Слободата на печатот мора да се брани | Свет | DW | 03.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Слободата на печатот мора да се брани

Вршејќи ја својата работа, новинарите често го ставаат својот живот на коцка. Денеска, на Меѓународниот ден на слободата на печатот и 65. роденден на ДВ, генералниот директор Лимбург дава ветување.

Трети мај е Меѓународен ден на слобода на печатот. Убаво е што постои таков ден. Барем еднаш годишно, славенички се потсетува на ова човеково право. Слободата на печатот е одлична тема за давање ветувања, зашто во текот на преостанатите 364 дена од годината светот далеку помалку се интересира за таа тема. Еве само неколку примери:

Демократските политичари од Европа се натпреваруваат во додворување на Кина. Притоа не е потребно ни да се потсетува дека слободата на печатот во таа земја не постои и дека независните понуди на Дојче веле и другите јавни сервиси за странство таму целосно се блокираат. А и странските стопанственици кои работат во Кина повеќе се грижат за своите бизниси отколку за човековите права. На тој начин себе си се испорачуваат на самоволието и барањата на Пекинг. Никој во Кина нема да протестира ако се шиканираат странските инвеститори. Во кинеските медиуми нема да има критика за тоа.

Чудно, но голем број германски и европски политичари се залагаат за вистинско разбирање на Владимир Путин, да се сфатат сериозно неговите стравови од НАТО и ЕУ. Стравовите на новинарите во Русија тука само пречат и се ставаат во позадина, се занемарува нивниот страв од заплашувања, претепувања, дури и убиства. Затоа е добро што новиот германски министер за надворешни работи Хајко Мас застапува сосем поинаков став.

И Иран ги блокира содржините на Дојче веле и на многу други јавни сервиси за странство и систематски ги малтретира нивните новинари. Веќе никој не зборува за 23 новинари кои се наоѓаат во затвор или подобро речено, мачилиштата на Револуционерната гарда. Па сепак, постојат политичари кои сонуваат за приближување кон тој режим кој сака да го уништи Израел, да го дестабилизира цел Блиски Исток и да извезува тероризам.

Global Media Forum 2016 Peter Limbourg (DW/M. Müller)

Петер Лимбург, генерален директор на Дојче веле

Притисок, насилство и целни напади против новинари

Во Авганситан германските војници се ангажирани преку 15 години, со цел на земјата да ѝ се донесе стабилност, слобода и мир. А сепак, во понеделникот во само еден напад таму загинаа десет новинари, кои свесно беа во визирот на терористите. 

Саудискиот престолонаследник го слават поради тоа што на жените им дозволи да возат автомобили и што отвори кино-сали за граѓаните. Во истовреме, блогерот Раиф Бадави уште е во затвор, само затоа што го практикуваше правото на слобода на мислење.

Повеќе: 

Недовршена битка: Македонските медиуми и слободата

Медиумите во канџите на автократите

Поголема медиумска почит кон оние кои мислат поинаку

Африканските автократи бараат, а тоа и го добиваат, поголема развојна помош. Но, на младите и динамични новинари, посебно во приватните медиуми, кои се обидуваат чесно да ја вршат својата работа, им го одземаат и воздухот кој го дишат. Во Бангладеш и Пакистан блогерите го ризикуваат животот ако известуваат за јакнењето на исламизмот во нивните земји. Делотворната поддршка од странство изостанува, без оглед на напорите на могумина дипломати. 

Мексико оваа година беше земја-партнер на Саемот за индустрија во Хановер. Притоа во ниедна друга земја не е толку опасно занимавањето со новинарство како таму, меѓу останатото затоа што државата не успева да излезе на крај со нарко-картелите. Лани таму беа убиени 11 новинари, само во Сирија ги имаше повеќе. Притоа и западните влади би требало да ја прифатат својата одговорност, зашто на крајот на краиштата, мнозинството консументи на дрога се наоѓа во нивните земји.

Ова набројување, за жал, би можело да продолжи во недоглед. Брзо би се дошло и до членката на НАТО, Турција, како и до членките на ЕУ - Полска и Унгарија. Списокот е тажен, тој бара повеќе отколку ветувања дадени на годишнината.

Што прават нашите политичари?

Нашите влади и нашите политичари би требало да го оценуваме според тоа што го работат, односно на кој начин протестираат против нападите врз слободата на медиумите. За тоа дали на диктаторите им зборуваат, јасно и гласно, кои се нашите вредности? Дали се спремни да се одречат од договори ако тие вредности еклатантно се кршат? Дали ја поврзуваат подготвеноста да се пружи развојна помош со почитувањето на човековите права и слободата на медиумите?

Демократијата низ цел свет ја загрозуваат диктатори, автократи и популисти. Таа може да преживее само ако демократите цврсто се залагаат за неа. Денеска, на 3. мај, Дојче веле слави роденден: веќе 65 години ги информираме луѓето ширум светот, слободно и независно. И натаму ќе се залагаме за слободата на медиумите. Ќе зборуваме за суштината на проблемите. Ветувам!

DW.COM

Реклама