1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Словачка оди по патот на Орбан“

Кено Верзек
28 јули 2018

Словачкиот новинар Арпад Солтеж пред две децении беше жртва на брутален напад. Во интервју за Дојче Веле зборува за убиството на Јан Куцијак и перспективите на слободата на медиумите во неговата земја.

https://p.dw.com/p/2x2if
Slowakei Bratislava Demonstration nach Journalistenmord
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Voijnovic

Дојче Веле: Господине Солтеж, пред три месеца беа убиени истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Куснирова. Убиството длабоко ја потресе Словачка. Што помисливте кога ја чувте веста и како гледате сега на ситуацијата во вашата земја?

Арпад Солтеж: Во првите часови бев многу шокиран, а потоа почуствував огромна болка и лутина. Јас лично не се плашам, но сум загрижен за земјава. Стравувам дека ова убиство нема никогаш да биде расветлено, бидејќи има силно политичко влијание тоа да не се расчисти. Иако изгледа дека политичката елита навистина не знае кој го убил Јан, се чини дека се сомневаат дека сторителите се толку големи и моќни што сите би биле вознемирени ако случајот се расчисти. Јасно е дека убиството било поврзано со работата на Јан. Јас само што напишав еден коментар насловен како „Јан е мртов, моќните продолжуваат да владеат, се навикнуваме на тоа".

Премиерот во оставка Роберт Фицо, уште пред неколку години, а во меѓувреме и повеќепати даваше негативни и изненадувачки коментари против новинарите. Дали е тоа прифатливо два месеци по убиството?

Можеме да видиме дека Фицо оди по патот на Унгарија, пат кој го трасираше Орбан. И во Унгарија, а и во Полска тоа беше првиот чекор да се затвораат медиуми. Пред два месеца беше незамисливо во Словачка новинар да биде убиен. Но еве, такво нешто се случи. Може да се очекува дека ќе следат и други убиства и на крај јавноста да се навикне дека убиство на новинари, исто како во Русија, е средство за решавање на проблеми на луѓе кои можат тоа да си го дозволат. Притоа не мора да бидат само новинари. Многу е можно мета да се судии или јавни обвинители. Ова може да стане  модел и за останатите земји, за Полска или за Унгарија. Мислам дека таму, откако слушнаа за убиството на Куцијак, се проби психолошката бариера. Нешто што беше навистина незамисливо, денес е во рамките на возможно. Ќе биде сѐ потешко да се биде новинар во централно-источна Европа.

Повеќе: 

Незадоволните Словаци не попуштаат

Словачка: Манекенка, мафија и висока политика

Убиството на Јан Куцијак - црното досие на Словачка

Во 1998 бевте брутално претепан поради ваше истражување.
Да, се работеше за приватизација на една фабрика за месо во градот Прешов во источна Словачка, која ја истражував. Една вечер имавме семејна вечера во еден ресторан во градот Кошице. Во еден момент отидов до тоалет. Кратко потоа ми пристапи еден човек и ме претепа без да каже ниту збор. Ми скрши неколку ребра и додека лежев во бессознание на подот, тој молчешкум излезе од тоалетот. Тоа беше апсолутно професионално извршена работа.

Пред неколку месеци напишавте дека во Словачка веќе не е возможно да се вратат такви услови како во 90-те години на минатиот век. Земјата во основа е функционална правна држава и е на добар пат напред. Погрешна проценка?

Да, по убиството на Јан Куцијак и на Мартина Куснирова се чини дека сум погрешил.

Arpad Soltesz | slowakischer Journalist
Арпад Солтеж е еден од зачетниците на истражувачко новинарство во СловачкаФотографија: TV Joj

Веднаш по убиството, главните словачки медиуми се здружија и формираа група која ќе продолжи да ги истражува темите на кои работеше Јан Куцијак. И вие сте дел од таа група. Колку сте успешни во работата до сега?

Има многу теми на кои работеше Јан кои ги расветливме до крај. Тој има оставено многу систематски структурирани белешки со кои може многу добро понатаму да се работи и истражува. Делумно се откриени и нови моменти кои ги следиме понатаму. На почетокот речиси секојдневно нешто објавувавме. Сега темпото е малку забавено, но тоа е од причина што јавноста во принцип  не може секојдневно да прима нова афера. На крајот на краиштата нашата работа нема смисла ако таа не се рефлектира во јавноста.

Оваа иницијатива изгледа доста уникатна. Постојат национални, како и меѓународни истражувачки здруженија, но невообичаено е најзначајните медиуми на една земја да се здружат.

Мислам дека исто така треба да му се заблагодариме на Рингиер Аксел Шпрингер, бидејќи без нивна поддршка ова немаше да функционира. Веројатно и не е толку уникатно. По убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, се основаше меѓународна група која го истражува нејзиното убиство. Во секој случај, ваквите иницијативи се лоши вести за сторителите. Верувам дека секогаш кога новинари ќе бидат убиени, во иднина ќе се основаат меѓународни групи кои ќе ги истражуваат случаите. Секој што ќе убие новинар треба да биде свесен во иднина дека подоцна ќе добие многу поголем проблем отколку проблемот што сака да го реши со убиство.

Каков напредок е постигнат со оваа заедничка соработка?

Можеме многу побрзо и поефективно да истражуваме. Притоа секој во групата истражува различно делче од мозаикот кои некој сам не може да го види. Вака можеме многу подлабоко да „копаме“ отколку ако работиме индивидуално.

Дали ќе продолжи соработката и понатаму?

Мислам дека да. Не знам колку долго, но во моментов продолжуваме, иако малку поспоро отколку на почетокот.

Дали гледате иднина за вас како новинар во Словачка?

Како новинар секогаш сте успешен кога условите не се толку добри и критикувате и откривате работи. Но постојат и граници кои можат да се надминат. Сè додека сме сѐуште демократија и сме дел од Европската унија, ќе продолжам да се борам. Но ако овде има авторитарен режим, тогаш повеќе нема да има смисла и нема да може да се работи како новинар. Бидејќи таа работа тогаш ќе биде забранета, а човек од затвор не може да работи како новинар. Мислам дека е тоа можен развој на настаните. Не е неизбежен, ама е можен.

Арпад Солтеж, кој има 48 години, е еден од најпознатите новинари во Словачка и во 90-те години на минатиот век беше еден од зачетниците на истражувачкото новинарство во земјата. Поради антикомунистичкиот став на неговиот татко, за време на диктатурата му било забрането да студира, и морал да работи во фабрика. По револуцијата во Чехословачка во ноември 1989. година Солтеж студира германистика, а потоа почнува да работи како новинар. Од пред неколку години Солтеж работи главно како политички коментатор, а во моментов за телевизискиот канал ТВ ЈОЈ.