Скопје се гуши во отровна магла | Северна Македонија | DW | 28.11.2020

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопје се гуши во отровна магла

Северна Македонија е на врвот на листата на најзагадени земји во светот, со 3000 жртви годишно, како последица на загадениот воздух.

Скопје наутро е покрено со бел јорган од смог. Секоја есен и зима сликата е иста. Северна Македонија е на врвот на листата на најзагадени земји во светот, со 3000 жртви годишно, како последица на загадениот воздух.

На крстоницата кај Мавровка во Скопје врие од сообраќај. И додека тој се случува, мерната станица го мери загадувањето.

Горјан Јовановски е еко активист. Тој го чува Скопје и од себе, возејќи велосипед. Автор е на апликацијата „Мој воздух“ со која податоците за загадувањето станаа достапни на сите, дури и на 41 земја во светот.

Горјан вели дека е важно да се најде начин градот да се ослободи од загадувањето на воздухот што поскоро.

Гледај видео 02:52

Електровелосипед кој прочистува воздух

Апликацијата ги има податоците од сите мерни станици во земјата, и државните и волонтерските. Но, при проверката немавме среќа со мерната станица кај Ректорат, бидејќи таа не работи. Иако сите други околни станици покажуваа дека „Квалитетот на воздухот е загаден или опасен“

„Точно, тој ПМ10 сензорот кој што е во станицата, не работи од 18 октомври, информација која што може да се види во самата апликација 'Air care' од одредена причина, се расипал самиот сензор или не е функционален, или е пратен на поправка. За жал ние тука веќе не знаеме што дишеме поради тоа што вакви сензори се расипуваат на повеќе мерни станици од државата ширум Македонија", вели Јовановски.

Еден од факторите за загадувањето е сообраќајот, тоа се забележа за време на полицискиот час годинава. Скопје нема гасификација, загревањето на домаќинствата е една од причините за попладневните пикови. Но, на нив им се придружува и индустријата.

Планината Водно е опција за чист воздух во градот. Докторката Мими Кимовска Христов од „Движењето за чист воздух“ е гласна еко активистка.

Според неа, комбинацијата на загадувањето и Ковид- 19 е опасна и неопходно е да се реагира брзо во земја која предолго живее во смог

Гледај видео 05:12

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

.

„Можете и самите да видите, ова е загадување. Сето ова што го гледате како облак, како магла практично тоа е загадувањето на градот.  Ние ги броиме оние ПМ10 и ПМ 2,5 микро честички, меѓутоа мора да кажеме и дека има и токсични гасови, супстанци, хемикалии. ПМ 10 и ПМ 2,5 конкретно ја оштетуваат респираторната слузница. ПМ 2,5 се уште поопасни бидејќи тие со својата големина, бидејќи се мали, успеваат да навлезат преку дишните патишта, преку алвеолите внатре во крвта," вели Мими Кимовска Христов.

Повеќе на темата:

Скопје се гуши во смог, Шилегов најавува трајно решение

Сезона на опасно живеење во Скопје: меѓу загаден воздух и Ковид-19

Младите маршираа за чист воздух

Загадувањето им го дига притисокот и на институциите и на граѓаните

На Насер Нуредини. министер за животна средина во Северна Македонија, пораснат во Виена, му припадна задачата да го реши загадувањето во земјата. Тој верува дека сите заедно, локалната и извршната власт можат да го решат проблемот.

А формираната група од 39 пратеници, од власта и опозицијата здружени против загадувањето и заштита на природата влева надеж.

„Сметам дека не треба да се 39, туку треба да се сите 120 членови на парламентот вклучени во ова. Секој пратеник треба да биде вклучен во подобрување на животната средина, не само 39. Среќен сум што ќе можам да работам со секој од нив, заради можноста да добиеме конструктивен предлог", вели министерот и на прашањето кога може да очекуваме чист воздух во земјата, одговара:

„За жал ние имаме стари автомобили, во просек 16 години старост. Следно, треба да го промениме загревањето на зградите, не зборувам само за домовите, туку и јавните објекти исто така. На тоа работиме. Требаше да го смениме загревањето на неколку јавни објекти годинава, но фондот беше релоциран од Делегацијата на Европската унија, како фонд за економско справување со Ковидот. Имаме нови барања за фондови повторно. Сите промени во политиките кои ги правиме ќе бидат препознаени за неколку години. За жал не постои брзо решение, инаку некој пред нас ќе го направел тоа.

Во исто време треба да бидеме свесни кои индустриски објекти загадуваат, ќе треба да ги контролираме повеќе. Во моментов Државниот инспекторат прави проверка на најголемите индустриските објекти. Потребно е да имаме подобра соработка помеѓу локалната и државната инспекција бидејќи она што го гледаме е дека и малите индустриски објекти загадуваат значајно. "

Воздухот во Скопје е ист, загаден. Активистите секојдневно водат битка со секоја власт но, пејзажот не се менува. Горјан вели дека нема да престане да информира, затоа што тоа е неопходно за сите:

„Сега секој може да знае каков е воздухот околу него или нејзе. И може да преземе акција околу тоа, дали преку совесни мали чекори кои што ќе ги правиме во нашето секојдневие со возење велосипед, со користење на некое средство кое не загадува, со помало користење на автомобил. Или едноставно да направиме притисок врз оние кои што треба да преземат сериозни мерки за решавање на проблемот со загадувањето."

Еколошките прашања чекаат одговор со отпочнување на преговорите за влез во Европската унија. А дотогаш активистите неуморно ќе продолжат да делуваат за да ја дочекаат Зелена Северна Македонија.