваат за кој оператор станува збор, но на последната прес-конференција на која беше обелоденет случајот „Таргет“ оттаму се пожалија дека не успеале да добијат податоци од еден од двата телеком оператори. Неофицијално, недостапен за специјалното обвинителство е Македонски Телеком.

Од Судот повторно стигнало истото образложение, за наводно нејасно и непрецизно барање.

Во барањето од СЈО било наведено дека се бараат компјутерски податоци складирани во сервери, а кои се однесуваат на записи од кои може да се утврди кои сѐ телефонски броеви биле предмет на следење на комуникациите.

За Судот било нејасно како Специјалното Jавно обвинителство ја утврдило локацијата на серверите, иако во јавноста веќе беше објавено дека ваквите податоци се обезбедени токму од телекомуникацискиот оператор.

Притоа, Судот во образложението тврди дека уредите за кои е побаран претресот „се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација“, велат од СЈО. Нејасно е како Судот дошол до тие сознанија. 

Гледај видео 01:34

Случајот „Таргет“

Инаку, претходната наредба за пребарување на компјутерски системи била одбиена токму поради нејзина наводна непрецизност околу локацијата на серверите на кои е потребно да се изврши претрес, велат од СЈО.

„Нејасно е зошто Судот го менува ставот околу потребата од дефинирање на локацијата каде се наоѓаат серверите?“, прашуваат од Специјалното обвинителство.

Телекомуникацискиот оператор кој прифаќал само формална соработка со СЈО околу истрагата за предметот „Таргет“, во четвртокот на 24 ноември, писмено одговорил и ги испратил техничките податоци кои му се неопходни на ова Обвинителство за да добие судски налог за претрес врз дел од компјутерските системи и податоци со кои располага операторот.

Во изјава за ДВ, деновиве од Дојче Телеком- мајката фирма на Македонски Телеком, изјавија дека во целост ја поддржуваат и охрабруваат соработка во рамките на истрагата на СЈО.

Според неофицијални информации на ДВ, заштитените записи од прислушкуваните разговори од страна на УБК се останати во системот на Македонски Телеком. Можно е логовите да се наоѓаат системот кој ги обединува различните типови на мрежи кои се користат во операторот, вклучително и интернет протоколот. Системите за прислушкување на Ериксон, кои биле користени при масовното прислушкување во Македонија, оставале траги и во софтверот на операторите иако следењето на комуникациите било вршено во Управата за безбедност и контраразузнавање. 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама