Се зголемува бројот на милионери во Германија | Економија | DW | 28.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се зголемува бројот на милионери во Германија

Секоја година да се заработуваат повеќе од еден милион евра - она за што многу луѓе сонуваат е реалност за 17.400 граѓани на Германија.

Бројот на милионери во Германија се зголемува. Од 39,8 милиони даночни обврзници, во 2013 година 17.400 заработиле најмалку еден милион евра. Тоа се 2.800 милионери повеќе отколку во 2010 година, објави Сојузниот завод за статистика. Просечниот приход во групата милионери изнесува 2,7 милиони евра.

Бројките произлегуваат од статистиката за приходи во 2013 година, која поради долгите рокови за поднесување даночни пријави и обработка се добива дури три и пол години од завршување на годината на која се однесуваат податоците.

Во Германија стапката на оданочување се зголемува со висината на приходите, па даночните обврници се различно оптоварени со даноци. Највисока стапка од 45% во 2013 година платиле граѓаните кои заработиле над 250.731 евра. Во 2013 година 79.200 граѓани морале да платат ваков т. н. данок на богатство. Со такво оданочување пристигнале 11,5% од вкупните приходи од даноци во државата.

Меѓутоа, најмногу приходи од даноци се добиени од една друга група граѓани - оние кои се оданочени со стапка од 42%. Таков данок платиле 2,1 милиони даночни обврзници. Нивниот годишен приход изнесува најмалку 52.882 евра.

Никаков данок не плаќаат лицата чиј приход изнесува под 8.131 евра. Во таа група се вбројуваат 9,6 милиони луѓе.

Реклама