СЗО: Индиската мутација на коронавирусот – глобален здравствен ризик | Свет | DW | 11.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

СЗО: Индиската мутација на коронавирусот – глобален здравствен ризик

Според Светската здравствена организација, постојат индиции дека индискиот сој на коронавирус е позаразен од другите. Во моментов пандемијата предизвикува стравични состојби на супконтинентот.

Светската здравствена организација ја оцени вирусната мутација Б.1.617 како светски загрижувачка. „Располагаме со информации кои укажуваат на зголемена преносливост на оваа вирусна варијанта“, изјави експертката на СЗО Мариа Ван Керхове, иако податоците треба допрва целосно да се анализираат.

Досегашните резултати од студиите покажуваат и дека човековиот имунолошки систем може да реагира поинаку на оваа варијанта, но нема докази дека тестовите за коронавирус, лековите или вакцините се помалку ефикасни против индискиот сој.

Варијантите на Ковид-19 од страна на СЗО се поделени во две категории: варијанти под надзор, кои се широко распространети, и загрижувачки варијанти, кои се позаразни и потешки за сузбивање или пак водат кон потешки форми на заболување.

Досега СЗО како загрижувачки ги класифицираше тн. британска варијанта, јужноафриканска и бразилска.

Во Индија со коронавирус дневно се инфицираат стотици илјади луѓе, од почетокот на пандемијата досега се регистрирани 22,6 милиони инфекции. Здравствениот систем на земјата е целосно преоптоварен, постојано стигнуваат извештаи за смртни случаи поради недостиг од кислород на клиниките. Германија и други земји во меѓувреме почнаа со испраќање итна медицинска помош.

Гледај видео 02:15

Индија: Новиот бран на коронавирус наликува на цунами

Во северниот дел од Индија во меѓувреме на брегот на реката Ганг испливале бројни трупови, за кои се претпоставува дека се жртви на Ковид-19. Застрашувачките слики предизвикаа вџашеност не само кај домашната јавност. Претставници на власта изјавија дека само на границата меѓу Бихар и Утар Прадеш, две од најсиромашните сојузни држави во Индија, се пронајдени околу 40 тела, некои со денови пливале по реката. Веројатно се фрлени во водата бидејќи крематориумите се преполни или роднините не можеле да обезбедат дрва за спалување на труповите на клади.

Повеќе:

Дезинформациите ја отежнуваат борбата на Индија против коронавирусот

Индијците преку социјални мрежи бараат кислородни боци и празни болнички кревети

Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија?

Во индиските земјоделски региони пандемијата има земено огромен замав, со кој локалните крематориуми и здравството не можат да се справат. Според официјалната статистика, во Индија дневно од коронавирус умираат околу 4.000 лица, вкупниот број достигна до 250.000, но се претпоставува дека реалните бројки се многукратно повисоки.