Страв – сѐ повеќе Германци се вооружуваат | Свет | DW | 24.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Страв – сѐ повеќе Германци се вооружуваат

Курсеви за самоодбрана, дозволи за оружје, солзавец: сѐ повеќе Германци се чуствуваат небезбедни и купуваат оружје за самоодбрана. Чуството на небезбедност има повеќе причини. Дали тоа може да се реши со оружје?

Германците се вооружуваат.  Сѐ повеќе граѓани вадат таканаречени „дозволи за носење мало оружје". Со нив во чантата тие смеат и на јавни места со себе да носат специјален спреј со гас против напаѓачи или пиштоли со ќорци - куршуми кои се полни со солзавец. Но, и тие се опасни: ако се испукаат од близина може да имаат и смртни последици.

Пред сѐ во последниве две години бројот на Германци кои вадат дозвола за носење оружје енормно се зголеми. Во јануари 2016. година 301.000 лица извадиле вакви дозволи, додека во јануари 2017. овој број се искачил на 557 000. Продажбата на „заслепувачки“ ласери, електрошокери или мини спрејови со солзавец веќе е толку зголемена што трговците не постигнуват да набават доволно роба.

Особено е зголемен интересот и за курсевите за самоодбрана. Теквондо здруженијата, фитнес клубовите па дури и специјализираните школи во моментов нудат низа курсеви за самоодбрана, а има се повеќе заинтересирани.

Schreckschusspistole (Picture-alliance/dpa/C. Rehder)

Пиштол-плашливец, потенцијално смртоносен

Чувство на небезбедност

Јасно е: чуството на небезбедност во Германија кај граѓаните енормно се зголеми во периодот од 2015. до 2017. година. Една анкета на Институтот за испитување на јавното мислење Инфратест димап од јануари 2017. покажа дека 23% од Германците се чувствуваат „прилично небезбедни" или „многу небезбедни". Само една четвртина од испитаниците се чувствуваат „многу безбедни", додека огромното мнозинство - 51 % се изјасниле дека во принципи се чувствуваат „безбедни“. Во споредба со претходните две години, 32 проценти се изјасниле дека се чувствуваат „помалку безбедни", додека над две третини рекле дека работите „не се промениле многу".

Чувството дека нештата не се промениле многу веројатно го отсликува впечатокот на повеќето Германци, смета Дина Хумелсхајм-Дос, социолог и научен соработник во Одделот за криминологија на Институтот за меѓународно кривично право Макс Планк во Фрајбург во Брајсгау. „Кога станува збор за насилство, само мал дел од Германците се чувствуваат лично загрозени во секојдневниот живот. Сѐуште не постојат научни долгорочни студии, но последното истражување од 2016. година укажува дека општото чувство на несигурност во Германија е благо зголемено во споредба со 2014. година ", рече Хумелсхајм-Дос за Дојче Веле.

Сепак, уште во јануари 2017. година, Инфратест димап регистрираше дека многу граѓани презеле голем број мерки на претпазливост и заштита. Една третина од испитаниците во истражувањето изјавиле дека навечер не одат на одредени улици или плоштади. Речиси две третини пак рекле дека со себе носат спреј со солзавец или некакво оружје за самоодбрана.

Повеќе на темата: 

Година на стравови за Германците

Враќање на германскиот страв

Поврзаност со имиграцијата?

Времето во кое се зголемил интересот за барање на дозвола за мало оружје се поклопува со времето во кое Германија ги отвори границите за мигранти и бегалци. Дека постои поврзаност меѓу двата феномена потврдува и анкетата на Инфратест димап. На прашањето, од кои групи на луѓе се плашите најмногу, една третина одговорила: „од странци и бегалци". На второ место се „неонацисти и десничари" но за нив се изјасниле дури 13% помалку од првите.

Сепак е нејасно како имиграцијата влијае врз чуството на безбедност на граѓаните, вели Хумелсхајм-Дос. „Ваквата слика е пред сѐ лиферувана преку медиумите и по правило, граѓаните дознаваат за ефектите од миграцијата од медиумите, без да бидат во можност директно да ги проценат проблемите во цела Германија". Но, се разбира, не може да се исклучи дека општествените случувања - како и миграцијата - доведуваат до чувство на несигурност и стравови. Дали се основани или не, е друго прашање."

Deutschland Köln Hauptbahnhof (picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt)

Германска „зона на страв“? Келнската главна железничка станица

Повеќе оружје – поголема безбедност?

Германците се вооружуваат. Но, дали оружјето им гарантира повисоко ниво на безбедност? Не, објаснува криминологот и адвокат Артур Кројцер на неговото предавање на Високата школа за полиција во јули 2017. година. „Во екстремни психолошки ситуации, многумина прибегнуваат кон оружје и или се убиваат или пукаат кон другиот". Доколку оружјето не им е на дофат, може да се избегнат убиства или самоубиства во многу случаи".

Дополнително: Зголемениот број на луѓе кои приватно поседуваат оружје ја труе и атмосферата на соживот. „Воениот менталитет се шири, недовербата и стравот се зголемуваат. Довербата во јавната безбедност се намалува ", вели Кројцер.

Од оваа причина, според социологот Хумелсхајм-Дос, една од важните работи е: да се увидат причините за чувството на несигурност на Германците. Често тие не произлегуваат од криминалот. „Знаеме дека стравот од криминал секогаш е многу поврзан со останатите различни стравови. Криминалот секогаш служи како огледало на социјални проблеми, па затоа треба посилно да се концентрираме на социјалните проблеми на населението ".


 

 

DW.COM

Реклама