Скопје и Тетово во четврта фаза на трансмисија на коронавирусот | Северна Македонија | DW | 31.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопје и Тетово во четврта фаза на трансмисија на коронавирусот

Институтот за јавно здравје денеска ја зголеми категоризацијата на ризикот од Ковид-19 во Тетово и во Штип, откако тоа претходно го стори и за Скопје. Регистрирани сe 62 нови позитивни случаи во 9 града.

Растот на бројот на заразени од коронавирусот во земјата последниве денови го алармираше и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој го подигна нивото на ризикот во три града: Скопје, Тетово и Штип.

Во неделата беа регистрирани 62 нови случаи на Ковид-19 во земјата. Најголемиот дел беа во Скопје-24, следува Штип со 14 и Тетово со 12 новозаразени. Во саботниот извештај на Институтот само Скопје беше во ткн. „фаза 4“ која се дефинира како „широко-распространета трансмисија во заедницата“, Тетово беше во „фаза 3“, додека останатата територија на државата беше во „фаза 2“. Од неделата во таа категоризација, согласно рамката на Светската здравствена организација за степенот на ризик, и Тетово е влезено во „фазата 4“, додека Штип исто така „напредува“ во „фаза 3“- која се дефинира како „локализирана трансмисија“. Фазата 2, во терминологијата на Институтот за јавно здравје, означува „спорадични случаи“, и во неа и понатаму се наоѓа остатокот на земјата. 

Во текот на април годинава, кога пандемијата бележеше драматичен раст и во земјата и во светот, ИЈЗ најчесто даваше општа проценка дека „ризикот за понатамошно ширење на Ковид-19 во Република Северна Македонија е многу висок.“

Министерот за здравство Венко Филипче во петокот најави дека Комисијата за заразни болести разгледува мерки кои би ги опфатиле најпогодените општини каде деновиве се бележи голем раст на заразени од коронавирусот: скопските општини Чаир, Бутел, Сарај; Тетово и Штип. В понеделник воведувањето карантин за некои од овие општини ќе биде тема на седницата на Комисијата.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу во неделата објави дека заминува во изолација откако контактирал со заразен од Ковид-19, додека потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири и неговото семејство се меѓу заразените од вирусот.

DW.COM

Реклама