Силен земјотрес предизвика паника во Атина | Информации и анализи за Балкан | DW | 19.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Силен земјотрес предизвика паника во Атина

Епицентарот на потресот од 5.1 степен бил северозападно од грчкиот главен град. Досега, нема извештаи за жртви или поголеми штети. Но проблеми се појавија со снабдувањето со електрична енергија и телефонските врски

Илјадници луѓе во Атина панично истрчаа на улиците, раскажуваат очевидци за светските новински агенции. Грчката цивилна заштита се обидува да собере информации за ситуацијата, објави Грчкото државно радио (ЕРТ). Засега, нема информации за сериозна штета или повредени луѓе во земјотресот. Според ЕРТ, противпожарната служба спасила околу десетина луѓе заробени во лифтови.

По првичните мерења од страна на Грчкиот институт за земјотреси, потресот имал интензитет од 5.1 степен според Рихтеровата скала. Епицентарот се наоѓал на околу 25 километри северозападно од главниот град на Грција на длабочина од околу 15 километри. Имало и повеќе последователни потреси, соопшти институтот.

Германскиот центар за геолошки истражувања  во Потсдам на својата веб-страница пак објави дека земјотресот имал интензитет од 4,8 степени. Во некои области на Атина имало и прекини во снабдувањето со електричната енергија. Освен тоа, делумно прекинати биле и телекомуникациските врски, затоа што многу луѓе се обиделе да стапат во контакт со своите роднини.

Поради придвижувањето на тектонските плочи, земјотреси редовно се случуваат во регионот на Средоземното Море, но тие обично немаат голем интензитет. Во 1999 година, меѓутоа во земјотрес со интензитет од 5,9 степени според Рихтеровата скала во Атина и во регионот северозападно од главниот град на Грција загинаа 143 луѓе.

 

DW.COM

Реклама