Социјалдемократите на пат кон трета коалиција со Меркел? | Свет | DW | 24.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Социјалдемократите на пат кон трета коалиција со Меркел?

По целоноќно советување на партиското раководство се чини дека значително е порасната подготвеноста на СПД уште еднаш да влезе во т.н голема владина коалиција со Демохристијаните.

Во СПД, се множат оние кои сметаат дека, доколку е нужно, по третпат од 2005 година - и на тој начин по четврти пат во историјата на Сојузна Република -  треба да се влезе  во коалиција со партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ. „СПД не може да се однесува како пркосно дете", изјави министерот за правда, Хајко Мас. Исто така, генералниот секретар на СПД, Хубертус Хајл,  доцна во изминатата ноќ по осумчасовната седница на раководството на Социјалдемократите истакна дека заеднички ги оценувало укажувањата од сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер: „СПД нема да се затвори за разговори". Хајл уште рече дека сега ги чекаат разговорите на Штајнмаер со лидерите на пратеничките групи на партиите во Бундестагот следната недела, како и понатамошните постапки кои ќе ги предложи германскиот претседател.

Мартин Шулц и можната оставка

Според Хајл, повеќечасовната средба на партиското раководство на која присуствуваа и поранешниот лидер на СПД, и сѐ уште министер за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел, кој е еден од најголемите поддржувачи на голема коалиција со Демохристијаните и неколку покраински премиери од СПД, била многу конкретна и конструктивна. „Раководството на СПД е единствено ". Претходно, Хајл и Мас ги отфрлија шпекулациите за оставка на партискиот претседател Мартин Шулц.

Неуспешниот кандидат за канцелар, кој по најлошиот изборен исход за СПД во историјата ( само 20,5 % освоени гласови) неколку пати решително велеше „не“ за голема коалиција , внатре во партијата е  под силен притисок. „На овие разговори никој не му наметнуваше оставка на Мартин Шулц  и тој не понуди оставка", изјави Мас. Социјалдемократите, според Мас не можат да бидат обвинети за партиско тактизирање. Унијата и СПД на изборите освоија околу 14 проценти помалку гласови отколку на претходното гласање на изборите за Бундестагот. Не може постојано да владее една таква констелација, која овозможува подем на политичките маргини, што се гледа во успехот на Алтернатива за Германија (АфД).

Во понеделникот (20.11), неколку часа по пропаѓањето на сондирачките преговори за таканаречена Јамајка- владина коалиција меѓу ЦДУ, ЦСУ, Либералите и Зелените, раководството на СПД едногласно ја потврди одлуката против голема коалиција најавена во ноќта по изборите и тендираше кон нови избори.  Меѓутоа многу пратеници на СПД во Бундестагот се спротиставија на нови избори, на кои повторно би можеле да го загубат новостекнатото место во парламентот. Сега е задача пред сѐ на Шулц да ја подготви партијата за можната промена на курсот и да го пренесе ова до базата, велат во СПД. Но за разлика од раководството, бројни членови на СПД сметаат дека не треба да се влегува во нова голема коалиција. Конечната одлука веројатно ќе биде донесена за две недели за време на тридневниот партиски конгрес на СПД во Берлин

DW.COM

Реклама