Смртоносниот поход на ковидот - бројот на жртви поголем од бројот на жители во Крушево | Северна Македонија | DW | 20.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Смртоносниот поход на ковидот - бројот на жртви поголем од бројот на жители во Крушево

Северна Македонија е на врвот во Европа по бројот на смртни случаи. „Замислете за една и пол година да ги снема Крушево и Вевчани - токму жртви зеде ковидот“, вели токсикологот Нико Беќаровски.

„Бројот на починати во Македонија од Ковид-19 надмина 6.437. Ако оваа бројка не Ви изгледа страшно, замислете за само една и пол година да ни ги снема Крушево и Вевчани“. Со овие неколку реченици токсикологот д-р Нико Беќаровски го отслика страотните последици од Ковид-19, коишто во изминативе речиси две години земе илјадници животи во земјата. Ако се има предвид дека Крушево има 5.330 жители, а неколку градови во Источниот дел на Македонија имаат и под 2.500 жители, тогаш нема да се погреши ако се каже дека вирусот во својот смртоносен поход има земено жртви колку што има жители во три града на источниот дел на земјата. 

Последниот бран, во кој доминантен стана Делта сојот, стана кобен за најмладите. Здраствените билтени секојдневно известуваат за се помлади жртви коишто му послегнале на вирусот, а детските болници се полнат со пациенти коишто се на кислородна поддршка. Како што информираше веб страницата ourworldindata.org., според бројот на смртни случаи, минатата седмица во Европа прва е Северна Македонија со 96 починати лица, што е четврто место во светот. По Северна Македонија се Бугарија, БиХ и Косово, а Србија се наоѓа на 27. место во светот. 

Најпогодени се невакцинираните 

Бројот на новозаразени, според дневните статистики на Министерството за здравство се намалува, но висока е бројката на починати од вирусот. Најпогодени, според надлежните институции, се невакцинираните граѓани, поради што продолжуваат апелите за  што помасовна имунизација. 

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje

Најпогодени, според надлежните институции, се невакцинираните граѓани, поради што продолжуваат апелите за  што помасовна имунизација.

Токсикологот, д-р Нико Беќаровски смета дека ваквата црна статистика можеби ќе беше „сива“, ако процентот на вакцинирани во земјава беше многу повисок од само 37%. 

Итна потреба од протоколи

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 186 914, на оздравени пациенти е 167 402, а на починати е 6.460. За една недела 192 лица починаа од Ковид-19 во земјата, меѓу нив и 18 годишна мајка на шестмесечно бебе. Лекарот Злате Мехмедовиќ укажува дека главната причина за големиот број смртни случаи е тоа што лекарите не работат според унифициран протокол за лекување на заразените пациенти. Тој предлага протоколот или упатството за третирање на Ковид-19 да се донесе како закон и да се објави во „Службен весник“. 

Проф. д-р Даниловски, кој е поранешен министер за здравство, ги повика да се разбудат стручните здруженија при Македонското лекарско друштво. „Еснафот е на потег! Нека седнат заедно, нека ги изанализираат состојбите. Нека направат работна група составена од инфектолози, пулмолози, анестезиолози. Конечно да дојде на светло на денот национален протокол, упатство – наречете го како сакате – за третман на болни од Ковид-19 на сите нивоа на здравствена заштита. Макар со задоцнување од петстотини дваесет и кусур дена. Подобро некогаш, отколку никогаш. А Министерството за здравство да се грижи тие протоколи да се спроведуваат стриктно од секој доктор во Македонија“, вели тој. 

Аларм 

Експертите алармираат дека покрај проблемот со недостиг на протоколите за лекување,  има и недостиг на медицински кадар. Ова прашање се отвори особено по пожарот во модуларната болница во Тетово, каде на површина излегоа низа проблеми со кои се соочуваат пациентите коишто се лекуваат од Ковид-19. Поради недостиг на кадар, во дел од ковид-центрите роднини на заразените помагале за нивната грижа.  

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje

Експертите алармираат  дека покрај проблемот со недостиг на протоколите за лекување,  има и недостиг на медицински кадар.

Здравствените власти, пак, велат дека најголем проблем е тоа што пациентите многу доцна бараат лекарска помош, кога болеста има многу прогресирано и не може да се спаси нивниот живот. Последните официјални податоци на Министерството за здравство укажуваат дека се поголем е бројот на пациенти коишто изминативе денови починале дома, а не во болничките кревети. Лекарите апелираат граѓаните со хронични болести да одат на редовни контроли и прегледи, бидејќи по пандемијата со Ковид-19, се стравува на наплив на други болести, кои што навреме не биле детектирани и лекувани. Тоа го потврдуваат и анализите кои покажуваат дека од над 6000 граѓани кои  ја загубија битката со вирусот, повеќе од 70 проценти биле со коморбидитети. 

-повеќе на темата: Ковид: Фактите ставени на кислородна поддршка - има или нема протокол?

Во моментов има 13.052 активни ковид случаи, од кои најголемиот број 5.833 се во Скопје. Над илјада активни случаи има во Тетово, а со висока бројка се и Куманово – 914,  како и Охрид – 668, Струга – 638, Гостивар – 530, Струмица – 518. 
Анти-ковид вакцината е единственото решение за намалување на бројот на починати. Лекарите укажуваат дека граѓаните коишто не развиле имунитет по две примени дози, ќе треба да се вакцинираат и со трета доза. Ваквата можност деновиве ја најави и министерот за здравство Венко Филипче. Тој апелираше  дека само со вакцинација може да се постигне колективен имунитет и да се заштити населението од смртоносните последици на вирусот. Филипче информираше дека со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории. Поради тоа се размислува за зајакнување на досешаните мерки, па од октомври се поголема е веројатноста дека во угостителски објекти и во други институции ќе биде дозволен влез само со сертификат за примени две дози вакцина.