Србија и Косово: Кого го погодува „реципроцитетот“? | Информации и анализи за Балкан | DW | 21.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Србија и Косово: Кого го погодува „реципроцитетот“?

Косовската полиција почна да им издава на возилата од Србија привремени регистерски таблички со ознака РКС, што предизвика големи тензии и проблеми за многу граѓани.

Без оглед на најавите за воспоставување „реципроцитет“ со  регистерските таблички од Србија, косовската влада на граѓаните не им соопшти ни кога тоа ќе се случи, ни какви процедури ќе бидат во сила. Дека тоа ќе почне од понеделник (20.09.2021) од 8 часот утрото се дозна од медиумите, откако во северниот дел од Косово беа распоредени тешко вооружени сили на Специјалните единици на косовската плиција (РОСУ).

„Јас сум на Јариње од девет часот утрото. Тогаш сообраќајот веќе беше стопиран, а припадниците на Специјалните единици беа овде од раните утрински часови. Овде се и граѓаните кои утрото се собраа во знак на протест, а поставија и барикади од камиони и приватни автомобили“, раскажа синоќа за Дојче веле Иван Митиќ, новинар од порталот „КоССев“. Неговиот автомобил е заробен во колоната патнички возила. Слично е и на преминот Брњак во соседен Зубин Поток, каде во текот на денот на собраните граѓани бил фрлен и солзавец.

И во населбите во општините на Север било јасно дека нешто се случува. Најголем дел од кафулињата и продавниците се затворени, а во оние кои работеа, граѓаните купуваа брашно и масло. На улиците беше зајакнато присуството на полициски патроли кои загледуваат во регистарските таблички. Оние со ознаки од Србија, БГ, КГ,Ни, и т.н. се упатуваа да отидат до најблискиот премин и да преземат привремени пробни таблички со ознака РКС. Се најавува дека добивање привремени таблички најверојатно ќе биде можно од денеска и во Центрите за регистрација на возила.

Неизвесност

За граѓаните токму тоа „најверојатно“ е најголем проблем, но не и најголема непозната. Додека во јавноста во  Србија трае расправа за истек на важноста на статусно неутралните КС-таблички, кои според евиденцијата на косовските власти во српските средини ги има помалку од 100 и кои веќе една година воопшто не се издаваат, косовските Срби ги мачат други грижи.

Kosovo Jarinje | Polizeiaufgebot an der Kosovo- serbischen Grenze

Преминот Јариње на срско-косовската граница

Покрај табличките со кратенки за српските градови во Србија, а кои отсега на територијата на Косово ќе бидат заменувани со пробни РКС-таблички, полициските испостави на МВР Србија издаваат и регистерски ознаки на градови во Косово – КМ, ПР, ГЛ, УР и РЗ. Илјадници граѓани сопственици на тие автомобили чекаат на одговор што ќе биде со нив.

Тие таблички во понеделникот утрото, во краткиот период додека на Брњак и Јариње функционираше сообраќајот, наводно се конфискувани. Слични најави за конфискување на „нелегални“ таблички доаѓаат од косовското МВР. Со тие таблички досега беше можно да се премине само преку Брњак и Јариње, не и на останатите премини, а движење им беше дозволено само во општините на Север, зашто косовските власти сметаат дека Србија не смее да издава регистрации за градови во Косово.

Патнички автомобили и товарни возила регистрирани со КМ, ПР, ГЛ, УР и ПЗ според евиденцијата на Републичкиот завод за статистика на Србија, лани биле 9419. Сопственикот на едно од нив за ДВ потврдува дека во понеделникот утрото бил вратен од преминот Брњак. „Албанците не ми доволија да пријдам, а на српската страна ми рекоа да не се обидувам да поминам, зашто ќе ми ги извадат табличките“.“

Тој живее во Брњак, село во општина Зубин Поток, до кое се стига преку Брњачкиот мост на чија средина е административен премин. За да стигнат до населбата Зубин Поток, мештаните од Брњак на кратко влегуваат на територија на Србија за преку преминот да се вратат на територија на Косово. Соговорникот на ДВ тоа вчера не можел да го направи, а не се знае ни дали ќе може.

Возила со регистерски ознаки КМ (Косовска Митровица) има и во колоната возила кај Јариње. Меѓу нив се и санитетски возила кои единствени со полициска придружба можат да се движат низ Јужна Митровица ако тоа е најкраток пат до болницата.

„Загревање атмосфера“ пред избори

На спротивната страна на северниот дел од Косово, на преминот Мердаре во Подујево вчера меѓу првите пробни таблички со РКС добил Милош Миловановиќ, програмски директор на „Нова општествена иницијатива“, невладина организација од Митровица. За ДВ вели дека рано утрото тргнал со автомобил од Белград со белградски таблички. На пат за Јариње дознал за присуство на Специјалните единици на косовската полиција во Лепосавиќ и решил да помине на Мердаре.

Табичките ги добил брзо, но веднаш зад него се формирала долга колона. На пат до Севера Митровица двапати го запирала полициска патрола за проверка на РКС табличките.

Потегот на владата во Приштина тој го гледа како „загревање атмосфера“ пред избори: „Ова е сигнал дека ‘Самоопределување' губи доверба кај граѓаните кои се незадоволни од начинот на кој работи владата. Сега се надеваат дека со реторика на зголемена нетрпеливост кон Србија ќе добијат добар изборен резултат“, оценува Милановиќ за ДВ и додава дека „одѕивот нема да биде задоволувачки“, зашто на Косово му претстојат локални избори на кои граѓаните ќе гласаат за локални политики и инфраструктурни проекти.

Спогодби кои не се одржливи

Слободата на движење беше прв договор кој Белград и Приштина го склучија во Брисел. Тоа е воедно договор за кој најчесто се преговараше, чии одредби беа и ревидирани. Од понеделникот е јасно дека односите на двете страни се толку деградирани што не можат да се сложат ни за оваа тема која најмногу влијае на практичниот живот.

Kosovo Jarinje | Polizeiaufgebot an der Kosovo- serbischen Grenze

Тензии на граничниот премин Јариње

Без оглед на препукувањата на власта и опозицијата во Србија за тоа кој договор е виновен за новонастаната ситуација, дали оној од 2011 или оној од 2016 година, проблем не е во спогодбите. Проблемот е во отсуство на суштински дијалог. „Ова е уште еден од показателите дека договорите произлезени од Бриселскиот дијалог не можат да бидат одржливи ако нема гаранција на меѓународната заедница, односно посредници“, вели Миловановиќ за ДВ.

Пробните таблички се смислени во спогодбата од 2011 и таа на Косово му дава право, како и Србија, да издава привремени регистерски ознаки, но не и да издава т.н. документи за влез или излез. Косово досега не ги практикуваше тие одредби од спогодбата, а и сега практикува само издавање пробни таблички, не и документи за влез и излез. 

Гледај видео 01:40

Живот во Србија, погреб на Косово

Кого го погаѓа реципроцитетот“?

Праксата на издавање пробни таблички не е идеална. Таа предвидува табличките да се добиваат на два месеци, што е процедура која во најдобар случај трае 15 минути, а чини 450 денари. Сепак, таа им овозможува на луѓето од Косово да патуваат низ Србија.

Неретко поради процедурата доаѓаше до застои на премините, каде според наводи на многу патници од Косово, токму поради тоа задржување и се разви  корупциска шемамеѓу граничните полицајци која ги таргетира косовските Албанци, за што пишуваше и Дојче веле.

Повеќегодишната промена на таа пракса за автомобили од Косово е причина поради која најновиот потег во Косово е протолкуван како „правичен“. Проблем е меѓутоа што таа одлука нема да ја погоди Србија, туку Србите од Косово, а ќе им го компликува животот на Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓе. Косовското МВР ним им порача дека ќе им помогне во трошоците, а слични ветувања за Србите од Косово , кои Белград ги смета за свои граѓани, засега нема.