1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот за „големи држави” на малечките балкански политичари

26 април 2021

Една дузина малечки (лажни) цареви се изроди на Балканот по пропаста на Југославија и на Источниот блок. И сега тие стануваат нестрпливи. Им треба  царство! Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3sZU5
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Балканот е на пат да ја оствари Ничеовата теза за животот како „вечно враќање на истото“. Само што балканската варијација на познатата теза од „Волја за моќ”  е епигонска и варварска. Таа, за жал, беше „дежа ви” не  само за нашите предци, туку е и за нас, сведоците на распаѓањето на Југославија. Очигледно  балканските политичари можат  да сонуваат за великост,  само кога во нив се буди атавистичката глад на канибалите.Кога пак посакуваат да јадат живо месо.Тоа е храната за нивниот комплекс на мала вредност. Затоа и во ЕУ (која  ги надмина границите!) тие сега сакаат да исцртаат нови граници на Балканот. А бидејќи територијата балканска, како воен, но и како „мирнодобски” плен, е мала, границите  балкански секогаш минуваат низ домови и одаи, низ месо и тела, низ фамилии и биографии, низ градови и езера.А откако со барут и крв ќе бидат поставени новите граници, тие  потоа со години остануваат херметички затворени. Балканските држави беа бастиони на етничката самовљубеност и  „расна чистота“. За таа „чистота” стапуваа во пакт и со ѓаволот. Станаа  мајстори во  бришење на трагите од  различното на својата територија. Во своите нови национални држави тие како во пламени котли  асимилираа, претопуваа и топеа -  народи, луѓе, имиња и презимиња, биографии, надгробни споменици, документи, јазици и култури.

Карл Краус  напиша  на почетокот на дваесеттиот век дека картите на балканските држави се исцртуваат на генeралските маси  во Виена или Берлин. Тој заборави дека на Првата светска војна и‘ претходеа Балканските војни. Во  нив лукавите балкански држави ( често и самите создадени со голема помош на европските пријатели!) вешто ги инструментализираа „Големите европски сили" за своите планови на прекројување на Балканот. Би се зачудил  ли  Краус  денес кога би сознал дека картите за новите граници малечките балкански епигони уште ги исцртуваат прво во своите валкани дворови, а  потоа се обидуваат да им ги продадат на  ЕУ-политичарите како мировен рецепт „а ла Балкан”,  вековно успешен  „бренд балкански“? Што да прават кутрите кога не ги бива за друга работа, туку само за демагогија и за војни? Друг занает тие не научиле. Самите се бившите, брзо збогатени профитери од последните војни, југословенските.Вредните, талентираните, модерните Николатесловци од Балканот се одамна заминати на Западот.Останаа анахроните политичари кои дури и како членки на НАТО веруваат дека ќе можат да водат „невидливи војни“, кои нема да бидат регистерирани од светските радари.Балканскиот авторитарен ум едно говори на својата територија, на вечно парадоксалниот Балкан, а друго ветува во Брисел. Таму лажливите политички софисти балкански успешно ги продаваат своите ретроградни соништа за чисти национални држави како  заштита на „својата историја“, својата историска теориторија, своите историски имиња, призеаците на пропаднатите царства. Тие ја прекројуваат територијата на  Балканот и денес во визиите по урнек на одамна мртвото - пропаднатите царства. Притоа го бришат од историското сеќавање фактот дека тие царства не биле „етнички гета“ како нивните божемни модерни држави.

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Реалноста покажува дека балканските држави никогаш не успеаја да станат вистински европски, токму затоа што тие само имитираат дека се раководат според идејата на граѓаниниот, врз која се градеа европските држави по Француската револуција. Францускиот поим citoyen  (од citè, центар на градот), но и германскиот поим Bürger, се родија од духот на Француската револуција и европското Просветителство. Тие претпоставуваат граѓанство како припадност на држава, како еднаквост пред законот. Теоријата за државата на  Жан-Жак Русо или на Имануел Кант  се потпира на помот на самостојниот кој не се однесува според својот партикуларен интерес,  како етничкиот, родовскиот.На балканските политичари им остана туѓа оваа филозофија на државата, која се темели и врз римското civitas. Граѓанството за визионерите на модерните европски држави не е определено од  етничкото потекло.Регресијата  во предмодерни форми  на етносот, разбран какао  амалгам од племенска, клановска и крвно-родовска припадност,  не е лесно препознатлива  за ЕУ поради вештата мимикрија на балканските политичари, со која секогаш успеваат своите анахрони соништа да ги претстават како борба за човекови права. Кохезијата околу тој амалгам во балканските држави и ден-денес се зајакнува со сакрализација на „своето“ и со стигматизација на „туѓото“.Чистата етничка држава е единствениот  идол на кој му се поклонуваат балканските народи.

Други колумни од авторката:

-Пандемијата и грдото лице на политиката

-Паметењето на поезијата

-„Светот ќе го спаси убавината“

Луцидниот Андреј Кончаловски, во едно интервју вели дека Русија не се менува затоа што денешните политичари се некогашните селани, а тие  отсекогаш сонувале за слободата во која и тие конечно ќе можат да си играаат цареви и кнезови.И секако, нив народот и денес си ги избира на парламентарни избори како свои „нови цареви“! Тоа не е  далеку и од балканската реалност. Многу балкански политичари   се восхитуваат на  средновековните и античките цареви, а во стварноста  се најчесто обични криминалци. Граѓаните ги уверуваат дека ги заштитуваат нивните антички царства како свој „етнички бренд“, исто како и овчото сирење, јогуртот или ајварот од Балканот, кои, патем, не  се многу различни од оние на соседот. А сето тоа само за да спречат Балканот, нивното Елдорадо од корумпирани држави, да  не биде гибнато од вистински европеизирачки реформи.

Westbalkan-Konferenz in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Може ли таа фарса балканска да кулминира во нешто друго, освен во „повикување на духовите” на вечните балкански војни? Што друго може  да произлезе од тоа во балканската лута зачинета кујна, ако не крваво „балканско касапење"? Една дузина малечки (лажни) цареви се изроди на Балканот по пропаста на Југославија и на Источниот блок. И сега тие стануваат нестрпливи. Им треба  царство! Оти каде се видело да се биде цар, а да се нема царство? За жал, соновите за големите царства, но и за големите држави на најмалата територија како оваа на Балканот, не се имагинарни, виртуелни компјутерски игри. Тие секогаш се остваруваат со варварски, крвави војни или агресивни политички  методи, дури и во мирно доба. Вистината  за божемното „мирољубиво менување на границите” ја знаат само бегалците, затоа што тоа станува нивната постојана траума. Балканот го наоѓа седативот да опстои во хаосот и во него постојано да сонува за нови војни само  во со помош на својата болест - амнезијата на траумата. Балканските држави и народи не љубат да бидат потсетени на траумите од војните. За да не мора да се сетат и на тоа дека биле и  џелати, кога самите се уверени дека биле вечна жртва на неправедната историја. Балканските општества, дури и кога се  демократски, не сакаат ниту бегалци, а уште помалку бегалски приказни. Најдобриот пример за тоа е амбивалентноста која уште владее во перцепцијата на егејските бегалци во Македонија. Другите Македонци никогаш не сфатија вистински дека егејската приказна може во секој миг на Балканот да стане општобалканска приказна. Што значи, и нивна приказна! Затоа што  државните идеологи на Балканот ги табуизираат жртвите  и траумите на  бегалците и протераните по секоја војна, тие можат и денес да им го продаваат сонот за  менување на границите  на своите граѓаните како визија на мирот. Поголема хипокризија и цинизам  е незамислива. Барем за мене, родена во егејско бегалско семејство!

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.