Скопје и Берлин на различни фрекфенции за мисијата на Хајндл | Северна Македонија | DW | 11.05.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Скопје и Берлин на различни фрекфенции за мисијата на Хајндл

Шефот на македонската дипломатија го поздрави ангажманот на Германија и очекува потврда на европската перспектива. Хајндл на средби со партиите потписнички на Договорот од Пржино.

Германската амбасада во Скопје попладнево го потврди доаѓањето на специјалниот пратеник Јоханес Хајндл во Македонија в четврток. Хајндл, кој е актуелен германски амбасадор во Австрија, во Скопје ќе престојува два дена и ќе има средби со партиите потписнички на Договорот од Пржино, како и со амбасадорот на САД и другите амбасадори на земји-членки на ЕУ.

Доаѓањето на Хајндл го поздрави и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, кој оцени дека се работи за „позитивен сигнал“ од Берлин.

Според тековните случувања, извесно е дека Хајндл ќе дојде на „чист терен“ барем што се однесува до неизвесноста околу изборите на 5 јуни.

До Државната изборна комисија до попладнето ниту една политичка партија не поднела листа на кандидати за пратеници за предвремените избори закажани за 5 јуни. Владејачката ДУИ денеска потврди дека нема намера да го стори тоа, а на таков чекор одамна се одлучи и опозициската СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ и ДПА се уште не се изјасниле, но не се очекува да поднесат кандидатски листи.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje

Протести во Скопје

Дека Хајндл сепак нема да има лесна задача говорат „различните фреквенции“ на кои Скопје и Берлин ја толкуваат неговата мисија.

Министерот Попоски денеска изјави дека од Берлин очекува „зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ“. Дополнително, именувањето на Хајндл, Попоски го толкува и како доказ за интересот на Германија да и помогне на земјата во приближувањето кон ЕУ.

„И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин“, проценува Попоски.

Поинакви „сигнали“ од Берлин

Сигналите кои доаѓаат од Берлин изминативе деновиве, сепак, одеа во поинаква насока. Германското министерство за надворешни работи отворено и директно го обвини македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека го нарушил Договорот од Пржино со амнестијата. Шефот на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер пак порача дека кризата е голема пречка на патот кон ЕУ и НАТО.

„Се надевам дека во Македонија постои реалистичен поглед на нештата, дека растечката нестабилност и долготрајните конфликти многу ќе го отежнат патот кон ЕУ и НАТО“, изјави Штајнмајер на крајот на април.

Luxemburg EU-Außenministertreffen PK Frank-Walter Steinmeier

Франк-Валтер Штајнмајер

Германската дипломатија веќе долго време со загриженост го следи развојот на настаните во Македонија. Во текот на минатата година дури беше намалена и оценката за билатералните односи меѓу двете земји на „задоволителни“. Официјален Берлин во повеќе наврати отворено ги критикуваше македонските власти и експлицитно им ставаше до знаење дека е незадоволен од демократските процеси и институционалната политичка криза.

Јоханес Хајндл во Македонија доаѓа како личен избор на министерот Штајнмајер како дипломат со големо искуство и познавање на балканските прилики. Според најавите, во рамките на мисијата тој тесно ќе соработува со САД и со ЕУ, иако според некои толкувања, неговото именување е и (ин)директна критика за досегашниот ангажман на ЕУ во земјата.

Клучните прашања во чие решавање Хајндл треба да посредува во наредниот период се аболицијата на Иванов, форматот на владата која ќе треба да функционира до изборите, датумот на нивното одржување, како и спроведување на реформите дефинирани со Договорот од Пржино.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама