1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

DW Medien Südosteuropa

23 ноември 2010

Во ЈИЕ официјално постои слобода на медиумите. Во реалноста, меѓутоа, новинарите ја вршат работата соочени со многу ограничувања. За ова се разговара на меѓународна конференција во организација на ДВ и Друштвото за ЈИЕ.

https://p.dw.com/p/QFyA
„Репортери без граници“ на најголемиот дел од земјите од ЈИЕ им дава слаба оценка што се однесува до слободата на медиумитеФотографија: BilderBox

Најновиот извештај на „Репортери без граници“ на најголемиот дел од земјите од Југоисточна Европа им дава слаба оценка што се однесува до слободата на медиумите. Црна Гора е на 104 место, на исто рамниште со Ангола и Нигер. Дури и членките на ЕУ, Бугарија и Романија, се на 70, односно 52 место. За ваквиот слаб резултат придонесуваат многу фактори.

Оливер Вујовиќ, генерален секретар на Организацијата за медиуми од Југоисточна Европа, со седиште во Виена, вели: „Проблемот е што новинарите истражувачи кои се занимаваат со откривање корупција, илегални бизниси, шверц и слично, работат најчесто сами, без поддршка. Тие вршат извонредна работа, работа која всушност би требало да ја врши државата, а се соочуваат со закани и никој потоа не им помага.“

Konferenz Medien in Südosteuropa
Оливер ВујовиќФотографија: DW

Оливер Вујовиќ нагласува дека демократијата во овие земји не може да се развие без истражувачкото новинарство: „Втор голем проблем во Југоисточна Европа е прашањето на сопственоста. Кој е вистински сопственик на медиумите? Во основа, проблем е што локални бизнисмени од фирми регистрирани во некоја друга држава се вистинските сопственици на медиумите, а тоа луѓето во земјата не го знаат.“

Профитот пред демократизацијата?

Дел од сопствениците на медиуми се и странските инвеститори, чие влијание на југоисточноевропските пазари во последните години порасна. Најголеми германски инвеститори, на пример на српскиот пазар, се „Аксел Шпрингер АГ“ и медиумската групација „ВАЦ“. Надежта дека ваквите претпријатија ќе донесат повеќе квалитет во локалното медиумско милје, не се исполни. Драгана Николиќ Соломон, раководителка на одделот за медиуми на ОБСЕ во Србија, критички гледа на улогата на западните инвеститори: „Има извештаи кои покажуваат дека некои од овие странски инвеститори само го користат недоволно регулираното медиумско милје за да ги зголемат своите добивки.“

Konferenz Medien in Südosteuropa
Драгана Николиќ СоломонФотографија: DW

Наместо да придонесуваат за демократизација, тие се грижат само за зголемување на профитот. Истовремено, профитираат од лошата економска ситуација на локалните меидуми: „Балканските земји се‘ уште се во фаза на трансформација и имаат слаб правен систем во сферата на медиумското работење. Значи, мора да се заострат законите.“

ДВ и обуката на новинари

При преминот кон плуралистичко и слободно новинарство во ЈИЕ, важна улога игра и Германија, нагласува Николаус Граф Ламбсдорф, ополномоштеник за ЈИЕ во германското Министерство за надворешни работи: „Што се однесува до билатералните проекти и соработката, Германија е водечка во веројатно сите земји на Западен Балкан. Тоа не е случајно. Ние од нашата историја знаеме колку беа важни демократските медиуми во изградбата на нашата демократија, прво во Западна Германија, а по обединувањето и во Источна Германија. Сакаме да го поделиме ова знаење и со другите. Ангажирани сме, а пред се‘ Дојче веле, на обука на млади новинари, и тоа успешнo.“

Konferenz Medien in Südosteuropa
Николаус Граф ЛамбсдорфФотографија: DW

Автор: Александра Шерле / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска