Споменикот на Стефан Немања - приказна за нашата сегашност | Информации и анализи за Балкан | DW | 29.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Споменикот на Стефан Немања - приказна за нашата сегашност

Вучиќ е во право кога вели дека споменикот на Стефан Немања е „приказна за нас“. Само, проблемот е во тоа што тоа не е приказна за нашата целокупна историја, туку за нашата сегашност, оценува Дарио Хајриќ.

„Напредњачката“ историја на визуелни уметности е прилично несреќна: брановитиот патријарх, Гагариновата мала глава на гигантски постамент, кикиндскиот був во полна ерекција и кипот за којшто се' уште утврдуваме дали го претставува Сибињанин Јанко или сер Жиле... Тоа се само некои во низата контроверзни скулптури изникнати во последните години. Споменикот на Стефан Немања е сепак нешто повеќе од тие ситни ескцеси.

Покрај тоа што претставува оддавање чест на првиот српски владетел и основач на династијата Немањиќ, властите нагласуваат дека споменикот воедно симболизира и државност, слобода и национално единство. Меѓутоа, за единство е навистина тешко да се зборува во ситуација кога самиот споменик предизвика надвикување кое кулминираше во церемонијата на откривање.

Од една страна, тука е упорното фиксирање на дел од јавноста на естетскиот аспект на проблемот: Стефан Немања „јава на жерав“, „не се вклопува во околната архитектура“, „мегаломански е“, „свети“, „грд е“, „локацијата му е погрешна“... Списокот на помалку или повеќе втемелни забелешки е долг.

Од друга страна, тука е уште помалку артикулираната, но затоа многу агресивна позиција дека секој кој има какви било замерки на споменикот е најобичен „предавник“, „странски платеник“, „човечки отпад“ и „олош“. Таа група одбива да прифати дека некој може да ги критикува нетранспарентноста, расипништвото и урабнистичко-архитектонскиот хаос, а притоа да не станува збор за „патолошка омраза“ кон Србија.

Повеќе: Споменикоманија во Србија: Вучиќ ќе има поголем споменик од Груевски

Прашање на цена

Со тоа доаѓаме и до темата јавен интерес - прашањето на естетика мора да биде во втор план во однос на она што политичката класа го гледа како свој приоритет, од каде ги плаќа прироритетите и дали со тоа го крши законот. Исто како што симболот на национално единство не значи дека единството со самото тоа и постои, така ни уредувањето на Савскиот плоштад како симбол на „напредњачкото златно доба“ за Србија не значи дека се подмирени дури ни најосновните потреби на граѓаните, па сега може да се честиме со споменици кои чинат милиони.

Dario Hajric Soziologe Aktivist Serbien

Дарио Хајриќ

Се разбира, прашањето колку чини споменикот е на списокот со теми што треба да се премолчат, ако некој сака да ја избегне етикетата на предавник. Причината е што националната симболика нема цена и дека всушност е непристојно да се праша дали личноста на Стефан Немања заслужува милиони евра од државниот буџет среде криза, бидејќи одговорот мора да биде ентузијастичко „да“. Дури е факт дека властите одбиваат да ја обелоденат сумата, како тема која е непријатна за разговор на семеен ручек.

Сепак, сведоци сме дека државата е многу добра во пресметување на цената и одбива да ја плати кога станува збор за животот на граѓаните. Лекувањето на тешко болни деца сега веќе традиционално се потпира на солидарност или сомилост изразени преку СМС-пораки. Нивните родители се принудени јавно да молат за помош, наместо да се подразбира дека државата е должна да го обезбеди уставно загарантираното право на лекување и достоинствен живот. За тоа време, граѓаните на Чачак собираат пари за да му го отплатат кредитот на лекарот кој починал од Ковид-19 за неговото семејство да не заврши на улица.

Неколку милиони евра не се трајно решение, но би направиле разлика. Не е ни потребно да се плаќаат милиони за споменикот: можеме да имаме живи деца и статуа од 23 метри и покрив над главата и тони бронза. Она што не треба да ни биде прифатливо е пари да има само за второто. Ниту една држава не треба да си биде сама себеси поприоритетна од луѓето, бидејќи без нив таа едноставно не постои.

Повеќе: Естетика и политика - кој дух владее со Скопје?

Естетика или патриотизам - по потреба

Сепак, со попатното споменување на проблемот на цената, Партијата за слобода и правда реши да се фокусира на непоткрепеното тврдење дека арапските инвеститори во „Белград на вода“ утврдиле дека Стефан Немања не смее да држи крст во раката. Нејасно е дали се има намера да се каже дека за Арапите е попријатно кога христијанин во нивно присуство држи меч, но со тоа легитимната тема за располагање со народните пари се крева на ниво на верска проблематика.

Вучиќ, од друга страна, отворено води уште една предизборна кампања, користејќи државни пари и криејќи се зад национални симболи. За тоа сведочи и масовниот народен собир за време на откривањето на споменикот и покрај забраната за јавни собири и пандемијата поради која во Србија секојдневно гаснат дваесетина животи.

Иако нивната одговорност во никој случај не е еднаква поради драстично различната позиција, двете страни се потпираат на емотивното ниво на темата околу споменикот, секоја на свој начин експлоатирајќи го естетскиот и патриотскиот агол. Властите велат дека споменикот е прекрасен и дека е критикуван од дежурните плукачи и предавници, дел од опозицијата дека е несоодветен и дека неговиот патриотски набој е намален со фантомска арапска интервенција. Јавниот интерес е маргинализиран во двата случаи.

Повеќе: Моќта на спомениците

„Приказна за нас"

Вучиќ беше целосно во право кога за време на свеченото откривање рече дека споменикот на Стефан Немања е „приказна за нас“. Само проблем е што тоа не е приказна за нашата целокупна историја, туку за нашата сегашност.

Нашата сегашност е таква што сме подготвени да издвоиме милиони евра за споменик, додека родилиштата се распаѓаат, а деца умираат затоа што не можеме да ги испратиме на лекување во странство и сето тоа го нарекуваме патриотизам. Поважно ни е дали токата на ременот на Стефан Немања е анахронизам, отколку колку време е потребно за да се помине Савскиот плоштад во сообраќаен метеж. Гледаме како да изградиме сообраќајница покрај споменикот, наместо да направиме кружен тек и на него да засадиме што сакаме. Ние го замислуваме националното единство така што еден одлучува, а останатите бираат дали ќе бидат единствени или ќе станат предавници.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама