Автоимуно самоуништување: Скопје стана град на пропуштена шанса! | Северна Македонија | DW | 26.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Автоимуно самоуништување: Скопје стана град на пропуштена шанса!

Недостигот од визија за развој на Скопје е супституиран со незнаење и урбанистичко-архитектонски мобинг врз супстратот на македонската престолнина, оценува професорот Горан Марковски.

Илјада и седумдесет граѓани починаа, а огромен број останаа без покрив над главата. Разорниот земјотрес утрото на 26-ти јули 1963 година предизвика многу семејни трауми, огромни човечки загуби и материјални штети, но во сета таа трагедија создаде и нова шанса: да се игради нов, модерен и функционален град, по мерка на неговите жители.

Педесет и осум години подоцна, дали Скопје навистина стана таков град? Ако се остават настрана емоциите на сите што живеат во него (најчесто поврзани со спомени за детството и младоста), оценката на стручњаците воопшто не е поволна. Градот Скопје денес едвај би добил преодна оценка. Шансата од пред 58 години не е искористена на правилен начин.

Goran Markovski, Universität Sv. Kiril i Metodij in Skopje

Горан Марковски, професор на катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет на УКИМ

„За постземјотресно Скопје, пропуштената шанса подразбира неповратно изгубена можност, од потполно невпечатливо европско предградие да прерасне во град со свој и тоа светски препознатлив, идентитет“, вели д-р Горан Марковски, професор на катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет на УКИМ.

„Пропуштената шанса  понекогаш може да значи неосвоен медал, неостварена љубов, за многумина нереализирана цел, за сонувачите мотив за бескрајно мечтаење. Исчезнаа визионерите, а со нив и визијата за дооформување на осмисленото градското јадро и на сето она што градот требаше да го направи вистински велеград. Испразненото место го зазедоа некои други, кои дезориентирани во маглата на сопствените заблуди, незнаење и деструктивна моќ, извршија урбанистичко-архитектонски мобинг врз супстратот на  македонската престолнина“, оценува професорот.  

Урбанистички егзибиции

Според Марковски, еден од проблемите е што транзицијата од еден во друг систем, во кој доминира приватниот интерес и капитал, ја дочекавме неподготвени. Како пример за тоа го посочува фактот дека првиот Закон за градење е донесен во 2005 година - дури 14 години по осамостојувањето на земјата. Марковски потенцира дека систем во кој личниот интерес прерасна во врвен и сѐ уште единствен приоритет, и кој нема оформени антитела на општествениот одбранбен механизам, од алчност почна автоимуно да се самоуништува.

„Се покажа дека приватниот капитал, особено во областа на градежништвото, поседува страотна моќ, дека по половина век од разорниот земјотрес почна да делува како негова своевидна антитеза - наместо со уривање, градот го разгради со опсесивно градење. Секаде и сешто. На секоја слободна пора од градското ткиво. На секоја сончева траекторија. Притоа, не водејќи сметка за заедничкиот интерес, за вистинските потреби, за одржливоста, климатските промени, сеизмичноста, за наследството што ни е оставено, за она што ќе го оставиме зад нас. Потклекна Скопје пред вирусот од шпекулативни и лукративни ГУП-ови, ЛУПД-ови, нарачани ДУП-ови и други урбанистички егзибиции, кои успешно се (зло)употребуваат како стекнато право и алиби за ѕидање нови урбани грдотии и за едновремено доѕидување на нечии финансиски кули, кои како трајни лузни на неговото тажно и изнемоштено лице ќе останат долго да сведочат за нашето постоење, цивилизациското ниво, за пропуштената шанса, за нас", укажува професорот.

Mazedonien Zentrum von Skopje

Приватниот капитал наместо со уривање, го разгради градот со опсесивно градење, вели д-р Марковски

Не само што не постои концепт и стратегиска визија дали и во која насока треба да се развива градот или да се каже „стоп“ за градењето, туку заради т.н. нарачан урбанизам денес се загушени и последните „икони“ на градот. Пример за тоа е старата железничка станица, која наместо да се реконструира и да биде претворена во културен центар, денес е опколена од нови масивни објекти, стуткана и маргинализирана меѓу нив.

Повеќе:

Има ли Шилегов мастер план за Скопје?

Градот убав никна, чекаме да процвета

Убиство со визија: Скопје меѓу елаборати и дислексија

Како почна, а како продолжи?

Отворен град, со топла душа, со специфична развојна историска патека на падови и подеми, катастрофи и благодети, со достигнато ниво во минатиот век на модерен град, во кој тековите на социјалното и на културното зреење се длабоко поврзани – вака го опишува Скопје архитектката Даница Павловска.

„Главната одлика на овој град е напластеноста на различни периоди со своите различни изрази, какo сведоштво за континуитетот на неговото живеење и изграден доказ за тоа дека секое време ја остава својата трага, својата архитектура. Комплексноста на градскиот живот расте постојано, понекогаш само со човечка добра намера, а понекогаш само судбински одредена“, вели таа.

Гледај видео 04:42

Брутализам пред објективот

Павловска потсетува дека трагедијата што му се случи на градот во 1963 година, изродила силен концепт - солидарноста, што не било само давање, подарување, помагање, туку и општо радосно прифаќање на метаморфозата на Скопје.

„Се создаде Град со емотивна аура, Град што го слави животот. Почна искрено барање на нови архитектонски форми во логиката на творештвото и се создаде типична современа архитектура со сета своја изразна и обликовна појавност, а како одраз на времето, општеството, предизвиците, можностите...“, потсетува Павловска.

Потребен е зелен мастер план

Но, она што тогаш почнало, очигледно не останало предмет на (стручна и општествена) конзистентост.  

„Свесни сме за феномените, што самите ги произведуваме, па потоа ги живееме  како последица на нашата неспособност, несоодветното делување и неодговорноста. Се работи за трајно непочитување на Градот како субјект и тоа стана присутна дневност, реална и чиста вистина за нас самите. Да, некаде во неговиот сив простор со години се акумулираа и се таложеа урбанистички, градежни и админстративни проблеми создавани од површни неквалитетни политики на неговото водење и управување. Процесот на природниот развој се комплицира, се отежнува и компромитира сѐ до актуелнава деликатна ситуација во која се препознава само интерес на политички толкувања. Токму тоа е фатално разочарувачко, под сомнеж се капацитетите и ефикасноста на архитектите, планерите, урбанистите; поразителен е односот на професионалците како фела, како општествена интелектуална сила“, вели Павловска.

Гледај видео 12:19

Дивата страна на Скопје

Сепак, смета дека не зависи само од нив. За да дојде до каков било напредок потребно е да се вклучат и да соработуваат сите чинители, да ги оправаат работите етапно и паралелно, во јавен и правен процес, поткрепен со примена на современи стандарди, технологии, поимања и знаења.

„Мора сите да веруваме во правото на секој за квалитетен градски простор и здрава и чиста животна средина. Значи, граѓанинот на прво место! Треба да произлезе скоро целосна трансформација, да завладее нова зелена филозофија во сите сфери на делување, приоритет да биде зелениот инвестициски циклус кој најефикасно ќе ја поткрене нашата од поодамна пандемична економија, и ќе произведе нови зелени пазарни сегменти, работни места, поквалитетна живеачка.

Гледај видео 03:22

Асфалт наместо зеленило

Град со зелена агенда - до зелена метаморфоза. Зелената агенда особено бара здрав урбанизам со ефикасни комунални и социјални услуги и привлечни културни содржини, а во комбинација со практикување во планирањето и проектирањето професионални конкурси, како и доследно спроведен рамномерен просторен развој преставен во зелен мастер план. Зелената агенда е агенда за поколенијата. Среќа е што сме во зародиш на една се поизразена граѓанска волја и активизам, кои ја брануваат и будат јавната и урбаната свест, која посочува и се бори за нова норма, која ги поместува границите на возможното“, уверена е Павловска.

И покрај засилениот граѓански активизам, на пример, јавните реакции не беа пресудни во корист на зачувувањето и зазеленување на последните слободни простори во градот. Веќе е извесна изградбата на неколку висококатници спроти хотелот „Холидеј ин“, а јавноста ја бранува и најавениот проект на просторот кај некогашна „Треска“. Во моментов никој не размислува за оплеменување на просторот со други содржини, освен за изградба на масивни станбени објекти. Не се води грижа за елементите од значење како што се заедничките простори. Денес „сеизмичките активности“ сѐ повеќе се случуваат во кабинетите каде што се одлучува. Таму се одземаат и последните преостанати шанси на Скопје.