Средба на анти-ИД коалицијата во Вашингтон | Свет | DW | 22.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Средба на анти-ИД коалицијата во Вашингтон

Со Трамп сѐ ќе се смени? Плановите за борба против терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД) потсетуваат многу на оние на владата на Обама. Сега за нив ќе се разговара со партнерите.

Средбата во Вашингтон на министрите за надворешни работи на земјите кои се дел од анти-ИД коалицијата е добра прилика. Барак Обама беше тој што во 2014 година ја постави на нозе коалицијата од 68 држави, но Трамп сега има прилика на јавноста да ѝ го претстави постигнатиот напредок. Борбата против „Исламска држава“ и победата над неа беа дел од неговите најважни предизборни ветувања.

Напредок има навистина. ИД - или како што Белата куќа вели, ИСИС - подолго време губи влијание и територии во Ирак и Сирија. Исчезнува влијанието на странските борци. Многумина очекуваат паѓање во текот на наредните месеци на упориштата на ИД - Мосул и Рака.

Стратегиите за ваквиот развој, како и самата коалиција, се направени долго пред стапувањето на Трамп на функцијата. Но, мора да се каже дека новата влада, за разлика од многу други политички сфери, не го отфрли она што Обама го остави на овој план.

„Стратегијата за борба против ИД која ја презентира владата на Трамп наликува на она што го преземаше Обама - потпирање врз специјални сили кои изведуваат целни напади, слични на оние во Јемен во јануари годинава“, објаснува Аманда Кадлек, аналитичарка за национална безбедност во тинк-тенк организацијата РАНД Корпорација. Покрај тоа, се создаваат и тренираат и локални сили за борба против ИД.

U.S. Präsident Donald Trump Republican Congressional Committee Rede (Reuters/C. Barria)

Борбата против „Исламска држава“ и победата над неа беа дел од најважните предизборни ветувања на Трамп

Како Обама, само поинтензивно?

„Дел од набљудувачите планот на Трамп го нарекуваат 'интензивирање' на постоечката, а не нова стратегија“, додава Кадлек. Најголемата разлика, велат експертите, е таа што сега ќе бидат ангажирани поголем број американски војници.

Во моментов во Сирија има околу 500 припадници на специјалните сили. Според „Вашингтон пост“, американското Министерство за одбрана размислува да испрати дополнителни 1000 војници за да се подготви офанзива врз градот Рака, кој ИД го смета за главен град на териториите кои се под нејзина контрола.

Кадлек потенцира дека многу поважно од бројот на војниците е што тие ќе прават во Сирија. Истражувањата на јавното мислење покажаа дека во последните години е зголемена поддршката за копнени операции против ИД, но дека Американците сѐ уште сметаат дека ангажман на специјалци е подобар од испраќање поголеми контингенти копнени сили.

DW.COM

Реклама