Србија: издуваниот балкански тигар | Економија | DW | 06.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Србија: издуваниот балкански тигар

Србија падна за пет места на новата Дуинг бизнис листа. Партократијата зема данок, проценуваат аналитичарите. Дополнително и бирократизираната јавна управа го отежнува доаѓањето на инвеститорите

Всушност тешко е да се утврди што е реакцијата на власта во Белград на непријатната вест дека Србија паднала за пет места на листата Дуинг бизнис на Светската банка. Од една страна, главната вест е практично скриена во сите медиуми блиски до власта, но затоа таблоидите се преполни со наслови како на претседателот Александар Вучиќ некој ќе мора да му плати за тоа.
Наместо обид да се идентификуваат бројните структурни проблеми кои ја доведоа Србија до пад на 48 место, целиот случај се претвори во политички циркус во кој фрчат меѓусебни обвинувања на сите страни.
Целата реакција е во длабок несклад со претходните примери кога Србија напредуваше на листата. Тогаш за тоа се говореше и дебатираше со месеци, но овојпат само можеше да се дознае дека претседателот е лут и дека поради тоа ќе мора да бидат сменети директори на некои јавни претпријатија.
Причините за назадувањето, според главниот уредник на неделникот Нин Милан Чулибрк, лежат во фактот дека другите напредувале. „Другите не седат и не чекаат туку работат побрзо од Србија. Тоа е уште еден доказ дека во изминатите години слушавме празни приказни за Србија како економски лидер во регионот. Се поставува прашањето во што сме ние лидери кога сите се подобри и побрзи од нас“, вели Чулибрк.
Меѓу клучните забелешки на Светската банка наведени се долгите рокови за приклучување на електрична енергија, неефикасноста во издавањето на градежни дозволи и проблемите врзани со Законот за стечај. Условите за водење бизнис во Србија се влошени во 7 од 11 набљудувани области. Тоа е пред се данок на партократијата, уверен е економистот Саша Ѓоговиќ.
„Имаме нереформиран јавен сектор во кој јавните претпријатија имаат ниска продуктивност и служат само за залебување на партиските кадри. Стручноста и знаењето не се на цена, туку само партиската припадност и што повисок степен на полтронство. На сето тоа се потпира бирократскиот систем на јавната управа, што создава невидливи трошоци за работење и го отежнува доаѓањето на инвеститорите“, вели Ѓоговиќ.

Infografik Investitionen des Auslands in Serbien, Annahme und Wirklichkeit EN

Потеклото на инвестициите во Србија

Не се живее од фалби

Иако се истакнува дека листата Дуинг бизнис е само еден од параметрите кои ги интересираат инвеститорите, претседателот на Србија и натаму ја гледа таа листа како клучна оценка за состојбата на српската економија. Таа листа, може да се каже, повеќе му служи на политичкиот маркетинг во кој граѓаните со празни џебови се убедуваат дека „многу добро ни оди“.
Чулибрк забележува дека едно се пофалбите од меѓународните финансиски институции, а наспроти тоа е суровата реалност на граѓаните на Србија. „Просечната плата во Србија е на дното на Европа. Ние на тоа постојано ги предупредуваме претставниците на ММФ и другите организации. Стандардот на граѓаните веќе неколку години стагнира и е следен со беззначајни стапки на стопански раст“, вели главниот уредник на Нин.
Како реакција на лошите вести, српскиот претседател најави смена на директори, но и остро ја критикуваше работата на одредени министерства. Ѓоговиќ смета дека бурните реакции на Александар Вучиќ уште еднаш покажале дека тој всушност ја води српската влада и дека во таа смисла не може да побегне и од сопствената одговорност за економските проблеми и падот на листата.
„Како некој кој всушност ја координира работата на владата, тој морал да добие некои сигнали дека нешто не е во ред. Така да и ова е уште едно замајување на јавноста и префрлање на вината. Исто така, такви работи не се најавуваат туку се прават во некој разумен рок. Кога вие вака најавувате тоа претставува само некој вид спинување. Така во Србија се најавуваат и апсења или инспекции по смрт на работници, па тогаш сите имаат време да се тргнат или сѐ да се доведе до ред“, вели Ѓоговиќ.

 

DW.COM

Поврзана содржина