Скопје и Белград градат „специјални односи“ | Македонија | DW | 04.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје и Белград градат „специјални односи“

Додека македонските односи со Грција, Бугарија и најново со Албанија се речиси 'на мраз', со Белград цветаат и се повеќе од срдечни. Така е сѐ од 2006 година кога на власт дојде ВМРО- ДПМНЕ“, констатираат аналитичари

Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski (DW/P. Stojanovski)

Александар Вучиќ и Никола Груевски

„'Скопје 2014' на Вардар“ + „Белград на вода“ = гола вода“ или „Србија доби Груевски на квадрат“ се дел од коментарите на социјалните мрежи во Македонија по победата на Александар Вучиќ на претседателските избори во Србија. Авторите очигледно сакале да кажат дека нема разлика меѓу популизмот што владее во Македонија и нејзиниот северен сосед. Сепак, нивните ставови остануваат во сенка на честитката што претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, ја испрати до новиот српски колега. Во неа изрази задоволство од развојот на билатералните односи и уверување дека заедно ќе придонесат за уште поуспешна соработка во градењето добрососедски односи, регионална стабилност и интегрирање во ЕУ.

„Традиционалното пријателство, историските и особено меѓучовечките врски се огромен потенцијал што треба со заеднички напори да го ставиме во функција на зајакнување на меѓусебната доверба и интензивирање на севкупната соработка. Дозволете ми, господине Вучиќ, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување“, се вели во честитката од македонскиот претседател.

Mazedonien Gruevski und Serbien Nikolic (MIA)

Српскиот претседател Томислав Николиќ и македонскиот премиер Никола Груевски, 2012. година

Идентичен популизам

Меѓу македонските политички аналитичари нема дилема дека победата на Вучиќ е  добра вест за десницата во Македонија, која власта ја одржува преку сличен популистички инструментариум, како и довчерашниот српски премиер. Односите меѓу двете земји се сметаат за добри, без отворени прашања, со исклучок на непризнавањето на МПЦ од страна на СПЦ, кое српските власти го третираат како проблем „надвор од нивна надлежност“. Во сферата на бизнисот односите се темалат на добри намери и ненапишани стратегии. Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија вели дека во време кога глобализацијата го зема својот замав, а со тоа и данок, Македонија и Србија иднината треба да ја гледаат во здружување на своите ресурси.

„Само така е можен развој и отворање на нови трети пазари, кои се многу значајни и за двете земји и за целиот регион. Излегувањето на тие пазари не е лесно и потребни се сериозни средства кои нашите компании во овој момент ги немаат. Изработката на стратегиска програма за развој на регионот ќе овозможи голем број на компании да се здружат, да направат вистински пробив, а со тоа да се ослободат од стегите на националните економии“, оценува Рафајловски.

Првиот чекор е направен во февруари годинава. Формирани се Македонско-српски и Српско-македонски деловен совет во рамките на стопанските комори на Македонија и Србија, предводени од Живко Мукаетов, генерален директор на македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ и Миле Коциќ, сопственик на српската прехранбена индустрија „Јумис“. Деловните совети треба да бидат логистичка поддршка за компаниите од двете земји, да работат на овозможување заеднички настап на трети пазари и на унапредување на трговската размена меѓу Србија и Македонија, која годишно изнесува околу 700 милиони долари.

Авторитарни тенденции

„Леб, антидепресиви и пропагандистички игри“, беше еден од коментарите на оваа вест, со намера да укаже на сличноста од она што се случува на политички терен во двете земји. На тоа се осврнува и Лилјана Јаковлевска, новинар и добар познавач на македонско- српските односи.

„Евтиниот популизам кој во комбинација собаучот од `македонизација на Србија`  беше една од главните пораки во кампањата на Вучиќ, вроди со плод кај избирачите осиромашени и уплашени од нови конфликти. Проаѓајќи долг изборен пат од 'Не го даваме Косово' до 'Не ја даваме Македонија', Србија го затвори кругот и се врати на позициите кои многу потсетуваат на времето на Милошевиќ. 'Македонија треба да се ослободи од Шиптарите кои работат на создавање Велика Албанија и да се обединат со православието', беа дел од пропагандните пораки во предизборието во Србија, кои потврдуваат дека Белград и Скопје создаваат некакви 'специјални врски', на сметка на другите соседи“, укажува Јаковлевска.

Таа смета дека досегашната тенденција за авторитаризација на системот веројатно ќе продолжи, и само од српската опозиција зависи дали ќе може да се спротивстави на тоа.

„Вучиќ, исто како и Милошевиќ и Путин, власта ја носи со себе. Србија доби `татко на нацијата`, уште треба да го одбере својот Медведев. Идниот премиер секако ќе биде лојален на новиот претседател, без разлика дали е од редовите на неговата партија или непартиски кандидат. Оттука, тешко е да се очекува промена во односите меѓу Србија и Македонија, барем не додека не се разреши длабоката македонска криза. Пренесувајќи го наводниот став на Путин, Вучиќ всушност призна дека тој не сака во Македонија да види власт меѓу СДСМ и ДУИ. Режимот на Груевски е нивната добитна комбинација. Додека македонските односи со Грција, Бугарија и најново со Албанија се речиси 'на мраз', со Белград цветаат и се повеќе од срдечни. И така е се од 2006 година кога на власт дојде ВМРО- ДПМНЕ“, констатира Јаковлевска.

Österreich Ivica Dacic und Nikola Poposki Westbalkan-Konferenz in Wien (Reuters/H.P. Bader)

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и македонскиот, Никола Попоски во Виена, 2015. година

Берлински или руски процес?

Задоволството од развојот на македонско-српските односи неодамна го потврди македонскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Никола Попоски. Во интервју за магазинот „Српска економија“ од 15 март годинава, на прашањето дали ги смета за стабилни актуелните политички односи меѓу Македонија и Србија, тој одговори: „Да. Цврстото позитивно мислење меѓу народите е од најголема помош за добрите односи меѓу Македонија и Србија. Во разговорот со српските колеги слушнав дека според резултатите од анкетите, Србите имаат најпозитивно мислење за Македонија и за Македонците, а убеден сум дека тие ставови се идентични и од другата страна. Таквите релации секогаш ѝ помагаат на политиката. Ние сме турбулентен регион што станува уште потурбулентен, но сепак меѓучовечките односи имаат големо значење, што се одразува на политичките односи без оглед на предизвиците со кои се соочуваме“.

Контактите меѓу политичарите од двете земји бележат континуитет. Иванов беше во посета на Србија во октомври минатата година на одбележувањето на 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина. Претходно, српскиот претседател Томислав Николиќ во Битола присуствуваше на одбележувањето 100 години од битката на Кајмакчалан. И во двата наврата, тие ја реафирмираа идејата за изградба на пловен канал Дунав-Морава-Вардар-Солун, замислен како втора пловна магистрала, со која каналот Рајна-Мајна-Дунав ќе се поврзе со Егејско Море и патот од северна Европа до Солун би се скратил за 1.200 километри. Според стручњаците, кога ќе се пресметаат предностите и последиците, висината на инвестицијата и неизвесниот број години за исплатливост на проектот, сметката покажува дека каналот подобро функционира на хартија, отколку што ќе успее во практика. Според нив, постојаното реафирмирање на овој проект повеќе отсликува недостиг на други остварливи идеи, отколку недостиг на финансии. Особено во време кога и Македонија и Србија се активно вклучени во т.н. Берлински процес, кој со фондови од ЕУ ќе го помага инфраструктураното поврзување на земјите од Западен Балкан. Затоа, прашањето што сега го актуелизираат аналитичарите е - дали двете земји повеќе му намигнуваат на берлинскиот (европскиот) или на некој „руски процес“?

 

DW.COM

Реклама