Скопје се гуши во смог, Шилегов најавува трајно решение | Северна Македонија | DW | 12.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопје се гуши во смог, Шилегов најавува трајно решение

Маглата и смогот се се почеста глетка која ги пречекува секое утро и со која заспиваат секоја вечер жителите на главниот град. Надлежните најавуваат мерки, инспекции и повисоки казни. Ќе имаат ли некаков ефект?

Зимата се уште не е календарски ниту започната, а главниот град се гуши во смог. Со денови воздухот е енормно загаден, а видливоста во вечерните часови е толку отежната, што на фотографиите кои што граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи, не може да се забележи „ниту прст пред око“. Од ден на ден ситуацијата станува поалармантна - со намалувањето на температурите доаѓаат и проблемите за жителите на главниот град. Но, не се гуши во смог само Скопје. Проблем има и во останатите градови, каде дрвата најчесто се користат за затоплување на домовите.

Скопје повторно се искачи високо на листата на најзагадени градови во светот, откако концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот повторно ја преминаа границата на дозволеното. Деновиве Скопје беше во првите 10 најзагадени градови во светот. Загадувањето на воздухот се искачи и девет пати над дозволеното.

Тешко се дише и во Кавадарци, Гостивар и Велес. Екстремно загаден воздух дишат и жителите на Куманово и Тетово. Најголема загаденост вчеравечер имаше во Кавадарци, над девет пати од нормалната граница на ПМ 10 честичките. Загаденоста во Гостивар беше над седумпати, додека во скопската населба Лисиче шест пати над дозволеното. Лекарите предупредуваат дека ситните ПМ честички во воздухот предизвикуваат сериозни малигни заболувања, тешко дишење и воспалување на белите дробови.

Има ли спас?

Градоначалникот Шилегов очекува трајно решение на проблемот преку три компоненети: инспекции, нов јавен превоз и помалку оџаци, кои тврди дека годинава се намалени за 5.000.

„Едната е инспекцискиот надзор за кој верувам ќе се согласите дека е една од најактивните институции од тој вид и карактер во државата, втората е на самиот крај, а тоа е решавање на јавниот транспорт со кој ќе ги дестимулираме граѓаните да го користат автомобилот. И третата е организираното затоплување на домовите во која имавме сериозна интервенција оваа сезона“, вели градоначалникот Петре Шилегов. 

- повеќе на темата: Што треба да знае Петре Шилегов

Дополнителен проблем за аерозагадувањето оваа година е и ковид пандемијата. Здравствените власти алармираа дека загадениот воздух побрзо и подалеку го шири коронавирусот. Тоа беше и една од причините за воведувањето задолжително носење на маски на отворено.

Гледај видео 00:49

Страшна смрдеа и густ чад

Исплашени од казните, речиси да нема граѓани кои што не носат маска на отворено. Велат дека маската колку – толку ќе ги заштити од вирусот, но не се сигурни дека ќе може да ги заштити и од токсичниот воздух.

Поголеми казни

Владата на седница ја усвои предлог измената на законот за прекршоци што предвидува до 20 пати поголеми казни за загадување на животната средина.
„Со ова целиме кон обезбедување поголема заштита на животната средина. Се надевам дека ќе бидат усвоени повисоките казни и обврската за надоместување на сторените штети, со што ќе се намали загадувањето и несовесниот однос кон животната средина“, вели Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.

На иницијатива и во организација на граѓанското здружение О2 Иницијатива, формирана е интерпартиската парламентарна група, која како цел ќе ја има заштитата на природата и борба против загадувањето и климатските промени. Од О2 Иницијативата на социјалните мрежи уште еднаш побараа решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, но и во другите градови во земјава.

„Се гушиме од енормно загадениот воздух. Умираме од енормно загаден воздух. Планот за чист воздух до каде е? Сите молчат, требаше да имаме до 50 отсто помало загадување во Скопје. Одговорни? Никој“, се вели во нивната објава на Фејсбук. Оттаму велат дека во Скопскиот регион има околу 52.000 домаќинства што се греат на дрва и кои исто така придонесуваат кон зголемување на загаденоста на воздухот.

DW.COM