Србија: вакцини има, нема кандидати за вакцинирање? | Информации и анализи за Балкан | DW | 13.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Србија: вакцини има, нема кандидати за вакцинирање?

Речиси сите кои се пријавија за вакцинација во Србија, веќе се вакцинирани. Но три четвртини од полнолетното население во земјата се нема пријавено за корона-вакцини. Според експертите дезинформациите го земаат данокот.

„Ова е апсурдно“, вели епидемиологот Зоран Радовановиќ за ДВ. „Ние сме единствена земја во светот во која понудата на вакцини е поголема од побарувачката“. Додека во светските медиуми одекнува мешавина од чудење и воодушевување од брзиот почеток на вакцинацијата во Србија, податоците објавени деновиве го отвораат прашањето дали наскоро корона вакцините од кинеско, руско и западно производство ќе се трупаат во српските магацини?

Имено во Србија над еден милион луѓе имаат примено барем по една доза вакцина, додека на листа на чекање се уште двесте илјади граѓани. Тоа значи дека од 5,5 милиони полнолетни граѓани само една четвртина се пријавиле за имунизација.

„Како Бога ве молам пријавете се да примите вакцина. Имаме и ќе имаме уште вакцини, како Бога ве молам пријавете се“,  апелираше претседателот Александар Вучиќ минатата недела, најавувајќи дека и тој наскоро ќе прими вакцина.

Колективен имунитет до лето – невозможна мисија?

Според официјалните претставници Србија веќе набавила или нарачала околу петнаесет милиони дози што е безмалку доволно населението по два пати да прими по две дози. Но, сега се чини е невозможна мисија да се најдат доволно луѓе подготвени да ја примат вакцината.

Проценките на експертите ширум светот се дека за да се постигне колективен имунитет потребно е да биде вакцинирано од 65% до 85% од населението.

Епидемиологот Радовановиќ предупредува дека е погрешна пресметката на Кризниот штаб кој најавува дека Србија до лето ќе може да стекне имунитет на стадо. Бидејќи не може само просто да се собира бројот на оние кои ка прележале болеста и оние кои примиле вакцина. Тие две групи во голема мерка се поклопуваат, а оние кои прележале имаат заштита од само неколку месеци.

„Луѓето се двоумат дали да се вакцинираат. Едноставно немаат соодветни информации. Односно, интернетот го победи Министерството за здравство. Имаме инфодемија,“ вели искусниот епидемиолог Радовановиќ. „Многумина велат, немам ништо против вакцина ама сакам да почекам да видам што ќе биде со оние кои први ја примија вакцината“,  додава тој. 

Повеќе:

-Србија- трета земја во Европа што започна со корона-вакцинација

-Србија се вакцинира: Русија и Кина стигнаа пред Западот

-Вучиќ- политичка ѕвезда во Македонија

Радовановиќ смета дека државата доцни со „здравствената едукација“ на граѓаните која мора да биде составен дел од вакви мамутски потфати во сферата на јавното здравство. Исто така не е познато дали до сега е санкциониран некој лекар за ширење дезинформации за епидемијата и вакцинацијата.

Здружението Обединети против Ковид, на почетокот на февруари поднесе пријава против пулмологот Бранимир Несторовиќ до Судот на честа во Лекарската комора во Белград. Несторовиќ, кој претходно беше и член на Кризниот штаб е познат по изјавите дека короната е „вирус кој постои само на Фејсбук“ и понатаму е чест соговорник на медиумите блиски до власта во земјата.

Гледај видео 15:47

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

„Постојаното гостување на телевизии, без никаква контрола, без одговорност, а камоли правно санкционирање, многу повеќе ги трујат луѓето од ковидот, а истовремено им носи огромна заработувачка и на сопствениците и на вработените во тие телевизии, како и на шарлатаните, чии приватни ординации и бизниси им цветаат,“ напиша режисерката Билјана Србљановиќ во колумна за Блиц кон средината на февруари.

И покрај тоа што онлајн формуларот за пријавување за вакцинација е едноставен и нема бирократски пречки, за сега се нема пријавено ни онаа третина граѓани кои се изјасниле дека се подготвени да се вакцинираат. Или барем така покажуваат резултатите од анкетата на „Нова српска политичка мисла“ спроведена во јануари. Нешто поголем процент (38%) изјавиле дека ќе почекаат, додека 27% одбиваат вакцинација.

Шокантен податок од ова истражување е дека подготвеноста за вакцинирање е четири пати помала кај опозициски настроените граѓани.

„Има основна недоверба во вакцините, слично како и во други земји“, изјави тогаш за ДВ, уредникот на НСПМ Ѓорѓе Вукадиновиќ. „Но постои и специфичен политички аспект кој нема врска со антиваксерите. Тоа е недовербата во сѐ што чини, вели или пропагира власта“,  појаснува Вукадиновиќ.

Шизофреничен однос кон епидемијата

Властите најголемиот проблем го гледаат во малите средини, посебно кај постарите луѓе и како што се претпоставува, лошо информираните луѓе. „Ќе одам да се вакцинирам во Жагубица или Мерошин, таму некаде, за да бидам пример и да ги замолам овие луѓе да се вакцинираат,“ изјави Вучиќ. Идејата му е да се поттикнат на вакцинација и оние кои досега не се пријавиле.

На Србија ѝ се потребни и мобилни тимови за вакцинација кои ќе влезат во секое село, изјави за Н1 претседателот на Здружението за јавно здравје, Драгослав Поповиќ. Луѓето имаат страв и отворени прашања, и бараат одговори поради што „би било добро да се спроведе една промотивна кампања која ќе биде насочена кон овие луѓе“, предлага тој. Ова досега беше сосем занемарено, смета и Зоран Радовановиќ. Наместо тоа, претседателот „популистички“ се расфрлаше со бројот на набавени вакцини, слично како и претходно со бројот на набавени респиратори кои завршија по магацини, констатира епидемиологот.

„Ако продолжи вака, за неколку месеци можно е Вучиќ да прогласи задолжителна вакцинација за одредени категории на вработени. Но, можно е сега да се воздржи од ваков потег бидејќи би бил непопуларен воочи избори,“ додава Радовановиќ.

Прашањето е колкаво влијание врз имунизацијата има и по малку чудниот однос кон сѐ полошата епидемиолошка ситуација и благите мерки кои ги воведува Владата. Веќе со денови се регистрираат над 4000 новозаболени дневно, иако се проценува дека оваа бројка е далеку повисока бидејќи секој четврти тест е позитивен.

Неодамна репортерката на германската телевизија РТЛ во Белград, шетајќи се покрај преполните кафулиња во својот прилог констатираше дека има впечаток оти луѓето се однесуваат „како да нема корона.“

Веројатно определбата на власта да се „зачува економијата“ и животот да тече помалку или повеќе нормално, кај многу граѓани остава впечаток дека е сѐ во ред -  дури и ако не се вакцинираат.