Сеќавање на антивоениот отпор во Србија: „Ние не молчевме” | Информации и анализи за Балкан | DW | 09.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Сеќавање на антивоениот отпор во Србија: „Ние не молчевме”

Пред три децении антивоените протести во Војводина ја доведуваа власта до очај и спасија илјадници луѓе од мобилизација. Во Сента е одржан собир на кој учесниците се потсетија на случувањата за кои денес главно се молчи.

Serbien - Diskussion über Antikriegsproteste

Вера Вебел Татиќ беше истакната антивоена активистка

„Ние навистина живеевме во вистинска смисла на зборот, зашто пружавме отпор на военото лудило, зашто не молчевме.“

Овие зборови на мировната активистка Манда Пришинг од Сомбор се слика на расположението меѓу ветераните на антивоениот отпор во Војводина кои на покана на белградската невладина организација „Жени во црно” одржаа скромен собир во ресторанот „Етноголд” во Сента за да ја одбележат 30-годишнината од антивоените протести.

„Нема да дозволиме да се избришат сеќавањата на антивоениот отпор, како што не дозволуваме да се заборават воените злосторства”, вели Сташа Зајовиќ, главен координатор на организацијата.

Се работи за периодот кога веќе почна војната во Хрватска и кога крвавиот распад на Југославија веќе имаше земено замав. Според проценките во Србија, од есента 1991 до пролетта 1992 насилно се мобилизирани околу 140 илјади лица, од кои најмногу во Војводина, односно околу 82 илјади. Притоа никогаш официјално не беше прогласена воена состојба.

Во собирните центри во близина на Сента на резервистите им било соопштено дека одат на боишта во Хрватска и дека треба да потпишат дека се доброволци. Многумина одбија и демонтрациите почнаа во Сента, а потоа и во Ада. Се бараше да не одат на боишта и се порачуваше дека се подготвени Србија да ја бранат дома, не во Хрватска. Се бараше да се вратат сите мобилизирани.

Повеќе: Моја Европа: Поуките од распадот на Југославија

„Сакаме мир!“

„Мобилизацијата функционираше со помош на полицијата. Наводно луѓето ги викале на воена вежба во времетраење од пет дена. На собирниот пункт во селото Торњош, покрај Сента, дознале дека треба да одат на боишта во Хрватска!”, се потсетува Карољ Вицеи, автор и преведувач, и додава: „Членовите на нивните семејства почнаа од тој момент да се собираат во центарот на Сента, пред Градското собрание. И покрај дождот, бројот на луѓе стануваше сѐ поголем. На покана на демонстрантите дојде и Ненад Чанак. Условот беше да му набавиме канта бензин за да може да се врати во Нови Сад. Такви беа времињата, немаше ни бензин ни пари. Одржа ефектен говор, а луѓето скандираа ‘Сакаме мир’!”

Вицеи во тоа време работел во книжарница во центарот на градот. Таа била центар за логистичката поддршка, од таму делеле чај, сендвичи, печателе летоци. Таму бил формиран и кризниот штаб.

Полицијата ја опколила Сента, а од книжарницата ги известиле странските медиуми за случувањата.

Карољ Вицеи утредента отпатувал во Унгарија за да им предаде на тамошните медиуми снимки од протестите. Веќе не можел да се врати. Во Сента дошол по осум месеци, а работата ја загубил.

„Собранието под притисок на антивоените протести усвои одлука за распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за војна или не. Тоа беше историско случување, како и фактот дека само два дена подоцна Уставниот суд ја укина одлуката која ја донесоа градските собранија во Сента и Ада“, се потсетува активистот Лајош Бала. По демонстрациите тој добил отказ од директор на локалното училиште.

Kroatien-Krieg 1991 - Entwicklung der Migration nach Deutschland

Вуковар, 19.11.1991 година

Мобилизацијата како етничко и политичко чистење

Сташа Зајовиќ вели дека мобилизацијата имала карактер на етничко чистење, бидејќи најмногу се одвивала во средините масовно населени со Унгарци, Хрвати... Сведоци наведуваат дека во тој период околу 25 илјади Унгарци одбиле покана за мобилизација и пронашле скривалиште во странство.

Според проценките во Војводина, во периодот од 1991 до 1995 година имало околу 200 илјади дезертери. Мобилизацијата служела и за пресметка со политичките неистомисленици, за што сведочи и примерот на лидерот на социјалдемократите на Војводина, Ненад Чанак. На 8 ноември 1991, само неколку дена по антивоените демонстрации, го уапсиле и го одвеле на боиште во Хрватска и тоа во единицата на доброволци. Таму поминал тешки денови сѐ до 12 декември истата година. Во „Воениот дневник”, кој е објавен во 1991 година во белградскиот неделник „Време”, Чанак сведочел дека „случувањата во Сента и Ада беа навистина импресивни, насобраната толпа одлучи дека военото лудило мора да се сопре, сите зборуваа различни мајчини јазици, но заедничка желба за мир (...) Момчиња во униформи опкружени од мајки, семејства, соседи со по некое дете во раце стојат на улици (...) Зборував за сите кои се загрозени и за сите на кои им е потребна нашата помош (...) Дека не сакаме да живееме во земја која ја кројат генералите. Дека ние, без оглед на нација и вера, сме свои и дека во тој момент се делиме на тие што се за војна и тие што се против…“

Повеќе: Наследството на партизаните и уништувањето на антифашистичките споменици

Јохана Сабо, сопруга на Јанош Сабо, се потсети низ што поминала за да го ослободи сопругот од затворот во кој бил поради одбивањето да оди во војна и апелот до останатите да не земаат оружје в рака.

Сабо бил дел од „Сентската тројка”, која покрај него ја сочинувале и Јожеф Бодо и Јожеф Пап. По демонстрациите ги уапсиле и ги префрлиле во Нови Сад, а потоа во воен објект во Фрушка Гора, каде ги малтретирале и физички и психички, а на крај биле префрлени во воен притвор во Белград. Тројцата биле и 35 дена на боиште, а по враќањето во Сента добиле повик од Воениот суд во Белград со обвинение за предавство. Во двегодишниот процес обвинението е повеќепати менувано и потоа сите биле ослободени. Пап не го издржал притисокот и извршил самоубиство.

Serbien - Diskussion über Antikriegsproteste

Мапа на антивоениот отпор

Жената од Војводина која го спаси Осиек

На собирот во Сента е претставена и публикацијата на Жените во црно „Го паметиме антивоениот отпор – Вера Вебел Татиќ и Центарот за антивоена акција (ЦАА) Ада“.

Вера Вебел Татиќ (1943 – 2020) беше основач и лидерка на ЦАА Ада. ЦАА е основан на 7 ноември – еден ден по антивоените демонстрации против присилната мобилизација во Ада. Им пружаа помош на момчињата кои служеа редовен воен рок, на резервистите, односно на оние кои беа мобилизирани за да се испратат на боиштата во Хрватска, а со помош на нивните семејства им помагаа на оние кои не сакаа да бидат мобилизирани и да ја напуштат земјата.

Воените власти ги обвинуваа антивоените движења за неуспесите на фронтот. Генерал Живота Паниќ ги обвини антивоените активисти дека ЈНА поради нив не успеала да го освои Осиек, бидејќи спречиле повеќе од 30.000 луѓе да одат на фронтот.

„Ако е тоа навистина така, тогаш сум среќна за тоа. Да живеам илјада години не би можела да добијам поголем комплимент,“ рече тогаш Вера Вебел Тадиќ.

Повеќе: Словенија 30 години од независноста: Заробени во духот на минатото?

Поради антивоениот ангажман таа во декември 1991 година добила отказ од работа во општинскиот фонд за здравство. Многу антивоени активисти доживеаја иста судбина. „Ако му се помогне на еден човек, сте му помогнале на цел свет. Отсекогаш работевме на тоа да спасуваме човечки животи, бидејќи човечкиот живот е најважен,“ зборуваше Вера Вебел Татиќ.

„Таа никогаш не доби признание од нашите власти. Тоа е срамно,“ рече на собирот нејзиниот сопруг Иштван Вебел. „Се плашам да не почнат повторно да собираат народ по Војводина, за да го ‘браниме српството’. Тоа најмногу ме загрижува сега,“ заклучува тој.

Serbien - Diskussion über Antikriegsproteste

Иштван Вебел

Мапа на антивоениот отпор

„Жените во црно” објавија и мапа на антивоениот отпор во Србија на која се означени бројни градови и места во земјата каде се појавил отпор против мобилизација и против војната, од пролетта 1991 до пролетта 1992. Ова е сведоштво спротивно на наметнатото мислење дека во Србија немало отпор кон војната. Тоа само систематски е турнато во заборав.

Филозофот Лино Вељак на собирот рече дека квинслинзите од Втората светска војна „повторно ги кренаа главите“. „Ако не им се спротивставиме, тогаш тие ќе доминираат со земјата, регионот, па и планетата,“ рече Вељак.

Или, како што во една пригода рече социологот и антивоена активистка Јања Беч Нојман: „Ќе дојде време кога некои идни генерации ќе се гордеат со нашиот антивоен отпор и нема веќе да мора да молчат за тоа.“